1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија: судење на Хрват кој продавал пица со кокаин

Среќко Матиќ
22 јануари 2025

Кој и да нарачал „пица број 40“ од Стипе Р., добивал и кокаин. На хрватскиот државјанин кој е обвинет за трговија со дрога и членство во криминална организација сега му се суди во Диселдорф.

https://p.dw.com/p/4pT6o
„Пица на Стипе од фритеза“
„Пица на Стипе од фритеза“Фотографија: DW

Стариот град на Диселдорф е тежок терен за рестораните. Конкуренцијата во Алтштад“ (стариот град) е огромна. Поради големиот број на кафулиња, барови и ресторани, оваа популарна населба често се нарекува „најдолгиот шанк на светот“. 

Стипе Р. не се плашел од конкуренцијата. Со својот мал објект каде што нудел пици од фритеза, овој Хрват успеал брзо да се наметне и да стекне задоволни клиенти. Како што еднаш изјавил за ТВ станицата Вокс, долго размислувал што може да им понуди на клиентите и потоа му паднало на памет дека тоа треба да биде „нешто сосема друго, нешто што досега го нема“. 

Регионалниот суд во Дизелдорф
Судењето ќе се води пред Регионалниот суд во ДизелдорфФотографија: Fotowerkstatt-ks/Imagebroker/picture alliance

Пица број 40 

Хит во понудата на „Пицата на Стипе од фритеза“ била пицата број 40. Кој ќе ја нарачал таа пица, во картонот место пица, добивал дрога. Како „специјален додаток“. Според очевидци, тој во картонска кутија доставувал пакет кокаин во вредност од 40 евра. 

Според Државното обвинителство, 37-годишниот сопственик на пицерија со години продавал „пица број 40“. Веста за неговото апсење есента минатата година го привлече вниманието на јавноста ширум Германија.

„Случајот со пицеријата е уникатен, и според димензиите и според начинот на кој сè се случувало“, изјави тогаш Михаел Граф фон Молтке од полициската управа во Дизелдорф. Тој ја водел истрагата за случајот. 

пицерија Стипе
Стипе Р. продолжил да ја продава пицата број 40 откако бил приведен, па ослободен од полицијатаФотографија: DW

Предвидени се пет рочишта 

Според Окружниот суд во Диселдорф, Стипе Р. се уште не се изјаснил за виновен по обвиненијата. Тој ќе има можност тоа да го направи во текот на судската постапка која започна во средата (22.01). Предвидени се пет рочишта до 12 февруари кога треба да биде изречена првостепената пресуда.

Сопственикот на пицеријата претходно не им бил познат на германските правосудни органи. Како што потврдија од Државното обвинителство, тој на мета на истражителите се нашол во март минатата година поради сомнеж за работа на црно во неговиот локал, по што е спроведена инспекција во објектот. Во таа прилика на контролорите им паднала око пица со „необични состојки“.

За сѐ била информирана полицијата. Недолго потоа, полицајците затропале на вратата од станот во кој престојувал Стипе Р. Тој во паника фрлил вреќа од балконот, во која, според обвинението, имало речиси 264.000 евра, повеќе од 200 грама канабис и приближно 1,6 килограми кокаин.

„Вреќата буквално паднала во рацете на полицајците кои биле пред зградата“, потврдија од Државното обвинителство. 

Хрватскиот државјанин тогаш бил првпат уапсен, но по само два дена повторно бил ослободен. Неколку дена подоцна отишол во пицерија и - продолжил да ја продава пицата број 40. 

Обид за бегство во Хрватска 

Оттогаш, германските истражители почнале да го следат објектот на Стипе Р. за да соберат повеќе информации за тоа кој дистрибуира дрога, односно кои се луѓето кои управуваат со таа мрежа.

На 21 август минатата година Стипе Р. повторно е уапсен и оттогаш се наоѓа во истражен затвор. Таму бил приведен поради обид за бегство во странство. Имено, тој планирал брзо да го продаде локалот и да побегне во Хрватска. Германското правосудство го товари за организирана трговија со дрога и членство во криминална група.

Доколку се докаже дека е виновен, се соочува со повеќегодишна затворска казна. Тој во Германија пристигнал пред неколку години. Според неговите зборови, бил незадоволен од ситуацијата во Хрватска, па сакал да се испроба во претприемништвото.

Во рација спроведена во октомври 2024 година, полицијата, врз основа на информациите од надзорот на неговата пицерија, уапсила и 22-годишен маж од Диселдорф, кој се смета за шеф на бандата која тргувала со дрога. Приведени се 28-годишен маж од блискиот Хан, како и 30-годишен маж од Келн. 

Дизелдорф
Најдолгиот бар на светот“ – вака често се нарекува центарот на стариот град во Дизелдорф, поради големиот број угостителски објектиФотографија: Shahriar Sedighi

Разбиена криминална мрежа 

Во полициската акција спроведена во неколку градови во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија учествувале 150 полицајци, односно припадници на специјалните единици. Според полицијата, тогаш била разбиена мрежа на наркодилери во која биле инволвирани 12 лица. Полицајците меѓу другото откриле и две плантажи со канабис, а одземени се и неколку парчиња оружје, неколку скапи рачни часовници и парични средства.

Уапсениот 22-годишник, кој е државјанин на Русија, се соочува со максимална затворска казна до 15 години за трговија со дрога и други тешки кривични дела, потврди државниот обвинител Лаура Нојман.

Засега не е познат датумот на отпочнување на судската постапка против него, како и против двајца негови соучесници.  

Германија: Пица со кокаин - „хит“ во ресторан во Диселдорф

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема