1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален светГерманија

Гејмском и проблемите на германските производители на игри

Андреа Јунг-Грим
21 август 2024

Гејмском, најголемиот светски саем за компјутерски и видео игри, се одржува од среда до недела во Келн. Учествуваат повеќе од 1.400 излагачи од 64 земји. Некои помали компании не се на саемот поради деловни проблеми.

https://p.dw.com/p/4jjiv
Гејмском 2024 - саем во Келн, Германија
Гејмском 2024 - саем во Келн, ГерманијаФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Гејмском (Gamescom) требаше да биде неговиот голем момент: како шеф на германското студио Suspicious Games, Денис Квазиер сакаше да го претстави својот Проект Валдкауц (Projekt Waldkauz), авантуристичка игра со чудовишта и херои. Неговиот тим работеше на тоа три години, а Баварскиот филмски и телевизиски фонд за него обезбеди речиси 100.000 евра стимулации.

Сепак, набрзо следеше горчливо сознание. „Парите беа потрошени, а почетокот на продажбата не беше ни на повидок“, се сеќава 33-годишникот. „Не можевме да останеме солвентни ни со нарачки од други студија за некои други работи." Пролетта, неговото студио престана со работа.

Оваа среда (21.08) во Келн започна најголемиот светски саем за компјутерски игри, Гејмском. Има 15 отсто повеќе излагачи од лани - вкупно 1.400 од 64 земји. Но студиото на Квазиер не е меѓу нив.

Малите фирми во проблеми

Затворањето на неговата компанија не е изолиран случај: Минхенското студио Мимими неодамна ја издаде својата игра Shadow Gambit: The Cursed Crew, а потоа згасна. Тоа беше „последниот натпревар на Мимими“, велат тие.

Во слични проблеми се најдоа и фирмите Flying Sheep од Келн, Piranha Bytes од Есен и Threaks од Хамбург. Studio Threaks, основано во 2009 година, кое во изминатиот период има освоено бројни награди за игри како Retro Invasion, објави дека „забавата е завршена“. По зенитот за време на пандемијата, побарувачката падна, а повисоките каматни стапки на заемите и зголемените трошоци за работна сила ги избркаа инвеститорите.

Растот се забавува, но има изгледи

Податоците од Здружението за игри покажуваат забавување на растот на индустријата за компјутерски игри. Бројот на фирми во Германија се зголеми за 20 проценти во 2021 година, на вкупно 749, додека во 2023 година растот беше 15 отсто и достигна 908 компании. Во средината на 2024 година имало 948 компании, што е раст од само четири отсто во однос на претходната година. Бројот на вработени во развојните студија и издавачи во Германија е 12.408, што претставува раст од 3,5 проценти за една година. За споредба, во 2023 година е забележан раст од седум проценти.

Гејском 2024 Келн, Германија
На саемот Гејском и заинтересираните можат да ги испробаат новитетите Фотографија: Goldmann/dpa/picture alliance

Сепак, гледано генерално, индустријата за игри, и покрај флуктуациите, сè уште е перспективна. Техничките можности се подобруваат, побарувачката расте - многу игри се играат на конзоли, компјутери и паметни телефони. Годините на пандемијата беа години на бум за индустријата - луѓето поминуваа многу време дома, па купуваа повеќе од сѐ што им треба за дигитални игри.

Приходите од игри и хардвер пораснаа за 32 проценти во 2020 година и за 17 проценти во 2021 година. Подоцна растот забави, а сега е во минус. Во првата половина на 2024 година приходите паднаа за осум отсто.

Мал германски удел во индустријата за игри

Германската развојна сцена добива само мал дел од тој бизнис вреден милијарди долари, при што приближно пет проценти од приходите доаѓаат од игрите развиени во Германија. Голем дел од колачот добиваат големите компании, како на пример Ubisoft (Anno 1800), меѓународни концерни - често со силни локации во Германија.

Сепак, постојат само неколку големи студија во германска сопственост, како што е Crytek со седиште во Франкфурт со Hunt: Showdown 1896.

А има и многу мали студија.

На компаниите со странски сопственици им е подобро

Фирмата Deck 13 од Франкфурт, со 90 вработени, се развива многу стабилно, вели извршниот директор Ларс Јансен. „Нашата француска матична компанија PulluP Entertainment обезбедува финансиска сигурност, овозможувајќи ни да развиеме проекти од повеќе милиони долари.“ Јансен нагласува дека компанијата не планира да го намали бројот на вработени, па дури има и „многу умерен раст". Тој додава дека во моментов многу внимателно управуваат со ризиците со оглед на општите пазарни услови.

И додека Deck 13 работи релативно добро, благодарение на француската матична компанија, малите независни студија се борат со проблеми. Поранешниот шеф на Suspicious Games, Квазиер, признава дека било предвидливо оти пазарот ќе се консолидира по шпицот на пандемијата. „Се надевавме дека ќе преживееме кога ќе дојде падот - за жал, таа надеж не се исполни", вели Квазиер. Сега работи во студиото Pixel Maniacs.

Загриженост во браншата

Во Здружението Game Alliance се загрижени поради овие трендови. Се нагласува дека условите во другите земји, како Франција и Канада, се поповолни. Одлука на германското Министерство за економија е да престане да прифаќа барања за поддршка во мај 2023 година, а нови барања најверојатно нема да бидат можни до почетокот на 2025 година. Здружението смета дека тоа е „голем недостаток“.

Гејмском 2023, Келн, Германија
Во 2023 година Гејмском го посетиле 320.000 посетители од сто земјиФотографија: Ina Fassbender/AFP/Getty Images

50 милиони евра државна поддршка се достапни за 2024 година. Овие средства се целосно насочени кон проекти за кои барања се поднесени пред мај 2023 година и постепено се финансираат во текот на неколку години.

Од Министерството за економија зборуваат за успех

Портпаролката на германското Министерство за економија позитивно го оценува растот на бројот на фирми и вработени во индустријата за игри во Германија и нагласува дека следната година Министерството планира повторно да обезбеди 50 милиони евра сојузни средства за поддршка. „Тоа е успех, со оглед на моменталната многу проблематична буџетска ситуација. И тоа е важен сигнал за индустријата за игри“, вели портпаролката.

Здружението Game Alliance бара значително поголема поддршка. Министерот за економија Роберт Хабек (Зелени) се очекува како гостин на овогодинешниот саем Гејмском. Тој беше присутен и минатата година, кога саемот го посетија околу 320.000 луѓе од стотина земји, а бројот на деловни посетители беше 31.000.