1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Пет милијарди евра нова помош за Украина

ЖА
14 март 2024

Преговорите меѓу земјите на ЕУ се одолговлекуваа, меѓу другото и поради барањата на Германија и Франција, но сега е постигнат договор за воена помош вредна пет милијарди евра.

https://p.dw.com/p/4dUbT
Знамиња на ЕУ и на Украина во Брисел
Знамиња на ЕУ и на Украина во БриселФотографија: Xavier Lejeune/European Union, 2023

По неколкумесечни преговори, земјите од ЕУ се согласија да продолжат со заедничкото финансирање на воена опрема за Украина. Според сегашното белгиско претседателство со Советот на ЕУ и дипломатите, треба да се испорача оружје, муниција и друга стока во вредност од најмалку пет милијарди евра. Поточно, се планира  да се обезбедат дополнителни средства  за Европскиот мировен фонд (ЕФФ). Овој финансиски инструмент може да се користи за враќање на средствата на земјите-членки на ЕУ за  воената поддршка на Украина  нападната од Русија и за плаќање за заеднички нарачки.

Преговорите беа особено тешки поради барањата на Германија и Франција. Германија како најголема европска економија го финансира ЕФФ со 25 проценти. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, првично инсистираше на обврска од 20 милијарди евра до 2027 година. Тоа би значело нов придонес од пет милијарди евра за сојузната германска влада. Сепак, со оглед на проблемите во буџетот, канцеларот Олаф Шолц побара да се земе предвид билатералната германска  воена помош за Украина  во вредност од повеќе од седум милијарди евра само оваа година. Според дипломатите, тоа сега е во основа можно. Франција исто така побарала заедничката каса да се користи само за финансирање на оружје од европско производство. Други земји сметаат дека ова е нереално. Како компромис, според информациите од Брисел, сега приоритет треба да има оружјето од европските компании за производство на оружје. Доколку се исцрпат капацитетите, можни се набавки во трети земји како САД или Јужна Кореја. Договорот треба официјално да биде потпишан во понеделник. Германскиот евроамбасадор Михаел Клаус синоќа го опиша договорот како „добра вест за Украина“. Тоа овозможува особено брза и небирократска билатерална испорака на воена опрема како дел од  поддршката на ЕУ за Украина,  рече тој. Министрите за надворешни работи на ЕУ се очекува официјално да го потпишат договорот во Брисел во понеделник.