Драматична неизвесност по изборите во Шведска
12 септември 2022Драматичниот изборен исход во Шведска влегува во продолжение – првите неофицијални резултати од парламентарните избори ќе бидат познати дури в среда, по пребројувањето на гласовите од странство, како и задоцнетите претходно дадени гласови, соопшти Изборната комисија утрово. Првите прогнози покажуваа водство на левоориентираниот табор предводен од социјалдемократите на премиерката Магдалена Андерсон, по пребројувањето на околу половината од гласачките ливчиња, јазичето на вагата почна да натежнува во корист на конзервативниот предизвикувач Улф Кристерсон, благодарение и на историски успешниот резултат на десно популистичките Шведски демократи.
Првично, неофицијалните резултати се очекуваа уште во изборната ноќ. Умерените конзервативци на Кристерсон како поединечна партија можеби ќе го имаат својот најслаб резулатт во последните 20 години, но четирипартитниот блок, кој ги вклучува и десно популистичките Шведски демократи по пребројувањето на речиси сите гласови има предност од 0,9 проценти пред таборот на Андерсон. Поделбата на мандатите во парламентот би била 176 наспроти 173 во корист на конзервативците.
Сите осум партиски лидери синоќа истакнаа дека трката уште не е завршена. „Не знаеме каков ќе биде конечниот исход“, призна и самиот Кристерсон, но истовремено изрази спремност да формира нова ефикасна влада.
Сѐ укажува на тоа дека во оваа намера тој ќе биде зависен од човекот кој досега постојано беше настрана, шефот на десните популисти, Џими Акесон. „Ние денеска сме вистински голема партија“, изјави тој синоќа пред своите воодушевени сопартијци. Во 2010 година партијата доби 5,7 проценти од гласовите, а сега ќе бидат веројатно 20,7 проценти, со што Шведските демократи првпат стануваат втора политичка сила во земјата. „Нашата амбиција е да влеземе во владата“, е јасната порака која ја упати Акесон.
Независно од изборниот исход, исто како и по изборите во 2018 година, на Шведска ѝ претстои тежок процес на формирање влада, зашто и во рамките на двата блока, партиите се неединствени по многу прашања.