1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски и Мицкоски бараат решенија за енергетската криза

ДТЗ
4 октомври 2022

Премиерот ги сослуша и не ги отфрли предлозите на опозицијата, но цврсто стои на ставот дека Владата има капацитет да се справи со кризата и дека не е време за широка коалиција или за експертска влада

https://p.dw.com/p/4Hjqp
Димитар Ковачевски Христијан Мицкоски
Енергетската криза ги седна Ковачевски и Мицкоски на заедничка маса Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски седнаа на заедничка маса во обид да се изнајде решение за најгорливите проблеми со коишто се соочува земјата -.економската криза и снабдувањето со енергенси во пресрет на зимата.  Ковачевски по средбата оцени дека таа поминала во добар дух, а барањата на ВМРО-ДПМНЕ не се отфрлени.

„Не очекувам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ме фали, напротив, очекував да биде и поостар во изјавата. Сепак сметам дека состанокот помина во добар дух, се разговараше експертски. Дополнителни анализи ќе бидат направени за основното барање на ВМРО-ДПМНЕ за префрлување на јавните комунални претпријатија на регулиран пазар.Разбирливо е дека тоа им беше главно барање, бидејќи ги имаат најголем број од градоначалниците. Ние го немаме тој луксуз, мораме да се грижиме за сите подеднакво“, рече Ковачевски.

На средбата во Владата беа повикани лидерот на партијата, Мицкоски и економски тим на ВМРО-ДПМНЕ. „На средбата влегов загрижен, а излегов уште позагрижен“, рече Мицкоски по двочасовните разговори за енергетиката.  

„Во периодот што следува е потребно силно да работиме, да ги надминеме сите проблеми кои што очигледно ќе ни се случуваат, бидејќи она првично сценарио што како претпоставка сите ние го имаме, а тоа е функционалност на трите блока во РЕК Битола, едниот блок во „Осломеј“ во Кичево, двете турбини во Неготино, вклучително и добрата кондиција на хидропотенцијалот, зајакнат со добриот капацитет на ТЕ-ТО Скопје во суштина е тешко да се реализира“, изјави Мицкоски.

Опозициската партија изразила подготвеност да ги стави на располагање сите контакти коишто ги имаат со цел да се обезбеди поевтина струја и да се ублажат ефектите од кризата кои највеќе ги чувствуваат граѓаните, но и стопанството. 

„Предлагаме позиција која што ќе обезбеди значително поевтин ресурс за ТЕЦ Неготино. Цената по која што тој ресурс ќе биде донесен до ТЕЦ Неготино и комерцијалните услуги ќе ги преговара Владата и ќе даде цена на електрична енергија што ќе биде најмалку двапати помала од таа што во овој момент е на берзите“, изјави Мицкоски.

Владата има капацитет - не е време за широка коалиција

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по средбата рече дека Владата има капацитет и легитимитет да се справи со предизвиците на кризата и дека не е време за формирање широка коалиција или експертска влада.

„Политичките партии без разлика дали се на власт или опозиција, треба да дадат максимум во соочување на државата со енергетската и економската криза. Тоа не значи создавање на широка коалиција или формирање на експертска Влада. Оваа Влада има легитимитет и капацитет за да се соочи со предизвиците“, вели Ковачевски, коментирајќи го предлогот на пратеникот Павле Трајанов дека треба да се размислува за создавање на широка коалиција во која ќе бидат вклучени сите политички партии.