И тоа е готово - прошетката во рамки на Европрајд во Белград помина без поголеми инциденти. Додуша со променета и скратена рута, под масовна заштита на 5200 полицајци и судири на маргините, повредени и уапсени. И, сето тоа во општествена клима која ја одликуваат отрфлање на ЛГБТ-заедницата, или во најдобар случај рамнодушност кон неа.
Но, парадата сепак се одржа, што беше неизвесно до последен момент. Парадата со недели беше главна тема за којашто се дискутираше во медиумите, збор добиваа и најбизарни противници на прошетката. Во таа шарена екипа се собраа десничарски опозициски партии, екстремисти, хулигани, тврдото крило на црквата и еден распоп кој е против сите нив и против парадата.
Нивен заеднички именител беше ставот дека парадата ги поткопува темелите на српската традиција и семејство и дека ќе се борат против Прајд - се зборуваше и за „оружје“ и „крв на улиците“.
Организаторите и поддржувачите посочуваа на човековите права и опстојаа на тоа дека парада треба да има. Таа од почеток беше најавена како „прошетка“, а не како вистински протест.
А државата? Автократскиот претседател Александар Вучиќ на испробан начин се јавуваше за збор, противречејќи си самиот на себе, или пак оставаше негови поданици да даваат изјави околу парадата. Дури се зборуваше и дека парадата е „откажана“, па „забранета“, па и дека организаторите се „замолени“ да не шетаат, но дека никој не може да им забрани да шетаат.
Се вмешаа и западни политичари, најавувајќи дека ќе дојдат лично на парадата. Амбасадори предупредуваа и укажуваа на демократските принципи и човековите права. Рекоа дека се многу загрижени за европската иднина на Србија.
Вучиќ во елемент
Сега, како во Земја на чудата, сите некако излегоа победници. ЛГБТ-заедницата во Србија сепак излезе на прошетка и доби бран на огромна меѓународна солидарност. Но и за десницата во Србија, за националистите и за црквата ова не беше комплетен пораз, бидејќи ја искористија дебатата и испратија јасна порака дека во општествениот дискурс тие не може да бидат заобиколени.
Јасно е дека тие имаат и волја и се во состојба да си ги мобилизираат своите поддржувачи. А што е со западните политичари? Ги оставија да веруваат дека сепак имаат влијание и дека сѐ уште некој ги слуша.
А Вучиќ, пак, покажа дека може да го сочува јавниот ред и мир, дека е подготвен за разговор и сосема во духот на државник дека пред сѐ се грижи за функционирањето на државата, за општествениот мир, како и за единството и просперитетот на нацијата. Појасни дека само тој е во состојба да го обезбеди пва и дека е секогаш во центарот на општеството, постојано напаѓан од екстремните, левицата и десницата. Неговата порака за внатрешна употреба гласи - „Јас сум стабилноста, јас сум државата“. За многумина во Србија токму тоа е пресудно.
Пораката кон надвор е – само со мене може да преговарате, само јас ја гарантирам стабилноста на Србија, и со тоа на Западен Балкан. А Западот, пак, во регионот не се плаши од ништо повеќе отколку од нестабилност која може да доведе до нови тензии или вооружени конфликти.
Вучиќ исто така кажа дека и едната и другата страна имаат попаметни работи отколку да се занимаваат со маргинални прашања како една ЛГБТ-парада. Па, така еден ден пред парадата го прими унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белград и му додели високо државно признание оквалификувајќи го како „пријател“. Во меѓувреме отпатува во Њујорк, каде ќе учествува на Генералното собрание на ОН, каде ќе има и свое обраќање. Тој неуморно работи за благосостојбата и интересите на српскиот народ, вели Вучиќ.
Имиџ на „махер“
Во Србија секако си ја постигна целта. Една од основите на неговата политика во земја во која ги контролира речиси сите медиуми е луѓето постојано да се држат под одреден општествен напон. Многу пред Трамп и сосема во стилот на неговиот пријател Орбан, Вучиќ го етаблираше „хипервентилирањето“ како модус операнди на неговата политика.
Кризите не престануваат, опасност се заканува од сите страни, а само тој може да ја однесе Србија напред, некаде во некоја светла иднина. Тоа што честопати го опишуваат како стабилократ не го интересира.
Дали сега по Европрајд-парадата во Белград сите се победници? По малку да, но многу повеќе, како и во сѐ друго во Србија, победи Александар Вучиќ. Сите други остануваат во споредни улоги. И тие понекогаш може малку да победат, но само за потоа да паднат во заборав.