1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе го казнува построго еколошкиот криминал

ЕМФ | афп
17 ноември 2023

Еколошкиот криминал и нелегалниот извоз на отпад ќе бидат построго казнувани во Европа.

https://p.dw.com/p/4Z2Ru
Германија | отпад
Нелегален отпад во регионот на реката Одра, кај Рајтвајн Фотографија: picture-alliance/dpa-Zentralbild/P. Pleul

Преговарачите од Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ денеска (17.11) постигнаа начелен договор за построго казнување на еколошкиот криминал и нелегалниот извоз на отпад. Според договореното, трговијата со одредени тропски дрвја и нерегуларната употреба на жива во иднина треба да бидат кривично гонети. Договорот предвидува и стандардизирање на казните за еколошки криминал во земјите на ЕУ. Тоа значи дека ќе треба да се ревидира законот од 2008 година за кој критичарите велат дека е премногу слаб.

ЕУ треба да ја обнови и регулативата за транспорт на отпад од 2006 година. Според денеска постигнатиот договор, извозот на отпад во други земји членки ќе биде можен само со претходно одобрение. За извоз во земји надвор од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) се предвидени построги критериуми. Со инспекции и регистар на ЕУ треба да се обезбеди отпадот да подлежи на одредени еколошки стандарди и во странство.

Според Европската комисија, Унијата секоја година извезува околу 33 милиони тони отпад, што ја прави еден од најголемите извозници на отпад во светот. Помеѓу 15 и 30 проценти од тој извоз на отпад се смета за нелегален.

За двата начелни договори е потребно формално одобрение од Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ.