Експлозија во рудник во Турција: Десетици загинати
15 октомври 2022Во силна експлозија во рудник за јаглен во северниот дел од Турција која се случила доцна вчера (14.10.) загинаа најмалку 40 рудари, соопшти денеска гувернерската служба на црноморската провинција Бартин, како што пренесува турската новинска агенција Анадолу.
Повеќе повредени се испратени на лекување во Истанбул. Се претпоставува дека во рудникот во општината Амасра на Црно Море, експлодирал метан гас на длабочина од околу 300 метри под земјината површина, како што јавуваат локалните медиуми. Во акциите за пронаоѓање и спасување учествуваат преку 150 лица.
Во рудникот кој се наоѓа на 300 километри североисточно од Анкара, според наводите на турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Соулу, во времето на несреќата се наоѓале околу 100 рудари, од кои 49 во еден загрозен, подлабок дел.
Гувернерската служба јави за 58 спасени рудари, од кои некои успеале сами да излезат, а некои биле извлечени.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер најави дека денеска ќе го посети местото на несреќата заради „координирање на спасувачките мерки“.
Во тек е истрага за причините за експлозијата. Најголемата турска опозициска партија, социјалдемократската Републиканска народна партија ЏХП, обвини дека властите игнорирале извештај на Ревизорската служба од 2019 година со укажувања за опасност од експлозија во овој рудник.
Во изминатите години во Турција се случија повеќе рударски несреќи, причините делумно се должат на недоволни мерки за безбедност. Во 2014 година во експлозија на рудник за јаглен во провинцијата Маниса во Егејскиот регион загина вкупно 301 лице.
*Прилогот е актуелизиран по објавувањето