Германија: Помалку од 1.200 евра пензија по 45 години работа
23 јули 2024Приближно секој петти пензионер во Германија, со најмалку 45 години стаж, добива пензија помала од 1.200 евра – за германски услови, прилично ниска сума која едвај може да ги покрие животните трошоци. За споредба: просечната бруто плата во Германија во април минатата година изнесувала 4.323 евра.
Информациите за висината на пензиите беа наведени во одговорот на сојузната влада на барањето на пратеничката во Бундестагот, Сара Вагенкнехт, шефица на партијата - БСВ, која е именувана по неа. На крајот на минатата година месечната исплата на пензија била помала од 1.200 евра за приближно 1,08 милиони од вкупно 5,24 милиони старосни пензии со најмалку 45 години стаж.
Пониски пензии во источна Германија
Во источните германски покраини има значително поголем број на луѓе со долг стаж и ниски пензии отколку на запад. На пример, во покраината Бранденбург приближно 71.000 луѓе по 45 години добиваат пензија помала од 1.200 евра, додека 212.000 од овие посебно долго осигурени пензионери имаат повисока пензија, а во Тирингија 74.000 се со пониска и 189.000 со повисока пензија.
Вагенкнехт праша и за просечната пензија по најмалку 45 години осигурување - одговорот е дека во целата земја таа е во просек 1.604 евра. Но, има значителни разлики: додека, според податоците од декември 2023 година, просекот на запад е 1.663 евра, на исток е само 1.471 евро.
Меѓутоа, Вагенкнехт прашала само за пензиите по најмалку 45 години стаж. Ситуацијата изгледа поинаку кога се гледаат просечните пензии генерално: на Исток тие се повисоки отколку на Запад - затоа што многумина таму работеле подолго, особено жените.
„Политички скандал“
„Просечната пензија од 1.604 евра по најмалку 45 години работа - ова покажува колку е слаб германскиот пензиски систем“, вели Вагенкнехт во изјава за германската новинска агенција ДПА. „А фактот што секој петти пензионер добива пензија под 1.200 евра по 45 години работа е политички скандал“, додава таа.
Претстојната изборна кампања за Бундестагот, според нејзините очекувања, ќе биде и одлука за законско пензионирање . „Германските граѓани не треба да трпат толку ниски пензии, кои се исто така високо оданочени.
Зошто пензиите се ниски?
Има неколку причини за ниските пензии. Од една страна, многу самовработени, државни службеници или домаќинки добиваат и законска старосна пензија доколку во текот на својот живот учествувале во пензиското осигурување најмалку пет години, објаснуваат од Сојузниот институт за истражување на населението. Пет години е минималното времетраење за пензија. Поради краткото траење на уплатите и пензиите се ниски.
За многу жени во Западна Германија, подолгите паузи од работа, повеќе скратено работно време и пониските плати ги намалуваат нивните пензии. Сојузното министерство за труд во својот одговор до Сара Вагенкнехт нагласува дека од висината на пензијата не може да се заклучи колкав е износот на вкупниот приход. Многу постари лица имаат дополнителни приходи. Министерството се осврнува и на домашниот контекст - односно случаите кога повеќето жени имаат ниска пензија, но севкупна задоволителна состојба, бидејќи пензиите на брачниот другар се натпросечни, а често имаат и значителен износ на имот, на пример недвижен имот.
Австрија како пример?
Вагенкнехт бара Германија да ја земе Австрија како пример. Таму просечната пензија за долгорочно осигуреници е за 800 евра повисока. „Она што е можно таму, мора да биде можно и овде“, нагласува Вагенкнехт, „Ни требаат повеќе пензии по моделот на Австрија и ограничување на оданочувањето на пензиите“. Во споредба со просекот на ЕУ, нивото на пензија во Германија е за околу десет проценти пониско.
Но, споредбата меѓу Австрија и Германија не функционира баш најдобро. Таму луѓето значително порано се пензионираат и сумите се поголеми. Главната причина е пензиската реформа пред околу 20 години: речиси сите вработени таму плаќаат во законски пензиски фонд, вклучувајќи ги и државните службеници - што не е случај во Германија. Во исто време, даночните придонеси и плаќањата во пензискиот фонд се повисоки отколку во Германија, и тоа значително.
Дополнително, во Австрија е можно да се добие пензија само по 15 години плаќање придонеси, а придонесите на работодавачите се повисоки отколку во Германија. Оттука просечните пензии се повисоки.
Германското пензиско осигурување укажува дека во Германија има доста т.н „мини-пензии“ - на пример во случаи на домаќинки или самовработени работници. Тие често биле осигурени само неколку години и затоа добиваат ниски законски пензии - што го намалува статистичкиот просек.
„Споредбата ограничена на поединечни показатели, според кои просечната пензија во Австрија е неколку стотици евра повисока отколку во Германија, затоа е само делумно релевантна“, се наведува во соопштението на Пензиското осигурување.