1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиПакистан

Среќен крај на драмата на жичарница во Пакистан

ЖА / агенции
23 август 2023

По драматични часови, сите осум патници од кабина на жичарница во Пакистан која висеше на 300 метри над провалија, се спасени.

https://p.dw.com/p/4VT4X
Пакистан: Кабина на жичарница
Пакистан: Кабина на жичарница со осум патници остана да виси на една сајла откако останатите се скиналеФотографија: UGC/AP/picture alliance

Високо ризичната акција на спасување на осум патници, од кои шест деца, во кабина на жичарницата која остана да виси над планинска клисура на само една сајла, луѓето во целата земја ја следеа напнато преку телевизијата и социјалните мрежи до доцните синоќешни часови (22.08.2023).

Несреќата се случи во провинцијата Кубер Пактунква во Пакистан, во момент кога децата со жичарницата биле на пат во училиште. Воен хеликоптер на пакистанската армија прво ги снабди заглавените патници со вода и лекови, посебно итни за 16-годишник со срцеви проблеми кој бил на пат во болница.

Спасувачката екипа ноќта ја прекина мисијата по извлекувањето на пет лица, а полицијата како причина  го наведе лошото време во планинскиот регион. Доброволни спасувачи од регионот меѓутоа во консултација со војската ги продолжија напорите и ги спасија и останатите три деца од кабината.