Германија: Крај на спорот за буџетот - барем засега
14 декември 2023Преговараа повеќе од 200 часови и на крајот беше нужна и ноќна седница за канцеларот Олаф Шолц од СПД, вицепремиерот и министер за економија Роберт Хабек од Зелените и министерот за финансии Кристијан Линднер од Либералите да се спогодат околу тоа како ќе изгледа буџетот во 2024 година. Причина за спорот и маратонските преговори е што со пресуда на Уставниот суд кон средината на ноември паднаа делови од досегашната буџетска политика. СПД, Зелените и Либералите по доаѓањето на власт на крајот на 2021 година, неискористените одобрени кредити во висина од 60 милијарди евра од корона-пандемијата ги пренаменија за заштита на климата. Тоа е противуставно, оценија судиите. Тие пари сега отпаѓаат, но нема да се поднесе барање за нов кредит.
Целите во фокусот - и покрај штедење
Наместо тоа, коалицијата ќе го стега ременот уште повеќе, но, сепак, во визир ќе ги задржи големите политички цели. Или, како што рече канцеларот: „Силно ја туркаме трансформацијата на државата во правец на климатска неутралност, ја зајакнуваме социјалната кохезија и стоиме на страната на Украина во нејзината одбранбена војна против Русија.
„И натаму непроменето се водиме од овие три цели, само мора да излеземе на крај со значително помалку пари. Се работи и за кратење и за штедење средства“, додава Шолц. Штедењето е централно барање на Либералите, кои во преговорите влегоа со јасната црвена линија дека во 2024 година мора да биде испочитувана т.н. „кочница за задолжување“ втемелена во Уставот, според која принципиелно смее да се трошат само онолку средства колку што се влеваат во државната каса. Нови кредити сојузните власти може да земаат само во многу мал обем – освен ако не се соочени со вонредна ситуација на итност. Само во тој случај кочницата може да се стави вон сила.
Мала врата – ситуација на итност
Малата врата на прогласување итна потреба коалицијата и натаму ќе ја држи отворена. Од една страна за обновата на долината Ар, каде што штетите од страшните поплави во 2021 година и натаму не се отстранети. „Уставот експлицитно предвидува дека горнити граници за кредити наменети за справување со природни катастрофи и вонредни ситуации на итност може да бидат поместени“, нагласи Олаф Шолц. Планирано е 2,7 милијарди евра помош за поплавениот регион во 2024 година да се финансираат преку кредити. За Украина се предвидени осум милијарди евра директна помош, кои треба да бидат обезбедени од регуларниот буџет на државата. Но, што ако на пример САД отпаднат како најголем финансиер на Украина?
Германија можеби ќе треба да бркне подлабоко во џебот
На конгресот на Социјалдемократите Шолц зборуваше за „голем“ финансиски предизвик, „ако други потфрлат“ и додаде дека затоа на германска страна мора да има одлука оти „сме во состојба за такво нешто“. Тој алудираше на ставање вон сила на кочницата за задолжување, што пак Либералите го отфрлаат. Но, во однос на Украина се чини дека министерот за финансии попуштил, иако Линднер се изрази во завиена форма. „Доколку ситуацијата се промени, а меѓународната заедница заеднички донесе одлуки, ние ќе бидеме целосно во состојба да дејствуваме и во случаите кога рамките што ги поставува буџетот треба да бидат надминати“, рече Линднер.
Штедење на многу места
Настрана од помошта за штетите од поплавите и војната во Украина, на многу места мора да се штеди. Во фондот за климатскиот пресврт недостигаат 12,7 милијарди евра за 2024 година, кои веќе беа планирани. Погодена од ова е, меѓу другото, санацијата на шините на Германската железница. Тоа треба сега да биде финансирано преку продажба на удели во сопственост на сојузната држава. Железницата пак сака да ја продаде сестринската фирма за шпедиција - Шенкер.
Ќе се крати и поддршката за соларната индустрија, субвенциите за климатски неутрално парно греење и на премиите при купување на електрични возила, кои првично требаше да бидат исплатувани до крајот на 2024 година. „Ме боли, но тоа е цената за да опстојат централните составни делови, столбовите на климатскиот фонд за трансформација", рече министерот за економија Хабек.
Поскапува бензинот и пластиката
На фирмите и граѓаните ќе им бидат скратени субвенции и во други области. „Укинуваме климатски штетни субвенции во висина од три милијарди евра“, вели Линднер. 1,4 милијарди евра се однесуваат на т.н. давачки за пластика за ЕУ кои досега ги преземаше државата, а отсега натаму компаниите кои употребуваат пластика ќе мора да ги плаќаат сами. Давачките за јаглероден диоксид за употребата на бензин, нафта за греење или гас треба да бидат зголемени во пократок рок од досега планираниот. Цената актуелно изнесува 30 евра од тон, а во 2024 година треба да скокне на 45 евра,наместо на 40 како што беше првично предвидено. Така, бензинот ќе поскапи за околу 4,5 центи од литар, со што приходите на државата ќе се зголемат за околу една милијарда евра. Според Линднер, дополнителни 1,5 милијарди евра ќе се заштедат во социјалната сфера со тоа што, меѓу другото, Украинци кои нашле прибежиште во Германија побрзо ќе се најдат на пазарот на трудот.
ЦДУ од опозиција: Само трикови
Првичната реакција на Фридрих Мерц, претседателот на опозициската пратеничка група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, беше остра критика. „Ова е финансиско-политички трик, ништо повеќе“, рече тој. Коалицијата со постапувањето „тркалезно, па на ќоше“ само се обидува да ги задоволи замислите на сите владини партии. Мерц смета дека владата нема да излезе на крај со планираните средства.
Во однос на „драматичниот“ развој во Украина најдоцна кон средината на следната година мора да се прогласи ситуација на итност. Политичката стабилност опаѓа, воената закана се зголемува.
Критики за буџетот има и од бизнис секторот, каде стравуваат од поголеми трошоци, ако се зголемат давачките за јаглероден диоксид.
Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик