Фотографии на денот
Актуелни, занимливи, необични, прекрасни или застрашувачки. Поглед на секојдневието преку редовната #ФотографијаНаДенот на Дојче Веле на македонски јазик.
Светло, посветло, Божиќ во Вашингтон
Од толку многу дрвја не се гледа шумата - погрешно: поговорката во овој случај би гласале од толку многу светла не се гледа дрвото. Оваа раскошно украсена божикна елка се наоѓа во главниот град на САД, Вашингтон и е висока речиси 23 метри. Би било убаво кога не би било светлосното загадување - проблем за многу животни.
Магичната моќ на Сонцето
Самопрогласени друиди, езотеричари и љубопитници ја прославија зимската краткоденица на англискиот култен локалитет Стоунхенџ: Тие се собраа пред споменикот од каменото доба за да го дочекаат најкраткиот ден во годината. Мегалитските камења, подигнати околу 3000 пред нашата ера се поставени така што изгрејсонцето на летната долгодневница и на зимската краткоденица сјае точно во центарот на кругот.
Новогодишен панаѓур во Тирана
Поглед од птичја перспектива на новогодишниот панаѓур во Тирана, Албанија. Снимката е направена со дрон на плоштадот Скендерберг во главниот град на Албанија. Туристичките работници ги привлекуваат гостите со тврдењето дека до 6 декември до 6 јануари Тирана се претвора во вистинска божиќна бајка и се прави сѐ за тоа навистина да се доживее.
Победничка фризура во Бразил
Ова е победничката фризура на натпреварот на берберите во Рио де Жанеиро. На натпреварот, кој се одржува секоја година, учествуваа околу 90 бербери. Тие на огромни горештини и проследени со бразилска музика работеа во парк во населбата Мадуреира. Нивни модели беа волонтери. Берберите се обидоа да го дадат најдоброто од себе и да создадат стилови со апстрактни дизајни, или пак полни со детали.
Големата вода
Туристите повторно може да се воодушевуваат на водопадите Игуасу од патеката поставена над нив, која беше затворена поради поплави. Водата од водопадите Игуасу паѓа во тромеѓето на Аргентина, Бразил и Парагвај. Водените маси се со широчина речиси трипати поголема од водопадите на Нијагара. Игуасу, на јазикот на Индијанците Гуарани значи „голема вода“, што сосема одговара на овие водопади.
Божиќен спектакл
Танцувачката група Радио Сити Рокетс ја танцува Парадата на дрвените војници за време на празничното шоу „Божиќен спектакл“ во концертната сала Радио Сити Музик Хол во Њујорк. Шоуто е несомнено еден од највпечатливите божиќни спектакли во светот и е нешто што не смее да се пропушти за сите оние кои сакаат целосно да уживаат во празничната предбожиќна атмосфера во Њујорк.
„Последниот германски рудар“
Пред шест години беше затворен „Проспер Ханиел“ во Ботроп, последниот рудник за јаглен во Германија. Поранешниот рудар Јирген Јакубајт прави сѐ за да не се заборави рударството. Тој сега слегува во рударската јама, каде ги води посетителите низ мрачните тунели и им покажува колку тешка била работата тука. „Ако не го правиме ова, за 10 години никој нема да знае што е рударство“, вели Јирген.
Парада на пингвини
На радост на посетителите, и оваа зима пингвините шетаат по снежната патека долга 500 метри во Зоолошката градина Асахијама на јапонскиот остров Хокаидо. Традицијата на прошетка на пингвините по посебна траса надвор од нивниот ограден простор се одржува од 2002 година, а пингвините „маршираат“ два пати дневно сѐ до март, кога снегот почнува да се топи.
Над изгорениот гроб на Хафез ал-Асад
Бунтовниците го запалија мавзолејот на поранешниот сириски претседател Хафез ал-Асад, којшто се наоѓа во неговото родно место Кардаха, во провинцијата Латакија. Хафез ал-Асад 30 години владееше со железна рака, пред неговиот син Башар ал-Асад да ја преземе власта во јули 2000 година. Огромниот мавзолеј досега беше постојано под големо обезбедување.
Пожар во Малибу
Во калифорнискиот крајбрежен град Малибу, пламенот на шумскиот пожар се проширил од ридската заднина до плажите. Илјадници жители ги напуштиле погодените области во текот на ноќта. Неколку илјади домаќинства се без струја. Училиштата останале затворени во вторникот. Повеќе од 700 пожарникари се борат со шумскиот пожар што брзо се шириНема извештаи за повредени или загинати.
Производство на мраз за туристичките атракции
На почетокот на сезоната на мраз, коцките мраз се сечат од замрзнатата река Сонгхуа и се извлекуваат за да се користат за подигање на туристичките ледени атракции - скулптури во градот Харбин во Кина. Најпозната од нив е Harbin Ice-Snow World, сезонски тематски парк во градот кој секоја зима ужива голема популарност.
Трка на Дедомразовци
Локалниот тркачки клуб секоја година ја организира трката на Дедомразовци во Михендорф. Михендорф се наоѓа во германската покраина Бранденбург и има само 14.000 жители. Сепак, ограничувањето од точно 999 тркачи се чини неопходно - и тие мора да бидат во костими. Правилата се строги: секој што нема да носи барем црвен капут и капа ќе биде дисквалификуван! Барем не мора да носи чизми...
Зимска магија
„Зимската катедрала“ во ботаничката градина во Чикаго во Гленко свети како сон од светла: илјадници ЛЕД диоди вешто формираат готски лак. Додека одите низ тунелот, се развива магична игра на светлина и тишина. Инсталацијата е дело на реномираниот светлосен уметнички колектив „Мендилајтс“.
Фатаморгана
Овој оптички феномен често се случува во пустина. Затоа играта на рефлексија има своја посебна привлечност овде во северозападна Саудиска Арабија. Културниот центар Мараја е архитектонско ремек дело и има најголемата огледална фасада во светот. 26-метарското „чудо во пустина“ е дизајнирано од германско-италијански тим и е поставено за само десет недели.
100.000-тиот воз
Овој Транс-Еуразија Екпрес воз штотуку помина 10.300 километри од Чонгкинг до Дуизбург. Ова е впечатливо, но ништо ново, како што впрочем јасно покажува знакот на локомотивата. Навидум бескрајно долгите товарни возови веќе 100.000 пати патувале од кинескиот Црвениот басен до германскиот регион Рур, разменувајќи стоки и суровини меѓу Чонгкинг и Дуизбург.
Музеј на парадоксот во Хамбург
Оптички илузии кои ги скокоткаат сетилата: Во новиот „Музеј на парадоксот“ во Хамбург ништо не е како што изгледа. Ирем Чокугекер носи наметка која е и оптичка илузија. Таа е директорка на новоотворениот Музеј на парадоксот во близина на градското собрание во Хамбург. Посетителите можат да уживаат во бројни уметнички инсталации кои си играат со човечките сетила.
Божиќен панаѓур под мост
Во Германија во пол ек е сезоната на божиќните панаѓури. Еден од најубавите во јужна Германија се наоѓа буквално под мост. Овој живописен божиќен пазар, во меѓувреме не е познат само во Германија. Постои само од 2010 година, но веќе стана туристичка атракција. Специфичната локација под осветлениот вијадукт на Холенталбан му дава на божиќниот пазар во клисурата на Равена фасцинантен ефект
Компири што растат во воздух
Работник во компанијата Yakeshi Senfeng Potato Industry во Кина собира компири кои растат над земја. Компанијата инвестираше во аеропонични системи, при што е можно одгледување на растенијата во воздух. Земјоделците бараат сорти кои се понеподложни на болести, објаснуваат од Јакеши, додавајќи дека се појавиле нови агресивни видови фитофтори кои се поотпорни на традиционалните методи за превенција.
Цветни божиќни честитки од Мексико
Доаѓа божиќната ѕвезда: Растението популарно во Европа, всушност доаѓа од Централна Америка. Во 1800-тите години, за првпат пристигнала од Мексико во САД, а кратко време подоцна и во Европа. Сега таа е најпопуларниот цвет за божиќните и за новогодишните празници. Нејзината продажба веќе започна во Мексико. Овој земјоделски инженер држи божиќна ѕвезда во стаклена градина во Сочимилко, Мексико Сити.
Земјата повторно се отвори - огнена лава на Исланд
Вулкан на Исланд еруптираше по седми пат во последните 12 месеци. Вулканската пукнатина Сунднукагигар, за која се проценува дека е долга три километри, исфрли огнена лава и чад. Евакуирано е блиското рибарско село Гриндавик. Лава се излеала и на паркингот на познатата термална бања Сина лагуна. Како што се гледа на сликите во исландските медиуми, портокалово-црната маса го покрила целиот паркинг.
Клун од 3Д печатач
Во зоолошката градина во Софија, на повредениот бел штрк му е дадена втора шанса да преживее благодарение на 3Д отпечатениот протетски клун. Во Бугарија белите штркови се сметаат за симбол на среќа и на нови почетоци - нивната заштита има традиција. Но, губењето на живеалиштата, далноводите и несреќите го загрозуваат нивното постоење.