Економијата на Западен Балкан и нејзината зелена иднина
29 октомври 2022Во Берлин моментално се редат конференции со високи претставници на Германија, ЕУ и Западен Балкан: минатата недела состаноци на министерско ниво, прво на министрите за внатрешни работи, а потоа и за надворешни работи, а на почетокот од оваа недела и на министрите за енергетика. Причина за овие интензивни дипломатски активности во Берлин е самитот на земјите од Западен Балкан и ЕУ во рамки на Берлинскиот процес, кој на почетокот на ноември ќе се одржи во Берлин.
За подобра мобилност во регионот
Првите резултати од овие состаноци веќе се видливи: на средбата на министрите за внатрешни работи е најавено дека на самитот ќе бидат потпишани неколку спогодби за овозможување подобра мобилост на луѓе и стоки на просторот на Западен Балкан. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека тие не само што ќе го олеснат секојдневието на обичните граѓани, туку и на стопанствениците, кои полесно ќе ги извршуваат своите работи во рамки на регионот.
Полесна комуникација и подобрување на економските врски на земјите од Западен Балкан како некој вид подготовка за подоцна поолемиот, заеднички пазар на ЕУ, е декларирана цел на Берлинскиот процес, којшто во 2014. година го иницираше тогашната германска влада.
Подобра стопанска соработка во регионот беше тема и на Економскиот форум со земјите од Западен Балкан, којшто во организација на Сојузот на германското стопанство за источна Европа и Германската индустриска и трговска комора беше одржан како пропратна програма за претстојниот самит. Заедничкиот пазар беше во фокусот на дебатите на експертите и претставници на институции, но и од аспект на актуелната енергетска криза. Затоа форумот беше наречен „Во пресрет на отпорен заеднички регионален пазар.“
Потенцијали за зелена енергија
Нина Дракиќ, претседателка на Економската комора на Црна Гора и членка на управниот одбор на Инвестицискиот форум Western Balkans 6, смета дека зелената агенда во регионот уште нема наидено на целосно разбирање, иако крие големи потенцијали. „Во регионот се среќаваме со различни предизвици во секојдневието, па зелената агенда не е на врвот на нашите интереси. Но, оваа криза е и шанса за диверзифицирање на енергетскиот сектор и јакнење на оној дел кој се потпира на одржливи извори, за што нашиот регион има многу потенцијали“, вели таа за Дојче веле.
Да потсетиме: ЕУ на западнобалканскиот самит лани прифати акциски план за зелена агенда за регионот чии цели се намалување на емисијата на ЦО2, зголемување на уделот енергија од обновливи извори и зачувување на разноликост. До 2030 година како финансиска помош се предвидени 9 милијарди евра, а дополнителни 20 милијарди Западен Балкан треба да добие во форма на приватни вложувања, секако со кредитни гаранции.
Искористување на кризата
И Томас Нарбесхубер од Сојузот на германската економија за источна Европа, задолжен за југоистокот на континентот, смета дека актуелната енергетска криза е добар поттик за вложување во обновливи извори на енергија на Западен Балкан. „Веќе не можеме да зборуваме за тоа дали ни се допаѓа или не таа зелена агенда. Тоа е реалност. Компаниите веќе десет години во своите проекции ја вклучуваат оваа агенда. Не зборуваме притоа само за Европа, туку за глобален процес. Во Азија, Северна Аерика, каде и да погледнете, инвеститорите масовно вложуваат во зелена технологија. Идните генерации едноставно не сакаат производи кои не се создадени на одржлив начин“, смета Нарбесхубер, кој за компанијата БАСФ со години го покрива подрачјето на Западен Балкан.
Овј регион, поради својот потенцијал во секторите на соларна енергија или ветар, но и поради близината, е сѐ поатрактивен за пазараот на ЕУ.
Државниот секретар во Министерството за рударство и енергетика на Србија, Зоран Лакичевиќ смета дека забрзувањето на процесот на одвојување од фосилни горива е добро не само за Србија, туку и за регионот. „Србија голем дел електрична енергја добива од фосилни горива, посебно јаглен, и намалување на таа зависнот е добро за Србија и за регионот“, вели тој.
Германскиот министер за економија и енергетика Роберт Хабек во пресрет на состанокот на министрите за енергетика од ЕУ и Западен Балкан, исто така одржан како подготовка за западнобалканскиот самит на 3 ноември во Берлин, во повеќе наврати повтори дека Германија сака и земјите од Западен Балкан сѐ повеќе да се свртуваат кон обновливи извори на енергија. „Развој на обновливи извори на енергија, намалување на зависноста и зголемување на степенот на снабдување во момент кога се интензивира натамошната кооперација меѓу земјите од Западен Балкан. Германската влада е спремна, заедно со партнерите од Балканскиот процес, да пружи целосна поддршка на тој пат“ изјави Хабек.
Што во превод значи дека пари од ЕУ ќе има само за анергетски проекти ориентирани кон иднината.
Потребно е и забрзување на патот на Западен Балкан кон таа цел. Зашто, вели Хабек, актуелната енергетска криза посебно силно ги погодува земјите од овој регион.
Проблем на стручни кадри
Иако зелената агенда, како дел од службената агенда на Берлинскиот процес, беше во средиштето на овој стопански собир, се зборуваше и за останатите „вечни“ проблеми со кои се соочуваат вложувачите кои сакаат да градат бизниси на Западен Балкан: премногу бирократија, несредени катастарски книги и првенствено неадекватно образование на стручен кадар.
„Во сите сегменти се соочуваме со проблемот на структура на работната сила која не одговара на потребите на стопанството. Затоа некои инвестиции не се реализираат, посебно во производството," вели Нина Дракиќ.
И Нарбесхубер од аспект на вложувач смета дека се потребни напори за подобрување на стручно образование според германски модел, оносно дуален систем на образование. На критиката дека со ова Германија сака да образува работна сила за сопствени потреби, тој укажува дека многумина по работата во ЕУ се враќаат во земјата на потекло. „Свесни сме дека мнозинството радо останува да живее во својата земја. Ако создадеме рамковни услови за тоа, како добро образование, добар здравствен систем и квалитетни работни места, нема да има одлив на добра работна сила. Имаме случаи кај проширувањето на ЕУ, оние кои се иеселиле сега делумно да се враќаат“, заклучува Нарбесхубер, додавајќи дека проблемот на недостиг на работна сила не е присутен само во Западен Балкан, туку во цела Европа.
Снежана Керпрунер, директор на ГС-фабрика за машини од Травник, исто така смета дека ерозијата на квалитетот на образование е еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат стопанството и инвеститорите. „По војните, технолошкото ниво на целиот регион забележа голем пад. Без помош од нашите купувачи од Запад и пренос на знаење, ние сигурно не би работеле успешно." „Политичарите нека обезбедат атмосфера во која нема да има омраза, а ние на луѓето да им обезбедиме добро платени работни места, па луѓето веќе нема да се отселуваат“, заклучува Керпрунер.