1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Ефектот Кенеди ги плаши Трамп и Бајден

12 април 2024

Роберт Кенеди јуниор се обидува да се претстави како алтернатива на кандидатите Џозеф Бајден и Доналд Трамп и да го искористи незадоволството на електоратот кон двајцата противници. Пишува Ивор Мицкоски.

https://p.dw.com/p/4eg6R
Независен кандидат за претседател на САД: Роберт Кенеди јуниот, кој е внук на поранешниот американски претседател Џон Кенеди
Независен кандидат за претседател на САД: Роберт Кенеди јуниот, кој е внук на поранешниот американски претседател Џон КенедиФотографија: Jemal Countess/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Нови комшари го вознемируваат сонот на Џо Бајден, како да не беа доволни Трамп, Путин, Украина, војната во Газа, економијата, неговата возраст и ниската популарност. Станува збор за опасноста сосема трет кандидат да го осуди на пораз, како на пример независниот кандидат на претстојните претседателски избори во САД, Роберт Кенеди јуниор, кој буди сеќавања на Ралф Надер и неговото влијание врз поразот на Ал Гор во 2000-та година, или пак Рос Перот, кој во 1992 најверојатно му одмогна на Буш постариот да оствари победа.

Кенеди, кој е внук на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, се обидува да се претстави како алтернатива на кандидатите Џозеф Бајден и Доналд Трамп и да го искористи незадоволството на електоратот кон двајцата противници, надевајќи се дека ќе биде избран за прв независен кандидат за претседател на САД. Роберт Кенеди јуниор одлучи во својата изборна трка, како потпретседателка да ја кандидира правничката од Калифорнија, Никол Шанахан.

Шанахан претходно беше регистрирана како поддржувач на Демократската партија, од која истапи и Кенеди, а според податоците за финансирање на кампањата, таа била донатор на кампањите на Хилари Клинтон и Питер Бутиџиг. Таа е претседателка на приватната фондација „Биа-еко“, која им помага на жените да се породат на постара возраст и се бори за реформи во кривичното право. Шанахан, која е поранешна сопруга на основачот на Гугл, Сергеј Брин, никогаш претходно не се кандидирала за ниту една политичка функција. На тој начин Кенеди го насочи вниманието кон својата кампања, потсетувајќи дека еден дел од американската технолошка елита се уште е фасцинирана од неговите политички фантазии.

Застапник на теории на заговор

69-годишниот Кенеди, кој е познат како активист против вакцини, се соочува со мали шанси за успех, но неговата кампања може да послужи како платформа за промоција на тврдењата дека имунизациите во детството претставуваат здравствен ризик - теорија која е дискредитирана од повеќе научни истражувања. На Кенеди му е забранет пристапот на Јутјуб и Инстаграм поради ширење дезинформации за вакцините и пандемијата на ковид-19. Внук е на поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди, кој беше убиен во 1963 година, и син на поранешниот американски сенатор Роберт Ф. Кенеди.

Кенеди се повикува на својот татко и чичко, но исто така призна дека многу сегашни членови на поширокото семејство не ја поддржуваат неговата претседателска кандидатура. Во минатото најпознат беше за своите еколошки активности и заложби за животната средина, како и развивањето на оддржлива енергија. Но, во еден момент делува како да го губи разумот и така станува застапник на најлудите можни теории на заговор.

Роберт Кенеди јуниот на протест против вакцините против коронавирусот во Милано, Италија во ноември, 2021 година
Роберт Кенеди јуниот на протест против вакцините против коронавирусот во Милано, Италија во ноември, 2021 годинаФотографија: Flavio Lo Scalzo/REUTERS

Неговиот активизам против вакцините му донесе сојузници од десницата. Во 2017 година, тогашниот републикански претседател Доналд Трамп го повика да го надгледува панелот за ревизија на вакцините, поттикнувајќи критики од научници кои рекоа дека тоа може да го легитимира неоснованиот скептицизам. За време на пандемијата на ковид-19, Кенеди ги критикуваше барањата за социјално дистанцирање и сертификатите за вакцини. На митингот во јануари 2022 година во Вашингтон, тој посочи дека Американците имале помалку слободи за време на пандемијата од Евреите што живееле во нацистичка Германија. Тој подоцна се извини за неговите изјави.

Резултати од анкетите за секоја почит

Сега, знаеме одлично дека следните избори се реприза на дуелот Бајден-Трамп, но Кенеди јуниор почнува да се наметнува како сериозна непознаница во изборите. Јасно е дека независните кандидати не одат далеку на американските претседателски избори, но, нивното влијание на изборите понекогаш знае да не биде незначително. Особено што според анкетите резултатите на Кенеди јуниор во овие моменти се за секоја почит. Во просек сондажите му даваат околу 10% од гласовите на национално ниво, некаде достигнувајќи и максимум од 20%, нешто што според аналитичарите го поставува како трет кандидат со највисок процент гласови уште од времето на бизнисменот Рос Перот во 1992 година.

Токму примерот на Рос Перот е индикативен за овие избори. На претседателските избори во 1992, Перот ќе се наметне како алтернативен кандидат помеѓу Буш постариот и демократот Бил Клинтон. Перот ќе освои 19% од гласовите на национално ниво, иако нема да освои ниту една сојузна држава. Па, сепак, неговата изборна трка ќе има огромно влијание врз изборните резултати: Перот во најголем дел ќе откачи гласови од републиканскиот кампус, ослабнувајќи го Буш и индиректно фаворизирајќи го Клинтон кој токму на тие избори ќе успее да ја освои Белата Куќа. Токму од тој аспект кандидатурата на Кенеди треба да се следи со внимание.

Во моментов делува дека присуството на Кенеди повеќе му наштетува на Бајден отколку на Трамп. Според една анкета од крајот на март, во директен судир со Трамп, Бајден води со 3% пред својот ривал. Но, според истата анкета присуството на Кенеди би му овозможила предност на републиканскиот кандидат од 1% во однос на актуелниот претседател.

Од програмски аспект кандидатурата на Кенеди е прилично трасверзална: ако во однос на поседувањето на оружје повеќе им намигнува на републиканците, на некои теми од меѓународната политика далеку е поблизок до левите струи на демократите. Сепак, неговата поголема атрактивност кон светот на демократите се објаснува од два аспекти. Клучна улога игра токму неговото презиме Кенеди, кое за одредени сектори од демократите се уште има силна привлекувачка моќ, иако семејството јавно се дистанцираше од неговата кандидатура. Вториот аспект е што самиот Бајден е доста непопуларен кај самите демократски избирачи, особено помладите, нешто што многумина ќе ги насочи да оптираат за РФК јуниор.

Страв од непредвидливите ефекти

Не случајно кампањата на Бајден веќе демонстира одредена загриженост. Националниот комитет на Демократите смета дека Кенеди е де факто кандидат кој работи во корист на Трамп, особено поради фактот што и двајцата добија финансиски средства од милијардерот Тим Мелон. Од тие причини се верува дека екипата на актуелниот претседател има подготвено тим со наменска задача да го напаѓа Кенеди. Демократите масивно го тролаат Кенеди за време на неговите настапи, додека партиските финансиери бараат начини и правни иницијативи како да го елиминираат од претседателската трка. Демократите се особено алармирани од кандидатурата на Кенеди, особено откако одлучи во својата изборна трка, како потпретседателка да ја кандидира правничката од Калифорнија, Никол Шанахан.

Но, ако Атина плаче, Спарта не се смее. И Трамп донекаде стравува од ефектот Кенеди и воопшто не се воздржа од напад кон него, дискредитирајќи го како „кандидат на најрадикалната левица“. Па сепак, Трамп се надева дека и покрај широката поддршка за Кенеди и кај самите републиканци, тој ќе успее повеќе да му наштети на Бајден.

Деновиве Кенеди се истакна и по својата прва голема политичка грешка, кога во едно писмо адресирано до своите донатори ќе застане во одбрана на напаѓачите на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, нарекувајќи ги „активисти“ на кои им биле негирани уставните права. Кенеди изрази сомнежи дека во нападот станувало збор за вистински бунт. Тој ги спореди напаѓачите со две личности кои се сметаат за претставници на слободата на изразување, како Едвард Сноуден и Џулијан Асанж, став кој предизвика жестоки протести и ја примори кампањата на Кенеди да го повлече ставот. Сепак, зборовите на Кенеди сериозно ги загрижуваат демократите кои се убедени дека постои изедначување на ставовите помеѓу него и Трамп.

Останува фактот дека и Бајден и Трамп стравуваат од непредвидливите ефекти од претседателската трка на РФК јуниор.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.