Едноцифрени рејтинзи не се за фалење
21 декември 2022Партиските лидери треба длабоко да го анализираат процентот на доверба што го добиле од испитаниците, според резултатите од последната анкета на Меѓународниот републикански институт - ИРИ, предупредуваат аналитичари.
Оценката следи откако „шоуто“ во јавноста го украде „рејтингот“ на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, осуденик кој од егзил заработил 7% наклонетост, според одговорите на прашањето: Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, на која личност во Северна Македонија гледате најповолно?
Груевски не учествува во политичкиот живот во земјата и во изборни натпревари, па клучното прашање е зошто е низок рејтингот на актуелните лидери.
„Што е со политичарите? Дали ги загрижува тоа што сите заедно, десетмина на број, имаат поддршка колку што обично има еден политичар во другите земји“, коментира Гоце Трпковски од БИРН. „Дали се свесни за вистинското значење на резултатите, а тоа е дека се непосакувани, непопуларни и дека огромно мнозинство граѓани не гледаат никаква иднина со нив? Тешко е да се поверува дека се многу засекирани за тоа, бидејќи обично се презафатени со броење и мерење колку им се полни салите на митинзите во година кога нема никакви избори“, оценува Трпковски.
Рејтинг за четворица
Прашањето е адресирано на вистинската тема и адреса. Бидејќи, ако се соберат процентите што ги добиле сега партиските лидери само на три парламентарни партии/коалиции - Мицкоски (6%) Ахмети (6%) и Ковачевски (5%), или вкупно 17%, дури и овој збирен резултат е далеку понизок од индивидуалниот рејтинг што пред пет години го имале тогаш актуелните партиски лидери Груевски и Заев, или на рејтингот кој пред пред две години го имале Мицкоски и Заев.
За споредба, во анкетата од мај 2017 година, спроведна од „М-Проспект“ на барање на ТВ Телма и МЦМС, на прашањето - кој политичар заслужува најголема доверба, за тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се определиле 25,8% од анкетираните, а за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 24,8%.
Процентот на доверба и кај двајцата политичките опоненти бил двоцифрен. Односно, секој од нив сам „во џебот“ имал повеќе рејтинг од сегашниот збирен рејтинг на Ахмети-Мицкоски- Ковачевски, и плус „вишок“ од 7 до 8%.
Во ноември 2019, во пресрет на вонредните парламентарни избори (закажани за април 2020), според резултатите од анкетата на МЦМС и Институтот за демократија спроведена од агенцијата М-проспект најголем број испитаници (41,3%) рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, a 8,5% одбиле да одговорат. Од оние кои се изјасниле, најголема доверба добил Зоран Заев (16,5%) Христијан Мицкоски (14,2%), а лидерот на ДУИ, Али Ахмети 6,9%. И тогаш кај лидерите на двете најголемите партии во македонскиот блок рејтингот бил двоцифрен, за разлика од сега. Притоа, на последната анката на ИРИ високи 38 отсто се изјасниле дека не се наклонети кон ниеден политичар.
Тимска игра
Според истражувачи на јавното мислење, лидерите на политичките партии имаат помали рејтинзи од партиите што ги предводат, а рејтингот зависи и од тоа дали партијата е на власт или во опозиција,дали лидерот е и премиер итн. Во принцип, кога одредена партија ќе дојде на власт, се зголемува рејтингот на лидерот, па дури може и да го надминерејтингот на партијата што ја предводи, како и што се случувало во одредени политички периоди.
Но, таа состојба се менува, поради раст на недоверба во политичарите и институциите, што повеќе се рефлектира врз рејтингот на лидерите од владејачките партии, кои носат одговорност за состојбите. Но, генерално, споредено и со рејтинзите на политичарите од претходните години, и со рејтинзите на лидери во регионот, рејтинзите на актуелните политичари кај нас се сметаат за ниски.
Запрашан дали се чувствува загрозен од бројките во анкетата, според кои поранешниот партиски лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски е најпопуларен, актуелниот лидер Христијан Мицкоски одговори дека политиката не е индивидуална игра, со што тежиштето го стави врз потенцијалот на партијата што тој ја предводи.
„Од тоа што можев да го збележам во анкетата, е огромната предност на ВМРО-ДПМНЕ, 19 спрема 11 (СДСМ - н.з),што само по себе значи огромна победа од 144-150 илјади гласови. За мене политиката е тимски спорт. Не е индивидуална игра. И, се додека тимот победува, а јас сум капитен на тој тим, ќе бидам пресреќен. Јас живеам да напишам историја за себе, за своето семејство, за ВМРО-ДПМНЕ и над сите овие приоритети е Македонија. Еден ден кога ќе нѐ нема, таа историја ќе зборува за нас, што сме оставиле и што сме напишале. Како што времето има суд, никој друг нема“, одговори Мицкоски.