Косово: Стотина повредени во судирите во српските општини
29 мај 2023Околу 40 припадници на мировната мисија на НАТО во Косово се повредени откако се обидоа да ги сопрат косовските Срби да упаднат во општините во кои неодамна беа избрани градоначалници Албанци. Околу 50 припадници на српската заедница се повредени во судирите, а претседателот Александар Вучиќ ја стави армијата во состојба на зголемена готовност.
Меѓу војниците на КФОР има десетина потешко повредени кои настрадале откако врз нив била фрлена непозната експлозивна направа. Тие се припадници на италијанскиот и унгарскиот контингент. Унгарскиот министер за одбрана Крисоф Шолој-Бобровницки соопшти дека седум потешко повредени војници ќе бидат префрлени во Унгарија на лекување.
„Тоа што се случува е апсолутно неприфатливо и неодговорно“, соопшти италијанската премиерка Џорџа Мелони. „Најважно е да се избегнуваат натамошни унилатерални акции од страна на косовските власти, а сите страни веднаш да се повлечат во насока на намалување на тензиите“.
Меѓусебни обвинувања
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се повредени 52 Срби, од кои тројца потешко. Тој се закани дека „нештата целосно ќе се сменат“ доколку Албанци започнат да пукаат кон Србите.
„Запука ли албанскиот окупатор, работата ќе биде сосема поинаква, тоа е нешто што им го пренесов на сите во НАТО“, рече Вучиќ и додаде дека ја распоредил војската на „сите неопходни места“.
Косовската претседателка Вјоса Османи го обвини Вучиќ дека сака да го дестабилизира Косово.
„Српските илегални структури претворени во криминални банди ги нападнаа косовската полиција, КФОР и новинарите. Оние кои ги спроведуваат наредбите на Вучиќ за дестабилизација на Косово мора да се соочат со правдата“, твитна Османи.
Вучиќ, пак, го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека ги создава тензиите.
До новата ескалација на насилство дојде откако етнички Албанци ги презедоа градоначалничките места во општини на северот на Косово по изборите кои беа бојкотирани од Србите. Чекор поради кој официјална Приштина беше осудена од САД и нивните сојузници.
Судири во три општини
Судирите меѓу локалното српско население и косовската полиција и КФОР во понеделникот попладне ескалираа во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток. Во судирите од двете страни се користени солзавец и шок бомби.
Србите одбија да учествуваат на локалните избори во април, па етнички Албанци ги добија градоначалничките места во сите општини со мнозинско српско население. Во петокот, на 26 мај, тројца од четворицата етнички албански градоначалници пристигнаа на работните места со полициска придружба, но беа нападнати со камења по што дојде до судири меѓу локалните Срби и полицијата.
САД во петокот ја критикуваа Приштина и бараа да не се наметнуваат градоначалници во мнозински српските општини, но косовскиот премиер Курти ги отфрли таквите барања кои дојдоа и од ЕУ.