ДУИ бара истрага, Мерко ги замрзнува партиските функции
22 јуни 2023Демократската унија за интеграција бара итна истрага за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и за наводите кои што ги изнесе американскиот Стејт департмент, којшто го стави на црната листа поради злоупотреби. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во својство на партиски портпарол информираше дека се донесени три одлуки во врска со овој случај. Едната од нив ќе значи дека Мерко ги замрзнува неговите партиски функции сѐ додека не заврши истрагата, а во мирување ќе биде ставена и партиската изборна активност во Струга, сѐ додека не се создадат услови за тоа.
„ДУИ бара институциите веднаш да започнат сеопфатна истрага за Рамиз Мерко за сите тврдења и информации кои произлегуваат од извештајот на Стејт департментот на САД. ДУИ Ја прифаќа одлуката на Рамиз Мерко за замрзнување на негови партиски функции додека не заврши истрагата. ДУИ ја прекинува изборната активност во Струга додека не се создадат нови услови за нивно организирање“, соопшти Османи на прес-конференција.
Истрага за сите партии и функционери
Тој повика да има истрага за сите политички партии и нивните јавни и партиски функционери, бидејќи „само на тој начин можеме да се бориме против корупцијата и злоупотребата на темата за политички цели“.
„САД ги охрабруваме да продолжат со оваа активност“, вели Османи. Тој е дециден дека партијата има јасни ставови по однос на владеењето на право и борбата против корупцијата, потсетувајќи на двете одлуки на Централното претседателство на партијата - за задолжителен ветинг на секој носител на партиски и јавни функции со меѓународна помош и за итна институционална верификација на сите јавно изразени сомневања за партиски и јавни функционери на ДУИ.
Претходно, премиерот Димитар Ковачевски порача дека доколку тој лично би се нашол на „црната листа“, не само што ќе си поднесе оставка, туку тоа ќе го смета за најголем пораз во својата лична и професионална кариера.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, коментираше дека тоа што го соопшти Стејт департментот со ставањето на „црната листа“ на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ е само потврда на криминалот и корупцијата што сите граѓани во земјава ги чувствуваат.
„Сè додека оваа мафија не ја исчистиме од корен, на Македонија нема да ѝ тргне напред, нема да имаме надеж и континуирано Македонија ќе ни се празни и иселува. Како идна влада, влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, се обврзуваме пред граѓани дека оваа мафија во која идеално кохабитираат политичари и криминалци ќе биде во корен исчистена“, вели Мицкоски.