Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја закопа европската иднина на државата
1 октомври 2024„ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на дното на Балканот. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со Унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат, ниту право тоа да го прави“, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција во Скопје, осврнувајќи се на работата на Владата во нејзините први 100 дена.Тој побара јасен план од Владата за патот по којшто ќе се движи земјата во наредниот период, по одлуката на ЕУ да ги забрза преговорите само со Албанија.
„Добивме Влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност. Влада која врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите. Одговорност за политичарите нема, а вистината е заменета со постојана пропаганда“, вели Филипче.
Тој наведе дека Христијан Мицкоски ветувал професионална администрација, мерит систем, повисоки плати, силна борба со криминал и корупција. „Ветуваше одговорност на политичарите и мудра надворешна политика која ќе на направи повторно горди. Досега не исполнија ништо од овие ветувања, а неисполнувањето на големите ветувања носи и големи разочувања“, вели првиот човек на СДСМ.
„Се враќа времето на најлошата пропаганда“
Опозицијата упати критики на сметка на владата дека со нивните мерки платите паѓаат, стандардот се намалува, а Владата не обезбеди ниту заштита на граѓаните од високите цени. За 100-те дена, според Филипче, место докази и постапки во институциите за прогон, има секојдневни прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ за јавен линч на опозицијата.
„Мицкоски партиската говорница ја претвори во Јавно обвинителство. Се враќа времето на најлошата пропаганда со која ќе се уништуваат животите на невини луѓе“, нагласи претседателот на СДСМ.
Тој оцени дека пропаднаа и ветувањата за реформи во судството, а за „100 дена ВМРО-ДПМНЕ“, улиците станаа небезбедни, а убиствата, разбојништвата и нападите се секојдневие.
„Десетици нерасчистени убиства има само откако Панче Тошковски е министер за внатрешни работи. Во полицијата, место професионализација, имаме партизација“, вели Филипче.
Враќањето на оградата пред Владата, споменикот на Ќосето и задолжувањето на граѓаните со кредитот од Унгарија, според него, се единствените проекти на оваа Влада за првите 100 дена.
Тајни политички сојузи
Давајќи оценка за владината коалиција и односите со ДУИ, со чија поддршка беа изгласани неколку закони во Собранието, Филипче оцени дека „тајните политички сојузи и лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ остануваат единствена одлика на оваа партија“
„Вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ има изгласано повеќе закони заедно со ДУИ отколку со ВЛЕН. Реалноста е дека додека преку ден се обвинуваат за дестабилизација на државата, ноќе во Мала Речица прават договори како да се гласа во Собранието“, додава Филипче, кој смета дека државата оди во погрешна насока.
Консолидирање на опозицијата
Мицкоски на прес-конференција во Владата порача дека се навикнал да слуша пораки и ставови од СДСМ кои се нејасни, збунувачки и без јасна анализа. „Им посакувам да излезат од летаргија и агонија во којашто се наоѓаат, оти еден стабилен, конструктивен СДСМ е потребен на земјата“, рече премиерот.
Филипче му одговори дека партијата се консолидира како единствена и кредибилна опозиција на актуелната власт. „Имаше грешки, но никогаш не направивме грешки во однос на стратешките интереси на државата и граѓаните. СДСМ три децении се бори за европска Македонија и ние сме подготвени директно да се соочиме со власта и да се спротивставиме на сите погрешни политики“, рече Филипче.
Според него, СДСМ никогаш нема да потклекне во спроведувањето на трите приоритетни политики на партијата.
„Една од тие политики е евроинтеграцијата на земјата и нема да дозволиме државата да биде претворена во тажна изолирана периферија на Европа. Потоа, нема да дозволиме продуцирање на нова сиромаштија. Грижата за добри меѓуетнички односи, како наша трета политика, е основа за стабилен политички систем и СДСМ нема да дозволи да оживее национализмот како последно засолниште на криминалот“, рече Филипче.