1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како лажни монети од Скопје завршувале во Косово?

ДТЗ
6 август 2024

Припадник на македонската полиција е уапсен во рамките на меѓународна акција за сузбивање на фалсификатори на пари.

https://p.dw.com/p/4jB5S
евра
„Фабрика“ за лажни евра во подрум во СкопјеФотографија: Grazvydas Januska/Zoonar/picture alliance /

Припадник на македонската полиција е уапсен во рамките на меѓународна акција за сузбивање на фалсификатори на пари. Станува збор за 34-годишен ресенчанец, вработен во Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, којшто бил уапсен во Косово во понеделникот (05.08) во заедничка акција на македонската и косовската полиција. Како што соопшти Еуроправда, тој е осомничен дека изработил околу 2 милиони лажни монети од 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек на косовскиот пазар. 

При претресите во неговиот дом, запленети се машини за производство на фалсификувани валути, шаблони за монети и репроматеријали. Осомничениот подолго време бил следен.

Претреси на три локации

МВР информираше дека биле извршени претреси на три локации, при што се пронајдени и одземени две машини со компресори за потиснување, шест метални печати за изработка на монети од две евра, шест вреќи со полупроизвод на монети и една вреќа со готов производ на фалсификувани монети.

„Одземените предмети ќе бидат предадени на понатамошно вештачење“, се наведува во соопштенијата на МВР и Јавното обвинителство. 

Фалсификуваните пари се правеле на две преси во подрум во Скопје. Фалсификаторот користел пет различни мотиви за националната страна на лажните монети, со што лажно прикажувал дека парите наводно доаѓаат од Франција, Италија, Хрватска, Финска и Португалија. 

Оваа акција била поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан.