1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двајца мртви и седум повредени во напад со нож во воз

БГ /дпа
25 јануари 2023

Германската полиција го уапси лицете кое прободе повеќе луѓе во регионален воз на северот на земјата. Две лица им подлегнаа на повредите, а седуммина се повредени.

https://p.dw.com/p/4MhJF
Брокстед Воз
Возот во кој бил извршен нападот со ножФотографија: Jonas Walzberg/dpa/picture alliance

Маж на возраст меѓу 20 и 30 години е уапсен на железничката станица како осомничен за нападот со нож врз патници во регионален воз во Германија. Мотивите за нападот, засега, се нејасни. 
Полициски извори за агенцијата ДПА изјавиле дека осомничениот претходно не привлекувал внимание со екстремистичко однесување и сметаат дека лицето можеби страда од ментална болест.  
Нападот се случил додека возот патувал од Кил кон Хамбург на северот на Германија. 
Нападот започнал околу 15 часот, пред пристигнувањето на возот на станицата Брокстед, каде осомничениот бил уапсен по физичка пресметка со полицијата. Тој бил лесно повреден и бил префрлен во болница. Тројца од повредените се во тешка состојба, додека четворица минале со полесни повреди.  
„Ова е навистина страшно. Сите сме во целосен шок и ужаснати дека вакво нешто се случи“, изјави министерката за внатрешни работи на покраината Шлезвих-Холштајн, Сабине Ситерлин-Вак. 
„Најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување“, соопшти германскиот железнички оператор Дојче Бан. 

Брокстед Воз Напад
Полицијата ја затвори железничката станица во БрокстедФотографија: Steven Hutchings/dpa/picture alliance
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи