Османи: Еднонационални референдуми се опасни преседани
16 септември 2022Ризикувањето на Договорот со Бугарија е ризикување на евроатлантска Македонија, но и на Охридскиот договор, предупреди вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Референдум за Договорот со Бугарија не го руши само Договорот со Бугарија, туку и Охридскиот договор. Затоа што еднонационални референдуми за стратешки прашања за државата се многу опасни преседани, кои потоа може да покренат лавина на такви однесувања. Ако почнете со практика на еднонационални референдуми за прашања кои се носат со двојно мнозинство, за прашања коишто се важни за сите граѓани, враќате систем на мајоризација во одлучувањето за стратешките правци на државата“, рече шефот на дипломатијата во вчерашното гостување на ТВ Сител.
„Еднонационално е однесувањето на Џафери, Османи и ДУИ во целава оваа ситуација“, коментираат за ДВ извори од ВМРО ДПМНЕ. „Референдумското прашање не е еднонационално, туку наменето за сите граѓани. Тоа што го говори Османи би било вистина доколку Договорот со Бугарија, кој го поддржи и ДУИ и тој како министер, би бил еднонационален. Вистината е дека последиците од таквиот договор ги чуствуваме сите граѓани, бидејќи асимилацијата е кај Македонците, но и за македонската држава во која живеат и Албанците и другите членови на заедници“, велат извори од партијата.
Според нив, прибегнувањето кон национални теми и давањето етнички предзнак секогаш кога некој го крши Уставот или прави криминал, е само дефокус и веќе проверена пракса на отргнување на вниманието од суштината.
Да не се контаминира комуникацијата
И додека сѐ уште се расправа за (не)оправданоста на инцијативата за рефрендум, односно за одговорот од претседателот на Собранието, темата што и натаму е во фокусот на интерес - е работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. По нејзиниот вчерашен состанок, од МНР стигна штуро соопштение за темите на дневниот ред: учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Ништо повеќе не открија ни бугарските членови на комисијата.
Од изјавата на Османи може да се заклучи дека воздржаноста не е случајна.
„Јас улогата на Комисијата ја гледам во конзервирање на процесот сѐ до неговото созревање. Уште не сме созреани како општества. Историската комисија ја конзервира дебатата за да не ја контаминира вкупната општествена комуникација помеѓу двете држави, и полека, како ќе се созрева, сами по себе ќе се решаваат прашањата“, рече министерот, уверувајќи дека стравовите се непотребни.
Османи потенцира дека улогата на Комисијатаво духот на Договорот, не е одново да се пишува или да се ревидира историјата, туку во текот на тие разговори да се најдат заеднички точки за историски личности и настани кои можат да бидат мост за подобро разбирање и зближување.
„Ние може да игнорираме дека не постојат проблеми во однос на историските интерпретации. Но одете во Бугарија - имате универзитети со исти имиња, градови со исти имиња, што значи дека проблемот со интерпретацијата е реален. Како тоа да го ставиме во функција на подобра соработка, на подобра меѓусебна довереба, отколку на конфликти помеѓу двете држави? Тоа е улогата на комисијата. И еве гледајте ги решенијата кои ги објавивме за Св. Кирил и Методиј, за Св. Наум Охридски, за Цар Самуил... Гледате дека идентификуваат повеќе нивни активности во географскиот простор, за да се види некаков заеднички деноминатор зошто тие може да бидат предмет за заедничко прославување“, рече шефот на дипломатијата.
Сликата на Гоце
Во дебатите за заедничко чествување на личности и настани, според министерот Османи, целта е да се објасни што е тоа заедничко.
„Очигледно нешто е заедничко, штом, сега кога бевме во канцеларијата на претседателот Радев на највидното место во неговата канцеларија е сликата на Гоце Делчев, што значи дека нивното гледање дека имаат некаква врска со Гоце Делчев е реалност. Ајде да видиме дали е тоа точно, што е тоа што може да се поврзе и да се стави во функција на подоброто разбирање“, рече Османи.
„Чиј е Гоце“ е тема на најфреквентната дебата во двете општества, а од Комисијата во неколку наврати изјавуваа дека „нивна задача не е да утврдуваат етнички идентитети на историски личности“.
Надежите се дека името и делото на Делчев ќе бидат точка на поврзување, а не за кавги меѓу двете општества.
Пред три дена бугарските медиуми објавија дека регионалниот управител на Благоевград, Николај Шушков положил цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје и оставил стакленик со земја од гробот на таткото на Гоце, Никола Делчев, кој е погребан во Благоевград, како и камчиња од Меморијалот на Делчевиот ред, кој се наоѓа во дворот на црковен храм во Благоевград. Неговиот престој бил по повод учеството на четвртиот состанок на Мешовитата експертска комисија меѓу Бугаријаи Северна Македонија за изградба на граничен пункт и патна врска што ќе ја поврзе бугарската општина Струмјани со македонската општина Берово.