1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаЕвропа

ЕУ: Договор за миграција со Либан

Томас Лачан
2 мај 2024

Брисел и Бејрут сакаат Либан да спречува повеќе сириски бегалци на патот кон Унијата. За возврат треба да добие финансиска помош од повеќе милијарди евра. Има и критика за таквиот договор.

https://p.dw.com/p/4fQYl
Прифатен центар за мигранти на Кипар
Прифатен центар за мигранти на КипарФотографија: Petros Karadjias/AP Photo/picture alliance

Како да се намали бројот бегалци кои се обидуваат без дозвола да влезат во ЕУ? Одговорот на прашањето го бараат  шефовите на држави и влади на ЕУ  со години. Сега се обидуваат со договори за миграција. Денеска (втори мај) Урсула фон дер Лајен патува во Бејрут со претседателот на Кипар, Никос Кристодулис, за да склучи договор со Либан. Претходно тој алармираше дека земјата „веќе не е во состојба да прими уште повеќе бегалци." Само од почетокот на 2024 година околу 4 илјади лица илегално дошле до островот во источното Средоземје - во првиот квартал претходната година биле само 78. Логорите се преполни, изјави тој и неодамна дал насока да не се одобруваат барања за азил  од сириски бегалци.

Зошто ЕУ сака да го поддржува Либан?

Од почетокот на војната во Сирија во 2011 година Либан прими повеќе од 1,5 милиони бегалци од соседната земја. Од Триполи на север до Ларнака има околу 200 километри воздушна линија. Сириски бегалци се обидуваат со брод да преминат до таму.

Сириски бегалци во Либан
Либан прими повеќе од 1,5 милиони бегалци од почетокот на војната во Сирија во 2011 година Фотографија: Marwan Naamani/dpa/picture alliance


Либан е во тешка економска криза, Брисел е загрижен дека војната во Газа може да се одрази и на Либан, посебно ако ескалира конфликтот меѓу Хезболах и Израел. Во тој случај уште повеќе бегалци би можеле од Либан да дојдат во Европа.
Либанскиот премиер минатата недела побара од ЕУ помош за „враќање на сириските бегалци” и „повеќе поддршка за безбедносните сили”, како и за „развојни проекти и обновливи извори на енергија и водата”.

Договор за миграција: пари за прием на бегалците

ЕУ се чини подготвена да му помогне на Либан и бара како противуслуга Бејрут да се ангажира повеќе за спречување бегалски бранови преку Средоземјето. Се зборува за „повеќегодишна финансиска поддршка" до 2027 година.
Такви договори ЕУ има со неколку држави од Северна Африка од Мавританија до Тунис.
Во март ЕУ склучи и дополнителен договор со Египет со кој Каиро за 4 години ќе добие 7,4 милијарди евра од Брисел, кредити и инвестиции во зелени технологии или дигитализација на земјата. Како противуслуга земјата посилно ќе се залага против шверц на луѓе и подобро ќе ги брани границите кон Судан и Либан.

Урсула фон дер Лајен и Абдел Фатах ал-Сиси
Урсула фон дер Лајен и Абдел Фатах ал-Сиси - во март ЕУ склучи дополнителен договор со Египет за миграцијаФотографија: Dati Bendo/dpa/EU Commission/picture alliance

Јужна Европа бара повеќе договори

Особено претседателот на Кипар, го поддржува договорот со Либан и вели дека „сакаме на Либан да му помогнеме да се справува со бегалците за да не доаѓаат уште повеќе од нив на Кипар”.
Кристодулидис има поддршка и од други членки на ЕУ од Средоземјето, како Шпанија, Грција,  Италија и  Малта чии министри пред една недела заеднички бараа договорите со земји од кои доаѓаат многу азиланти, „да се продлабочат и прошират” за да се спречи „нерегуларно доселување”.
Некои земји дури бараат и делови од Сирија да се декларираат за „безбедни региони на потекло” за  да ги вратат бегалците таму.

„Европа станува предмет на уцени со договорите"

Особено организации за човекови права го критикуваат ваквото постапување. Амнести интернешнл во минатото документирала како вратени бегалци во Сирија се убивани, мачени, силувани или произволно апсени.
И Либан не е безбедна земја за сириски бегалци, предупредува Фадел Абдул Гани, шефот на Сириската мрежа за човекови права. Бегалците се дискриминирани, искористувани и делумно дежурни виновници за страшната економска состојба, вели тој за весникот „Новите Арапи", кој се издава во Лондон.
Поранешниот европратеник од Зелените, Ерик Маркарт, го критикува договорот како „недостоинствена политика на куфер со пари” со која Европа станува предмет на уцени  од „партнери на кои не може да се потпре”. "Ако нема контрола за трошењето на парите од диктатори, не треба да има пари”, вели тој во однос на Египет и Тунис.
Освен тоа со таквите договори не се работи за подобрување на состојбата на бегалците во договорните земји.
Либан не е диктатура, но е во длабока политичка и економска криза. Фактички Хезболах има преземено контрола над големи делови од земјата. Нејасно е дали преодната влада може да гарантира исполнување на договорот и наменско трошење на парите на ЕУ.