Дождови од библиски размери - Њујорк е под вода
30 септември 2023Невообичаено обилните врнежи од дожд делумно ја парализираа американската метропола Њујорк на источниот брег на САД. Автопатишта и патиштата се претворија во езерски пејзажи, терминал на аеродромот беше поплавен и затворен.
Градските власти во петокот упатија повик до граѓаните ако е можно да останат дома - многу линии на метрото повеќе не сообраќаат или имаа големи задоцнувања. Гувернерката Кети Хочул прогласи вонредна состојба.
На многу улици и тротоари меѓу урбаните населби во Менхетен, Бруклин и Квинс се формираа длабоки бари над кои се прелева вода. Видеа покажаа и автобуси кои буквално пловат занесени од водата, подвозници на мостови како во Централ парк се непроодни. Според прогнозата, се очекува да врне најмалку до сабота навечер. Хочул го нарече екстремното време „настан опасен по живот“.
Градоначалникот Ерик Адамс предупреди дека опасноста се уште не е завршена. Мобилните телефони на њујорчани вибрираа неколку пати во петокот поради автоматските известувања за итни случаи од Националната метеоролошка служба.
Густата облачност ги обвитка њујоршките улици со мрак среде бел ден. Невремето е предизвикано од низок притисок што настана поради тропската бура Офелија.
Дождот предизвикува прекини во работењето на аеродромот ЛаГвардија, кој опслужува првенствено домашни летови, но и проблеми на аеродромот Џон Кенеди.
Утрото и преку денот во некои делови на Њујорк за само неколку часа наврнало толку многу дожд како што се случува обично во еден месец.
Според информациите на весникот „Њујорк Тајмс", месец септември во осуммилионската метропола е највлажен во последните повеќе од 140 години, од самиот почеток на записите на временската состојба, само во 1882 година имало повеќе врнежи.
Њујорчани се потсетуваат на силните дождови од пред две години кога ураганот „Ајда“ го „потопи“ градот, загинаа единаесет лица поради поплава во подрумите.