1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едноставна промена на името и полот во личните документи

1 ноември 2024

Од денеска во Германија граѓаните можат едноставно да го променат името и полот во личните документи. Што се менува и како тоа доведе до контроверзи?

https://p.dw.com/p/4mUL5
Германија Бундестаг Најк Слвик
Најк Славик, една од двајцата отворено трансродови пратеници во Германија, го поздрави законот како историска реформа од меѓународно значењеФотографија: Thomas Trutschel/photothek.de/picture alliance

Германските државјани на возраст над 18 години од 1 ноември ќе можат официјално да го променат своето име, пол или да одбијат да го пријават својот пол. Ова го предвидува Законот за самоопределување.

Малолетниците на возраст над 14 години ќе можат да го сторат истото со родителска согласност или судски процес. Родителите можат да ја променат ознаката за полот за помали деца, но детето мора да биде присутно и да се согласи.

Мислењата на најмалку двајца психијатри и судско рочиште повеќе не се потребни за промена на ознаката на полот во документите за возрасни. Од моментот на пријавување на промената до моментот на промената, мора да поминат три месеци во кои лицето може да се премисли.

Тоа е бирократска процедура, која нема никаква врска со можни медицински процедури или третмани.

Поштедени од некои непријатности

Кале Химпфнер од Германската Транс* асоцијација (БВТ) го поздравува фактот дека независното определување на полот сега ќе биде поедноставно и поевтино.

„Претходно, поради психолошки проценки, луѓето беа принудени да откријат низа многу лични информации, информации кои беа споделувани со судот. Имаше многу одвратни извештаи за луѓе кои мораа да зборуваат за сексуалните преференции, како мастурбираат или каква долна облека носат“, вели Химпфнер.

Досега, според податоците на агенцијата ДПА, околу 1.200 луѓе во Берлин поднесле барање за промена на бирократската ознака за пол. Новинската агенција КНА јавува дека сличен интерес има и во другите поголеми германски градови.

#dw_BalkanBooster: „Немав избор“

Најк Славик (на насловната фотографија), членка на Партијата на зелените, која и самата е транс жена, учествуваше во ковањето на овој закон, кого го нарекува историска реформа од меѓународно значење.

„Мислам дека ова е знак на надеж во време кога гласовите на десничарските популисти повторно се зајакнуваат и кога, за жал, правата на квир-луѓето се намалуваат во многу земји“, вели таа за ДВ.

Ричард Келер е советник во организацијата Transgender Europe and Central Asia (ТГЕУ). Тој вели дека законот ја враќа Германија на линијата на европскиот развој во последните десет години. Германија станува дванаесетта земја во Европа која дозволува такво самоопределување.

„Да бидеме искрени, ова прашање влијае на мал број луѓе на многу личен начин. Почитувањето на нивниот избор нема да му наштети на никого, туку ќе ги поддржува основните вредности на достоинството и слободата што сите ги споделуваме“, вели тој.

Келер предупредува дека во многу земји, како Русија и Грузија, има забрани за промена на родот сеедно дали во документите или во медицинските транзиции.

#dw_BalkanBooster: Откривање на сопствената сексуалност - со препреки

Практични подобрувања

Заговорниците на новиот закон велат дека сега ќе им се олесни животот на транс-лицата, интерсексуалните и небинарните луѓе. Во многу случаи ќе се избегне „разликата“ меѓу физичкиот изглед и полот напишан во документите, што на многумина им предизвикуваше главоболки на граничните контроли.

Законот вели дека по административна промена на името и полот, не може да се бара нова промена во текот на следната година. Десничарските критичари на законот велат дека тоа може да доведе до ситуација луѓето да го менуваат полот секоја година.

Промената на податоците во изводот на родени повлекува низа бирократски чекори - од промени во возачката дозвола до оние во дипломите.

„Огромна работа е да се поклопат сите лични документи и никој нема да го прави тоа само затоа што е забавно“, вели Кале Химпфнер.

Родовата политика стана жешка тема и во Германија. Владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите по ова прашање се соочи со моќните опозициски демохристијани и десничарската Алтернатива за Германија.

Законот сепак помина во парламентот овој април, по жестоката дебата во која беа додадени одредени ограничувања на законот.

#dw_BalkanBooster: Дискриминација на ЛГБТКИ+ лицата

Дискусија проследена со страв

Химпфнер изразува жалење што дебатата била водена од стравови и загриженост за можна злоупотреба - на тој начин, вели тој, транс-луѓето биле ставени во улога на потенцијални криминалци.

„Којзнае колку пати во текот на законодавниот процес се забораваше дека се работи за основните права на маргинализирана и, сѐ уште, многу обесправена група“, вели Химпфнер.

Се зборуваше, на пример, дали личноста која е родена како биолошки маж, сега ќе може да оди во женска сауна ако се изјасни како жена. „А нашето искуство покажува дека многу транс-жени ретко или никогаш не одат во сауни бидејќи се чувствуваат непријатно да бидат таму и да се зјапа во нив“, продолжува Химпфнер.

Се зборуваше и за можното заминување на транс-жените во безбедни куќи за жени - кои избегале од машко насилство. „Не знаеме ниту еден случај во кој транс-жена злоупотребила безбедна куќа или била насилна таму, иако многу транс-жени редовно користат безбедни куќи“, наведуваат од Асоцијацијата на безбедни куќи за дневниот весник „Тагешпигел'.

Но, самата дебата доведе до поголема омраза и непријателство кон транс-заедницата, тврди Ричард Келер. Тој тврди дека тоа е „оркестриран и добро финансиран“ напад на еднаквоста и различноста во општеството.

Женски стравови

Беате фон Микел, претседателка на Националниот совет на германските жени, за ДВ вели дека ова прашање е политички инструментализирано како дел од културната војна на десничарите, која сега, наводно, одеднаш се плаши за правата на жените.

„За женското движење е горчливо што ова стана прашање што предизвикува поделби. Не треба да дозволиме да бидеме поделени“, вели таа.

Организацијата со која раководи Фон Микел обединува шеесетина женски здруженија и групи. Фон Микел предупредува дека транс-заедницата и женските организации не треба да дозволат да се користат едни против други.

„Постои страв дека категоријата жени ќе исчезне“, вели таа. „Ние ќе останеме Германски совет на жени. Но, мора да има повеќе слобода, различност и индивидуалност, има повеќе од еден начин да се живее полот и да се биде жена“, додава Фон Микел.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик