1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

ЕУРО 2024: Последното додавање на Тони Крос

Томас Клајн
6 јули 2024

Германската фудбалска репрезентација загуби од Шпанија во четвртфиналето на ЕУРО 2024. За Тони Крос ова беше последен натпревар во неговата импресивна кариера, која имаше емотивен крај.

https://p.dw.com/p/4hxWr
EM 2024 | Viertelfinale | Spanien - Deutschland | Toni Kroos
Фотографија: Kai Pfaffenbach/REUTERS

Неговото 83-то додавање во четвртфиналето меѓу Германија и Шпанија беше последната акција на Тони Крос вчера вечерта во Штутгарт - и воедно последно во неговата професионална фудбалска кариера. Германската репрезентација штотуку загуби од Шпанија по продолженијата со 1:2 (0:0, 1:1) и со тоа испадна од домашното Европско првенство. По последниот судиски свиреж, Крос погледна кон теренот, а потоа остави погледот да му шета низ арената во Штутгарт.

Чувствува „одредена празнина и големо разочарување“, им рече Крос на новинарите кои го чекаа. „Помалку поради крајот на мојата кариера, а повеќе поради тоа што сонот на овој тим исчезна.“ Играчот од средниот ред веќе ја заврши клупската кариера пред ЕУРО 2024, а сега дојде крајот и во репрезентацијата.

Крос е пример за секого

Во четвртфиналниот натпревар против Шпанија, играчот од средниот ред беше во центарот на вниманието уште на самиот старт. Сепак, не поради неговите вообичаени прецизни додавања. Во првите минути се најде во дуел со Педрија и го собори на земја. Не долго потоа, тој нагази на стапалото на Никo Вилијамс. Двата потези на германскиот фудбалерот можеа да бидат казнети со жолти картони. Се играше жестоко, двете екипи не се предаваа. По некое време играта се смири, а и Крос стана малку помирен. Со громогласни извици „Тони, Тони“ гледачите на стадионот во Штутгарт го бодреа 34-годишникот на секој прекин на играта.

Флоријан Виртц го постигна израмнувачкиот гол против Шпанија.
Флоријан Виртц го постигна израмнувачкиот гол против Шпанија.Фотографија: Kai Pfaffenbach/REUTERS

Германија стануваше се подоминантна во текот на натпреварот, но првиот гол (52 минута) го постигна Дани Олмо за Шпанија. Во последните минути од регуларното време, тимот на селекторот Јулијан Нагелсман ги фрли сите карти на напад - и беа наградени: Џошуа Кимих со глава му асистираше на Флоријан Виртц, кој постигна гол за 1:1 (89 минута). Она што се случи потоа со години не е видено на натпревар на националниот тим. Стадионот во Штутгарт целосно експлодираше, германската клупа истрча на теренот. Сите славеа. Кога веќе сите се подготвуваа за пенал, Шпанецот Микел Мерино ја донесе одлуката со голот со глава (119 минута) - и означи крај на големата кариера на Тони Крос.

„Никој не бил толку успешен“, го пофали Џошуа Кимих соиграчот по натпреварот. „Без оглед на сите негови успеси, неверојатно е каков тип и човек е тој. Тој е пример за сите нас во соблекувалната.“

Најуспешниот играч на Германија

Кариерата на Тони Крос е повеќе од импресивна. Само во Бундеслигата, шпанската „Ла Лига“ и Лигата на шампионите, играчот од средниот ред одигра вкупно 630 натпревари, со дополнителни настапи во куповите и 114 натпревари во дресот на Германија.

Светскиот шампион од 2014 година беше меѓу потивките играчи, оставајќи ги неговите настапи на теренот да зборуваат наместо него. „Што да кажеме за Тони? Не треба ни да зборуваме за неговите фудбалски вештини“, изјави Антонио Рудигер во кампот на ДФБ за плејмејкерот. „Тој е тивок лидер. Тој не е човек кој зборува многу, но секогаш оди напред на теренот“.

Тони Крос (во средина) беше лидер на германската репрезентација и пример за многу негови соиграчи.
Тони Крос (во средина) беше лидер на германската репрезентација и пример за многу негови соиграчи.Фотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Крос е „едноставно одлично момче“ и „пример за многумина“, изјави селекторот Јулијан Нагелсман по елиминацијата од Европското првенство. „Сакавме да му пружиме поубаво збогување бидејќи го заслужи тоа.“

Ули Хенес: „Нема смисла од него да се прави светска ѕвезда“

Да се ​​направи Крос нервозен на теренот изгледаше како невозможна задача. Кој ги следел неговите игри залудно чекал Крос да стане нервозен - без разлика кој противнички играч се обидел да му го спречи додавањето. Тоа е навистина импресивно, ако се земе предвид дека кариерата на Крос започна во 2007 година во ФК Бајерн Минхен.

„Не го истакнувајте премногу!“, рече тогашниот шеф на Бајерн Ули Хоенес, откако Крос на неговото интернационално деби во тогашниот Куп на УЕФА против Црвена Ѕвезда одигра извонреден меч . „Тони во моментов има само 17 години. Нема смисла сега од него да се прави светска ѕвезда“, грече Хенес. Седум години подоцна, еден триумф во Лигата на шампионите и титула на Светското првенство во 2014 година, Крос се пресели во шпански Реал Мадрид - делумно затоа што неговиот агент и Бајерн не можеа да се согласат за неговиот договор.

Тони Крос освои шест титули во Лигата на шампионите, од кои пет со Реал Мадрид (на фотографијата со пехарот во 2017 година).
Тони Крос освои шест титули во Лигата на шампионите, од кои пет со Реал Мадрид (на фотографијата со пехарот во 2017 година).Фотографија: Alberto Lingria/Pressefoto ULMER/picture alliance

Во Мадрид, Крос стана врвен светски фудбалер. Уште петпати ја освои Лигата на шампионите, четирипати беше шпански првак и во 2018 година беше прогласен за „Фудбалер на годината“ во Германија. Дури и Ули Хоенес почувствува потреба да го ревидира своето мислење за својот поранешен штитеник пред неколку години: „Понекогаш клубот мора да донесе тешки одлуки - и тоа беше една од нив. Можеби погрешна“, призна поранешниот претседател на Баерн.

Рекорден број додавања на отворањето на ЕУРО 2024

Неодамна Крос повторно ја презеде главната улога во средниот ред на германската репрезентација. Во летото 2021 година, светскиот шампион се повлече од националниот тим, но тренерот Јулијан Нагелсман го убеди да се врати во тимот на ДФБ. „Тивкиот лидер“ набрзо стана централна фигура во германската игра. Тој со додавањата ја диригираше играта и на соиграчите им даваше сигурност која долго време недостасуваше.

Титулата на Европските првенства е единствена која недостасува во кариерата на Тони Крос
Титулата на Европските првенства е единствена која недостасува во кариерата на Тони КросФотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

При убедливата победа на Германија на отворањето на Европското првенство против Шкотска, Крос успешно оствари 101 од 102 додавања. Тоа беше највисокиот успех на пасови постигнат од играч со повеќе од 100 додавања на еден натпревар на Европското првенство уште од 1980 година. Во неговата последна професионална сезона во Реал Мадрид, Крос имаше просечен успех на додавања од 95 проценти.

Крос: „Ќе работам многу со деца“

Но, сега дојде крајот. Последното додавање е одиграно. Голови, титули и успешни додавања - сето тоа повеќе нема да биде во центарот на вниманието на Крос. На 34 години реши да ги закачи копачките на клинец. Уште пред четвртфиналето против Шпанија изјави дека не се плаши од крајот на кариерата.

„Тоа е одлука што ја донесов сам. Ќе има моменти кога ќе ми недостига фудбалот“, објасни Крос. „Без разлика што ќе следи или какви хобија имам, никогаш нема да можам да работам ништо толку добро како играње фудбал“.

Рекордерот Мануел Нојер

Сепак, фудбалот ќе продолжи да игра голема улога во неговиот живот. Тој планира да отвори фудбалска академија во Мадрид. „Ќе работам многу со децата“, рече Крос - вклучувајќи ги и неговите три деца. Во изминатите неколку години тие често беа запоставени.

Во иднина ќе ја следи репрезентацијата како навивач. Крос е убеден дека германскиот тим има светла иднина. Тој во соблекувалната со говор се прости од соиграчите и им се заблагодари за прекрасните недели поминати на домашното Европско првенство. „Тимот верува во себе. Се надевам дека ќе продолжат да веруваат во себе додека јас ги следам“.