1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеСоединети Американски Држави

Џулијан Асанж е слободен човек

Сабине Кинкарц
26 јуни 2024

По 14 години правосудна одисеја, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, е слободен човек.

https://p.dw.com/p/4hVwn
плакат со слика на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж
Драмата околу основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, го окупира светот со годиниФотографија: Kin Cheung/AP Photo/picture alliance

Американски суд на Маријанските Острови - американска територија во Пацификот - го одобри договорот што Австралиецот Џулијан Асанж го постигна со американското правосудство во врска со обвинувањата за шпионажа. Во замена за делумно признание на вина, Асанж доби слобода и е на пат кон својата татковина.

Случајот Асанж се влече веќе 14 години. Тој во меѓувреме има добиено политички и правни димензии кои далеку ги надминуваат димензиите на Викиликс и објавените документи. Ова е хронолошкиот развој на случувањата:

1. Биографија

Џулијан Асанж е роден на 3 јули 1971 година во Таунсвил, Квинсленд, Австралија. Како млад се интересирал за компјутерска технологија и научил да програмира. Тој стекнува име во австралиската хакерска заедница во 1990-тите и завршува на австралиски суд во 1996 година поради хакерски напади. Судијата го осудува, но потврдува дека има „интелектуална љубопитност“.

2. Основање на Викиликс

Џулијан Асанж го основа Викиликс во 2006 година. Платформата,како што се вели на веб-страницата на Викиликс, се смета себеси за „нецензурирачко вики за масовно објавување и анализа на тајни документи со кои не може да му се влезе во трага на испраќачот“.

„Нашиот примарен интерес е насочен кон угнетувачките режими како што се Кина, Русија, Централна Евроазија, Блискиот Исток и Субсахарска Африка. Но, ние сме и партнер за разговор за оние кои сакаат да разоткријат неетичко однесување во нивните влади и компании.“

Џулијан Асанж
Џулијан Асанж во Лондон во октомври 2010 годинаФотографија: Carmen Valino/El Pais/Newscom/IMAGO

Викиликс објавува бројни тајни документи кои откриваат нелегални активности на влади и компании. Во 2009 година, Асанж ја доби наградата за медиуми на Аменсти Интернешнел за својата работа. Потоа следуваат уште награди.

3. Откритија за американската војска

Во април 2010 година, на Викиликс е објавено видео со наслов „Колатерално убиство“. Станува збор за снимка од хеликоптер на американската армија распореден во Багдад за време на војната во Ирак во 2007 година. Може да се види како хеликоптерот кружи околу цивилите и од него се пука. Меѓу жртвите има и двајца новинари на агенцијата Ројтерс. Еден од нив носи камера, која американските војници наводно ја помешале со оружје и отвориле оган.

Покрај видеото, Викиликс истата година објави стотици илјади други тајни воени документи на САД кои се однесуваат на војните во Ирак и Авганистан и кои,како што рече Асанж на прес-конференција во Лондон во тоа време, докажаа „јасни воени злосторства“.

4. Изворот

Документите доаѓаат од Челси Менинг, која во тоа време - пред промената на полот - ги анализирала податоците како Бредли Менинг во американската армија. Менинг подоцна беше осуден на 35 години затвор за шпионажа и предавство, но во 2017 година беше помилуван од тогашниот американски претседател во заминување Барак Обама.

Челси Менинг свиркач
Челси Менинг во разговор со новинарите на „Цајт“ во Германија во 2022 годинаФотографија: Jonas Walzberg/dpa/picture alliance

5. Реакција на САД - прв дел

Објавите на Викиликс се многу непријатни за американската влада. На светот му се прикажува поинаква, ненашминкана, крвава страна на акциите на американската војска. Страна каде има извршени - и прикриени - воени злосторства и каде што бројот на цивилни жртви е значително поголем од разубавените бројки на Пентагон.

Американската влада остро го критикува Асанж. Како шеф на платформата за откривање, тој, како што се вели, загрозувал животи со ширење државни тајни. Навистина, имињата во документите првично не беа анонимизирани. Џо Бајден, тогашниот американски потпретседател, го нарекува Асанж „хај-тек терорист“.

Џулијан Асанж
Џулијан Асанж пред судско рочиште во Лондон во 2011 годинаФотографија: Kirsty Wigglesworth/AP Photo/picture alliance

Но, првично освен ваквата критика не се случува ништо друго. Асанж е австралиски државјанин, живее во Лондон и во меѓувреме има статус на истражувачки новинар. Администрацијата на Обама очигледно верува дека кривичното гонење може да се толкува како знак дека и новинари од други медиуми би можеле да бидат кривично гонети за објавување чувствителни информации.

6. Обвинувања за злоставување од Шведска

Паралелно со настаните околу Викиликс, беше објавено дека две Швеѓанки го обвинуваат Асанж за сексуално вознемирување. Подоцна повремено се зборува за силување. Јавното обвинителство во Стокхолм издава налог за апсење и поднесува барање за екстрадиција до Велика Британија. Асанж беше уапсен во Лондон на крајот на 2010 година. Тој ги негира обвинувањата и е пуштен со кауција.

Тогаш започнува правосудно натегање. Кога Високиот суд во Лондон го одобри барањето за екстрадиција на Шведска во 2012 година, Џулијан Асанж се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што доби политички азил.

плакат со барање за ослободување на Џулијан Асанж
Поддршката за Асанж трае со годиниФотографија: Peter Nicholls/Getty Images

7. Реакција на САД - втор дел

Во јуни 2016 година, за време на предизборната борба за претседателските избори во САД меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп, на Викиликс се појавија „мејловите на Клинтон“. Тие денес се сметаат за една од причините зошто Клинтон загуби од Трамп на претседателските избори.

Доналд Трамп го пофали Викиликс за откритијата. За време на неговото претседателство, американското правосудство сепак покрена обвинение против Џулијан Асанж - поради откритијата од 2010 година. Обвинението гласи: заговор со Челси Менинг за хакерски напад врз компјутерите на Пентагон. Има и 17 дополнителни точки за шпионажа и предавство на тајни. Ако се собере сè, Асанж теоретски може да се соочи со затворска казна до 175 години. САД поднесуваат барање за екстрадиција до Велика Британија. Во исто време се прават обиди на Асанж да му се одземе новинарскиот статус. Се вели дека тој објавил огромен број податоци без контекст и дека Асанж е хакер.

[No title]

8. На негова страна

Угледни организации за човекови права, граѓански права и новинарство, од Амнести Интернешнел преку Комитетот за заштита на новинарите, ЦПЈ, до Репортери без граници, се залагаат за Асанж. Се вели дека демократијата мора да може да издржи публикации како оние од Викиликс.

Меѓународната федерација на новинари, ИФЈ, и Европската федерација на новинари, ЕФЈ, во заедничката изјава предупредуваат дека „прогонот на Џулијан Асанж ја загрозува слободата на медиумите ширум светот“. Претседателката на ЕФЈ, Маја Север вели: „Новинарите и нивните синдикати од самиот почеток препознаа дека Џулијан Асанж е цел на напади затоа што извршувал задачи што се дел од секојдневната работа на многу новинари - пронаоѓање на свиркач и разоткривање на криминалот“.

9. Затвор во Лондон

Во 2019 година, еквадорската влада му го укина политичкиот азил на Џулијан Асанжи го испорача на британската полиција. Властите го обвинуваат дека ги прекршил условите за кауција со бегството во амбасадата. Поради ова тој е осуден на 50 недели затвор и испратен во лондонскиот затвор со максимална безбедност Белмарш. Асанж ќе го загуби еквадорското државјанство во 2021 година.

Повторно започнува правна борба за екстрадиција на Асанж, овојпат во САД. Асанж постојано се жали - успешно. Во 2024 година, Европскиот суд за човекови права се чини дека е последната шанса за Асанж.

Џулијан Асанж по ослободувањето на аеродромот во Лондон
Џулијан Асанж по ослободувањето на аеродромот во ЛондонФотографија: @wikileaks" via X/Handout via REUTERS

10. Ослободување

На 24-ти јуни, по пет години затвор во Лондон, Асанж е изненадувачки ослободен. Тој направи договор со американското правосудство: сега 52-годишниот Асанж се изјасни за делумно виновен пред судот на северните Маријански Острови. Осуден е на затворска казна од пет години и два месеца, која веќе ја има одлежано во Велика Британија. Судијката Рамона Манглона изјави дека се надева оти спогодбата ќе му донесе „мир“.

Останува да се види дали ослободувањето на Асанж ќе има влијание на Викиликс. Платформата стана тивка, што може да се должи и на фактот дека Асанж со години немаше пристап до интернет.

Овој текст првично е објавен на  ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ