Фудбал и психологија: пониските по раст судии се построги
24 јуни 2024По некој жолт картон на гледачите им изгледа како непропорционално строга казна. Тука може да има и вистина, велат истражувачи од Германија и од Австрија во нова прелиминарна студија, која уште не е потврдена од колеги стручњаци. Резултатот е дека кога фудбалскиот судија е една глава понизок од играчот кого сака да го санкционира, е поголема веројатноста дека тоа и навистина ќе се случи. „Зборуваме за разлика која не изненади", вели еден од авторите на студијата, Марио Лакнер. „Казната е за седум до десет проценти поверојатна доколку судијата е десет до 25 сантиметри понизок од играчот", додава тој.
Анализирани повеќе од 2000 натпревари до Бундеслигата
Лакнер од универзитетот во Линц заедно со двајца истражувачи од универзитетот Хаген анализираа 2340 натпревари во Бундеслигата одиграни во периодот од 2014 до 2021 година во однос на тоа како играчите се казнувани од различни судии. Лакнер објаснува дека толкавата количина на натпревари служи за да се филтрира дека еден ист играч во принцип се однесува релативно исто, кога се споредуваат стотици натпревари. Од таму разликата во казнувањето мора да се должи на тоа што судат различни судии. Кај играчи кои се повисоки од нив самите, судиите почесто досудуваат пенал или даваат жолт картон за потсвесно да си изнудат почит. Таквиот т.н. ефект Наполеон се покажува посебно во првото полувреме, вели Лакнер и додава дека „поедноставено психолозите би рекле дека причината е што со релативно помал раст се обидуваат преку казните да остварат авторитет. Тоа е веќе потврдено во повеќе контексти и не не изненади што и во овој случај е така“. Од претходни студии е веќе познато дека има генерална тенденција повисоките играчи да се доживуваат како поагресивни. Ново е пак сознанието дека влијание има и врската меѓу висината на судијата и на играчот. Во второто полувреме тенденцијата пониските судии да одредуваат „построги“ казни како жолти картони, се намалува.
Повисоки судии
Интересно според Лакнер е дека има и обратен Наполеон-ефект, односно дека судии кои се повисоки од играчот што треба да биде санкциониран, помалку казнуваат. Играчи пониски од судијата се за 16 проценти помалку казнувани отколку играчи кои се подеднакво високи колку нив. Просечната висина кај машките судии во Бундеслигата изнесува 1,86 метри, а кај играчите 1,84 метри. Кај населението во Германија просекот кај мажите е 1,81 метри, а меѓу највисоките судии во Бундеслигата е Денис Ајтекин со 1,97 метри.
Со поголемо професионално искуство се суди подобро
Колку поголемо е професионалното искуство, толку помалку се забележува ваквиот ефект. Лакнер вели дека може само да претпостави на што се должи тоа. Имено, посебно строги или попустливи судии се веројатно помалку успешни во кариерата – или, пак вежбале да бидат помалку подложни на потсвесните влијанија. „Ако во рамки на обуката и во анализата на мечот отпосле се посочува на ваквите фактори, токму кај помладите судии тоа може да помогне одлуките да бидат уште поквалитетни", заклучува Лакнер.
Ефектот Наполеон и во секојдневни ситуации
Лакнер на прашањето дали ваквиот ефект го очекуваат и на европското првенство, вели дека смета „оти релативно слично ќе биде и таму. На меѓународните клупски и репрезентативни турнири како актуелното ЕУРО 2024 има судии од цела Европа кои се дел од елитите на домашен терен, па ќе биде интересно да се анализира. Проблемот е што мора да се земат повеќе турнири за да се има релевантна база за истражувањето." Дека висината има влијание, може да се каже и за секојдневни ситуации, како на пример на училиште, или кога се работи за казни од страна на полицијата или судот. Поранешни истражувања постојано доаѓале до истиот заклучок, дека изгледот, полот, националноста, тежината и висината влијаат на тоа како луѓето перцепираат еден човек, иако овие фактори не би требало да играат таква улога.