1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од февруари секој ден чартер лет со туристи во Македонија

ДТЗ
2 октомври 2024

Станува збор за туристи од Германија, Франција и Велика Британија коишто би ја посетувале земјата надвор од сезона и се заинтересирани пред сѐ за културен туризам.

https://p.dw.com/p/4lKhL
Скопје
Од февруари секој ден чартер лет со туристи во Македонија Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од февруари по еден авион со туристи секој ден ќе пристигнува во Северна Македонија. Станува збор за околу 35 илјади гости од Европа коишто годишно би ја посетиле земјата и нејзините културни знаменитости.Очекувањата се на тој начин да се остварат над 140 илјади ноќевања и во земјата да се слеат околу 50 милиони евра годишно. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата заедно со претставник на тур-операторот од Германија - РСД.

Кристијан Франк, од компанијата РСД, вели дека е благодарен за можноста што му била дадена и за поддршката на премиерот за нивната намера да донесат 35.000 туристи во Македонија.

„Од овој февруари тур-орепаторот започнува да носи по еден авион туристи секој ден, кои ќе доаѓаат од Германија, Франција и од Велика Британија. Тоа би значело дека според просекот којшто досега е направен, врз основа на искуствата од изминатите години работа на оваа компанија, тоа би значело дополнителни околу 30-на милиони евра, пари коишто би ги потрошиле гостите коишто ќе нѐ посетат, или заедно, ако се вкалкулира и сместувањето и превозот, можеме да дојдеме до бројката од 50-тина милиони евра“, вели Мицкоски. 

аеродром Скопје
Германски тур-оператор ќе носи 35 илјади туристи годишно во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Балканска тура 

Овие 35 илјади гости практично ќе бидат на балканска тура, која започнува со едно ноќевање во Скопје, потоа продолжува во Црна Гора и Албанија, потоа со ноќевање во Охрид и завршува со уште две ноќевања во Скопје. 

Вкупниот број ноќевања на овие 35 илјади гости коишто ќе доаѓаат годишно на почеток, претставува 10 до 15 проценти од вкупниот број на ноќевања коишто ги остваруваат странските гости во овој момент кај нас, вели Мицкоски.

Планот е бројката да се удвои. 

Културен туризам 

Станува збор за туристи коишто би ја посетувале земјата надвор од сезоната и се заинтересирани пред сѐ за културен туризам. Компанијата РСД има над една милијарда евра годишен обрт и порај туризмот се занимава со други области, како што се маркетинг, телекомуникации, енергетика, хотелиерство.  

Искуствен туризам во Охрид