Германската економија со пораст од 1,9% во 2022
13 јануари 2023Економското постигнување на Германија во 2022 година се зголеми за 1,9 отсто во споредба со претходната година, објави денеска (13.01) Сојузниот завод за статистика врз основа на првичните пресметки. Во 2021 година, брутодомашниот производ (БДП) порасна за 2,6 проценти.
Војната во Украина ги уништи надежите за силен подем по две години пандемија, но најголемата европска економија сепак бележи силен раст.
„Севкупната економска ситуација во Германија во 2022 година првенствено беше обликувана од последиците од војната во Украина, која донесе екстремни зголемувања на цените на енергијата“, изјави претседателката на Сојузниот завод за статистика, Рут Бранд, во Берлин.
И покрај загубата на куповната моќ поради рекордната инфлација од 7,9 отсто, потрошувачите се тие кои лани ѝ дадоа особен поттик на економијата со 4,6 отсто поголема потрошувачка. Парите заштедени за време на пандемијата, поради неможност да се купува или излегува, во 2022 година беа делумно потрошени. Освен тоа, компаниите инвестирале 2,5 отсто повеќе во опрема, како машини и возила.
Наспроти тоа, трошоците за градежништво се намалени за 1,6 отсто поради повисоките кредитни трошоци и тесните грла во испораките. Извозот се зголеми за 3,2 отсто, додека увозот порасна за 6,7 отсто. Така, економското постигнување повторно го надмина нивото пред короната од 2019 година.
Изгледите за 2023 година се подобруваат
Многу економисти веќе не ги оценуваатизгледите за 2023 година толку мрачно како по почетокот на руската инвазија на Украина: рецесијата од која се стравуваше долго време веројатно ќе биде релативно блага, а најновите економски прогнози предвидуваат пад на БДП за помалку од еден процент во 2023 година.
Бидејќи државата им дава помош на приватните домаќинства и компаниите од милијарди евра по наглото зголемување на трошоците за енергија, некои институти дури очекуваат благ економски раст во Германија во тековнава година.
Многу домаќинства сè уште имаат релативно големи суми пари што не можеа да ги потрошат за време на пандемијата, бидејќи немаше патувања, а откажани беа и рекреативните активности.
Инфлацијата најверојатно ќе се намали
Во моментов високите трошоци за енергија и генерално високата инфлација ја забавуваат потрошувачката, но, според економистите, ситуацијата треба постепено да се ублажува од втората половина на 2023 година. Тогаш повторно треба да се зголеми и приватната потрошувачка, која е важен столб на домашната економија. Дополнително, економистите очекуваат повторно да се зголеми побарувачката од странство за стоки „Made in Germany".
„Економскиот раст во 2023 година ќе биде значително послаб и ќе биде блиску до границата на стагнација“, изјави Себастијан Дулиен, директор на институтот ИМК, кој е близок до синдикатите. Затоа што економијата само што се обидува да излезе од шокот од цените на енергијата. Килскиот институт за светска економија (ИфВ) очекува раст од 0,3 проценти оваа година, што треба да се забрза до 1,3 проценти во 2024 година. Минхенскиот Ифо институт и институтот РВИ од Есен, од друга страна, очекуваат пад од 0,1 отсто во 2023 година.
Германскиот државен дефицит падна на 2,6 отсто
Во исто време,владините програми за помош во 2023 година веројатно повторно ќе го зголемат државниот дефицит. Според пресметките, сојузот, покраините, општините и социјалните осигурувања и во текот на изминатата година потрошиле повеќе пари отколку што добиле. Минусот изнесува 101,6 милијарди евра.
Сепак, по два исклучока во годините на корона - во 2020 (4,3 проценти дефицит) и 2021 година (3,7 проценти дефицит) - Германија во 2022-ра повторно го почитуваше европското правило за задолжување: дефицитот минатата година, според прелиминарните пресметки, изнесуваше 2 ,6 проценти.
Европскиот пакт за стабилизација и пораст на државите од ЕУ им дозволува буџетски дефицит од најмногу 3% и вкупно задолжување од најмногу 60% од номиналниот БДП. Поради скапите програми за помош во времето на пандемијата, државите на ЕУ ги ставија овие правила вон сила. Според актуелната состојба, пактот би требало повторно да важи регуларно од 2024 година.