Германија ги заострува мерките пред зимскиот ковид-бран
25 август 2022Сите патници во железничкиот, автобускиот и авионскиот сообраќај во Германија ќе мора да носат заштитни маски од типот Н95 во текот на претстојните есенски и зимски месеци, одлучи германската влада. Досега маските беа обврзувачки во јавниот превоз, но доволни беа и обични, ткн. медицински маски.
Новите мерки, кои ќе стапат во сила од 1 октомври, а ќе траат до 7 април следната година, вклучуваат и обврска да се носат маски и задолжителен тест на коронавирус пред влез во болница, домови за нега и слични институции кои згрижуваат ранливи категории граѓани.
Локални мерки
Дополнително, 16-те германски покраини ќе имаат право да воведуваат сопствени мерки во зависност од тоа колку тешко се погодени од вирусот. Покраинските влади можат да одлучат да воведат задолжително носење маска во локалниот превоз, во училиштата од 5-то одделение нагоре, и на големите настани во затворени простории. Доколку вирусот повторно почне неконтролирано да се шири, бројот на лица на јавни настани може да се ограничи и да се наложи задолжително тестирање.
Учениците најмногу страдаа
Германската влада тврди дека повеќе нема да има карантини или затворање на училишта без оглед како ќе се развива пандемијата во периодот на студените зимски месеци.
„Учениците најмногу страдаа за време на пандемијата... особено во однос на нивното право на образование, поради затворањето на училиштата“, вели министерот за правда Марко Бушман.
„Затоа сум особено задоволен што брзо се усогласивме дека инструментот на затворање училишта е целосно непотребен“.
Новата регулатива треба да биде одобрена од двата дома на германскиот парламент.