1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Една година по земјотресот во Турција: Живот во урнатини

Текин Ајнур | Алиџан Улудаг | Бурак Унверен
6 февруари 2024

Една година по катастрофалниот земјотрес на југоистокот на Турција, десетици илјади луѓе и натаму живеат во привремени сместувалишта. Обновата се одвива бавно, а кој може го напушта регионот.

https://p.dw.com/p/4c3gh
Градот Хатај, една година по земјотресот
Градот Хатај, една година по земјотресотФотографија: Efekan Akyuz/Middle East Images/AFP via Getty Images

На 6 февруари, 2023 година, југоисточна Турција и северна Сирија беа погодени од силен земјотрес. Според официјални податоци, имаше повеќе од 50 илјади жртви, а повеќе од 125 илјади беа повредени. Најсилно погоден беше градот Хатај на границата кон Сирија. Цели градски населби беа уништени. Тие и денес делуваат морбидно. Таму каде што урнатините се отстранети, повеќе нема ништо. Хатај во големи делови е град на духови.

Привременото сместување како трајно живеалиште

Многу луѓе по земјотресот се преселија во други градови. Оние кои останаа во голем дел до денес живеат во села со контејнери кои беа замислени да бидат само привремено сместување. Околу 200 такви брзо подигнати провизорни населби има само во регионот на Хатај. Околу 187 илјади лица таму најдоа засолниште. Незадоволството е големо. Во провизорните домови нема место, во многу од нив повеќе семејства живеат заедно.

Живот меѓу урнатини- 365 дена по катастрофалниот земјотрес
Живот меѓу урнатини- 365 дена по катастрофалниот земјотресФотографија: Chris McGrath/Getty Images

Серап Селџук си дели контејнер со двете деца и пет други лица. Таа раскажува дека побарале втор контејнер, но не добиле одговор до сега. „Условите за живот се премногу тешки", вели учителката во разговор со ДВ. „Моите деца и јас имаме потешкотии да се снајдеме", додава Селџук. И Мејрем Караташ живее во контејнер. „Животот е тежок, но ние се обидуваме да направиме најмногу што можеме од ситуацијата", вели Караташ. И нивниот контејнер е мал и тесен, вели мајката на три деца за ДВ. Често нема ни струја, ни вода.

Во првите денови по земјотресот имало понуда на бесплатна храна и прехрамбени производи. Но, тие сега веќе се укинати. Селџук вели дека таа добила само два пакета од Турската агенција за помош при катастрофи. На институцијата во првите денови и се префрлаше дека не е доволно брза во испорачувањето помош, посебно во Хатај.

И оштетените улици се и натаму проблем. Некои се неупотребливи, а ако врне проблемот дополнително се заострува затоа што водата едвај се одлева. Селџук се жали и дека уличниот криминал зема замав. На почеток полицајци и чувари се грижеле за редот и мирот во населбата со контејнери, но „денес има само уште неколку камери“, вели таа и додава дека „неодамна некој со огнено оружје се заканувал на друго лице овде“. Никој не интервенирал.

Само 25 станови се готови

Колку бавно се одвива реконструкцијата покажува фактот дека треба да бидат изградени 45 илјади сместувалишта, но само нешто повеќе од 2600 се во последна фаза на изградба. Готови за вселување според официјални податоци се едвај 25 станови. Бројот на новоградбите никако не е доволен, вели Мејрем Каратас. А, и тие што ги има се во зафрлени делови од градот, уште се во фаза на карабина и пристапните патишта се полни со кал.

По земјотресот во Турција: Мехметовото уништено семејство

„Невозможно е сите погодени лица да ги сместите овде", вели Караташ која пред земјотресот живеела во куќа. Но, и покрај тешките услови многу од луѓето кои живеат во контејнери сакаат да останат во Хатај. „Јас не си го напуштив родниот град по земјотресот, но државата и го препушти градот на судбината", вели Мустафа Бајир. И тој со осумчленото семејство живее во мал контејнер. „Имавме стан од 195 квадратни метри, а сега мора да живееме во 21 квадрати", раскажува 70-годишниот Абдулсамет Пулат. Но, сепак е благодарен на државата. „Не изгладневме, не умревме од жед, имавме цело време покрив над глава", вели Пулат. Во земјотресот била повредена неговата сопруга. Таа била оперирана во Измир, а потоа некое време живееле во студентски дом во Самсун на северот на Турција и дури потоа се вратиле во Хатај. „Сакам пак да живеам на местото каде што ни беше стариот стан", раскажува Пулат.

Многумина не се враќаат

И во индустриската област во градот 95 проценти од објектите се урнисани. Етем Ичер пече леб во оштетена зграда. И бројот на муштерии по земјотресот е значително намален. Наместо 4 илјади лепчиња дневно како порано, сега продава само илјада. 

Од седум вработени во пекарата на времето, останал само тој. За луѓе како него со свој бизнис, нема никаква помош од државата, се жали тој. „Државата не заборави", вели и автомеханичарот Левент Инејчи. „Многу луѓе сакаат повторно да работат, ама државата не го поддржува тоа. Порано тука имавме многу надарени мајстори. Но, тие си заминаа и не се вратија. Тоа е голема загуба," додава тој. И таксистот Екрем Озтурк е последниот од 15 возачи кои порано работеле во фирмата.„Многумина велат дека тука нештата се нормализирале, но тоа не е точно. Понекогаш посакувам да умрев и јас во земјотресот, тогаш немаше да мора сето ова да го посведочам."

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи