Ердоган во Белград - повеќе од економија?
11 октомври 2024Посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Белград доаѓа во време на големи геополитички тензии. Токму тие настани се причината поради која Турција, би се рекло по многу активна дипломатска активност на Балканот, имаше некои други надворешнополитички приоритети во изминатите години.
Економската криза во самата Турција, војната во Украина, конфликтот на Кавказ и актуелните конфликти на Блискиот Исток, го оттргнаа фокусот на Турција од, пред сè, ситуацијата околу Косово, Босна и Херцеговина, но и Санџак. Сепак, за тоа време Турција имаше солидно зголемување на економската соработка со Србија и се очекува економските активности да бидат во фокусот и на оваа посета.
„Дилови“ со диктатори
Економската соработка како главен фокус на оваа посета ја гледа и Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања:
„Покрај тоа, се чини дека Ердоган нема многу соговорници во демократскиот свет и Србија во тој дел му доаѓа добро и за неговите внатрешнополитички поени. Меѓутоа, зад сето ова стојат профитабилни економски зделки, кои Александар Вучиќ ги прави со малите и големите диктатори ширум светот, така што зад сите овие придобивки од добрата соработка се кријат добри корупциски проекти“, вели Бешири за ДВ.
Турција е среде три големи конфликти, потсетува Душко Лопандиќ од Форумот за меѓународни односи, па затоа, смета тој, во текот на изминатите години не можеа да се видат некакви нејзини иницијативи и посети на Балканот.
„Балканот беше релативно мирен во претходниот период и за тоа време економската размена меѓу Турција и Србија достигна околу 1,5 милијарди долари. Има бројни инфраструктурни и инвестициски проекти, како и туристичка соработка. Дополнително, Турција со својата политика е влијателна во она што можеме да го наречеме муслиманскиот дел на Балканот, но треба да ја додадеме и Албанија, која исто така ја посети“, истакнува Лопандиќ.
Заладена братска љубов
По посетата на Белград, турскиот претседател ќе учествува на претстојниот самит на земјите од БРИКС - за разлика од српскиот претседател Вучиќ, кој изјави дека тогаш очекува важни посети од странство. Се наведува дека причина за пропуштањето на самитот на БРИКС е посетата на полскиот премиер Доналд Туск на Србија на 23 и 24 октомври.
Во српската јавност ова се гледа како досега невиден прст во окото на рускиот претседател Владимир Путин, кој на некој начин директно го покани српскиот претседател на споменатиот самит. Иако и двете страни се обидоа да го испеглаат тој дипломатски расчекор, остана силен впечаток на отстапување на српското раководство од прекумерното јавно изразување на братска љубов меѓу Србија и Русија.
„Јасно е дека имавме бројни настани кои доведоа до заладување на односите меѓу Путин и Вучиќ“, забележува Наим Лео Бешири, додавајќи на тоа неколку остри изјави на Марија Захарова, која пред неколку дена повторно го критикуваше Вучиќ, бидејќи тој во Њујорк го избегна Сергеј Лавров.
„Забележливо е дека двајцата претседатели не комуницирале две и пол години, а сето тоа покажува дека личниот анимозитет меѓу Вучиќ и Путин надминал одредена граница. Единствената причина поради која не се воведуваат санкции кон Русија се, се вели, токму тие коруптивни пари што српскиот врв ги однесе во Русија, а сега размислува како да ги извлече од таму. А што се однесува до неодењето на самитот на БРИКС, мислам дека Вучиќ во тоа не гледа никаква корист и мислам дека е во право“, вели нашиот соговорник од Институтот за европски прашања.
Нишање во сите правци
Душко Лопандиќ забележува дека во последните месеци сѐ повеќе се инсистира на вртење кон кон Европската Унија и кон Западот воопшто, и вели дека „тоа можеме да го видиме пред сѐ од активностите на претседателот на Србија и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ – тоа е особено видливо во однос на Русија“.
„Од друга страна, сосема е јасно дека владата ќе продолжи со својата неевропска агенда во однос на Турција, арапските земји, Кина и така натаму. Во овој контекст треба да се набљудува и односот кон БРИКС, што во моментов не е приоритет за Вучиќ. Но, никогаш не се знае со оваа политика, која е подготвена да се ниша на сите четири страни“, вели Лопандиќ.
Одреден пресврт во српската надворешна политика забележува и американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој буквално во секое медиумско појавување посочува дека Србија дефинитивно се врти кон Западот. „Проблемот е“, додава Лопандиќ, „што српската надворешна политика е толку полна со противречности што мислам дека голем дел од европските политичари веќе воопшто не му веруваат на Александар Вучиќ“.
Наим Лео Бешири, пак, не гледа никакво свртување на Србија кон Запад, „туку само долгорочно замајување на западните земји. Убеден сум дека ова наводно свртување кон Западот секогаш доаѓа во време кога Западот подготвува некоја посилна критика на властите во Белград. Едноставно не можеш да бидеш прозападно ориентиран, а на домашен фронт да правиш сѐ што е спротивно на западните стандарди и правила“, забележува Бешири.