Германија: Наскоро полесен пат до двојно државјанство
1 август 2023Германија е доселеничка земја. Тоа на својата официјална интернет страница го истакнува и Министерството за внатрешни работи и притоа се повикува на статистиката, според која повеќе од четвртина од граѓаните имаат мигрантско потекло, а кај децата помлади од 14 години тоа се повеќе од третина. Во земјата живеат околу 13,5 милиони граѓани без германско државјанство, односно 16% од населението.
Но, кога се работи за натурализацијата, односно доделување германско државјанство на странци, Германија е меѓу последните во Европа.
Додека во Шведска во 2021 година на десет од 100 странци им е доделено шведското државјанство, а во Холандија на 5,4 - во Германија квотата изнесува 1,2 проценти.
Причината се пред сѐ многу рестриктивните услови за добивање државјанство. Неодамна владејачката коалиција во Бундестагот претстави нов Закон за државјанство со кој би се промениле досегашните строги услови.
Двојното државјанство како право
Најголема препрека досега беше одредбата според која се инсистира на начелото за едно државјанство, смета Јули Шефер, правник во канцеларијата „Шлун и Елвен” од Келн, специјализирана на правото за странци. „Тоа што пред сѐ потомците на некогашните гастарбајтери од Турција или Западен Балкан ги спречува да добијат германско државјанство е што мора да се одречат од дотогашното. Германија е една од ретките западни држави која и натаму инсистира на тоа”, нагласува Шефер.
Во нацртот се предвидува одрекувањето од дотогашното државјанство веќе да не е услов за стекнување на германското и истовремено се крати периодот на потребен непрекинат легален престој во земјата од осум на пет години, како што е во повеќето европски држави.
Притоа е многу важно дека со новиот закон ќе се воведе некој вид автоматизам, затоа што „двојното државјанство е формулирано како начелно право. Тоа значи дека кога сите други услови се исполнети, надлежните власти мораат да го натурализираат барателот, односно веќе немаат маневарски простор”, нагласува Шефер.
Сегашниот закон двојното државјанство го предвидува само како исклучок и е резервирано пред сѐ за граѓаните на ЕУ, кои без проблем може да имаат две државјанства.
По подолга процедура тоа се доделува и на лицата кои доаѓаат од земји каде што не им се дава отпуст од државјанството - или затоа што не сакаат, или затоа што законски не е предвидено. Тоа се Сирија, Јужноафриканската република, Авганистан, Алжир и Иран.
Закон постар од сто години
Актуелните одредби во Законот за државјанство во поголеми делови потекнува уште од Законот за припадноста на царството и државата од 1913 година кој едноставно бил преземен во поствоена Германија.
Зборот „царство” дури во 2000 година бил исфрлен од законскиот текст. Законот почива на начелото на потеклото и националната хомогеност (народна нација) - оној кој е германски државјанин, значи Германец, не може да биде и нешто друго. Како причина се наведува дека граѓаните може да бидат верни само на една држава.
Тој аргумент против двојното државјанство и денес го користат противниците на реформата, кои тврдат дека двојното државјанство доведува до внатрешен конфликт на лојалност и дека луѓето кои сакаат германско државјанство треба јасно да се определат. За нив германското државјанство има посебно значење и симболика и тие стравуваат дека претерано великодушна политика на двојно државјанство може да доведе до тоа луѓето да го стекнуваат германското од чисто практични причини, без никаква вистинска поврзаност со Германија. Освен тоа стравуваат дека лицето со две државјанства би можело ако затреба да ги избегне германските закони, повикувајќи се на тоа дека има статус на странец.
За Шефер тоа се застарени убедувања „кои во последните сто години многу се променети”. Таа нагласува дека „веќе сега во Германија исто како и во другите европски држави праксата е лицата кои имаат две државјанства, а живеат во Германија да се третираат како Германци и од таму не постои опција некој да избира само како нему му одговара”.
Економски и политички причини
Целта на реформата на Законот за државјанство е од една страна Германија да стане попривлечна земја за квалификувана работна сила. Тука има остра конкуренција од другите европски земји како Франција, Холандија или Шведска, кои имаат поблаги критериуми и помалку препреки за доаѓањето на квалификуваните кадри од странство.
Истовремено се увиде дека модерна и отворена доселеничка и интеграциска политика е клучна за општествената кохезија во Германија. Политиката сака да поттикне „побрза и подобра интеграција на странците во германското општество” затоа што „натурализацијата доаѓа на крајот на интеграциониот процес, па оние кои го поминале процесот треба да имаат можност и да добијат државјанство. Тоа ги подразбира и сите законски права и обврски во Германија, вклучително и правото да се гласа на избори”, вели Шефер.
Останати услови
За добивање германско државјанство освен потребниот легален престој во земјата, потребно е исполнување и на други услови. Еден од нив кој останува непроменет и во новиот предлог е дека лицето не смее да биде правосилно осудено за кривично дело.
Освен тоа и натаму ќе биде потребна потврда за познавање на германскиот јазик со тоа што досега се бараше напредно ниво Ц1, а според нацрт законот во иднина ќе биде доволно и ниво Б1, а за посебни случаи се предвидени исклучоци кога е доволна само способност за најнужна комуникација.
Исто такаи натаму се бара полагање на тестот за „натурализација” со кој се покажува познавање на некои основни информации за Германија.
Стекнувањето двојно државјанство треба да биде олеснето за странските студенти доколку веднаш по студиите најдат работа и почнат да работат.
Притоа и времето за студирање ќе се признае како време на легален престој за потребните пет години за поднесување барање за државјанство.
Предлог новиот Закон за државјанство владејачката коалиција го претстави на крајот на мај во Бундестагот. Се очекува во редовна закинска процедура да влезе во текот на есента.