Дожд, снег, невреме: Централна Европа се подготвува за големи поплави
Пороен дожд, врнежи од снег, поплави: Во Романија има четири жртви, на Германија и другите земји од Централна Европа им претстои викенд полн со невреме, а надлежните итни служби прават сѐ за да ја ограничат штетата.
Чешка во центарот на невремето
Во Бечине, службите за итни случаи градат мобилни бариери за да спречат поплави на реката Лузнице. „Се подготвуваме за најлошите сценарија“, изјави чешкиот премиер Петр Фиала. На некои реки треба да се очекуваат поплави кои се толку силни што, статистички гледано, се случуваат само еднаш во векот. Речиси низ целата земја врне силен дожд или има поплави.
Дожд колку за шест месеци
Во меѓувреме, 60.000 домаќинства останаа без струја. Реката Јихлава се излеа од коритото уште во петокот. Очекуваните количини на дожд се огромни: за делови од Чешка се предвидуваат 400 литри врнежи на метар квадратен. Во цела 2023 година наврнале 732 литри дожд на метар квадратен.
Создавање простор за огромни маси на вода
Чешка се обидува да добие на време со рано испуштање вода во неколку брани, со цел да се направи простор за очекуваните огромни маси на вода. Како овде кај акумулацијата Нове Млини на југот на земјата. Во соседна Словачка, владата сака да ја пренасочи надојдената вода во одредени области за да избегне поплави во главниот град Братислава.
Вреќи со песок против поплави
Онаму каде што нема метални ѕидови, вреќи со песок се метод на избор за да се запрат очекуваните поплави. Овде, во западна Полска, во близина на градот Одоланов, тие треба да го спречат излевањето на инаку мирната река Барч од нејзините брегови. И во Полска ситуацијата се влошува.
Непрекинати дождови во Полска
400 жители мораа да бидат евакуирани на безбедно од градот Глухолази во близина на границата со Чешка. Таму беше и министерот за внатрешни работи Томаш Симониак. Некои од жителите мораа да бидат евакуирани и од селото Моров бидејќи реката Мора се излеа од коритото. Според официјалните информации, нивото на тревога веќе е пречекорено на бројни мерни станици за водостојот во Полска.
Бура на Јадранот
Во Хрватска, „Борис“ – под кое што име е познат циклонот со низок притисок - веќе предизвика бурно време. Се применува второто највисоко ниво на предупредување за тешки временски услови. Некои патишта се затворени за одредени возила, како мотоцикли или камп приколки, кои се особено чувствителни на ветер.
Слика во бело
Дали овие овци веќе ја носат својата потопла зимска волна? Временската ситуација доведе до значителни снежни врнежи во големи делови од Источните Алпи, особено во Австрија. Она што изгледа идилично овде во Штаерска, доведува до проблеми на многу места.
Лизгави коловози поради налет на зимско време
Паднати дрвја, заглавени возила: иако се користат возила за расчистување и фрлање сол, на места обилните снежни врнежи го забавуваат сообраќајот во Австрија. Австриските железници советуваат да не се патува овој викенд, некои линии се веќе затворени.
Снег на највисокиот врв
Снег и силен дожд веќе врнеше и во делови од Германија. Првиот снег падна на Алпите во Баварија – неколку сантиметри на највисокиот германски планински врв, Цугшпице.
Дожд, дожд и уште повеќе дожд
Германската метеоролошка служба предвидува континуиран дожд за германскиот алпски регион. Одговорна е таканаречената пет-б временска ситуација, што уште на почетокот на јуни доведе до поплави во јужна Германија: циклонско подрачје со низок притисок носи многу влажен воздух од Медитеранот до источниот раб на Алпите кон северот. Таму се издигнува и се спушта во вид на силни врнежи од снег и дожд.
Времето истекува
Проблеми во Германија предизвикува и мостот Карола, кој во средата вечерта делумно се урна во Елба во Дрезден. Остатоците може да го попречат текот на водата. До среда, нивото на Елба може да се искачи на шест до седум метри, просечно тука изнесува два метра. Деловите од мостот се отстрануваат со помош на багери. „Овде ни истекува времето“, изјави портпаролот на противпожарната служба во Дрезден.
Затишје ред поплавата
Сè уште е тивко на Одра во пограничниот регион меѓу Полска и Германија. Но, и овде нивото на реката веројатно многу ќе се зголеми. Во некои делови на Полска се очекуваат и до 150 литри дожд на метар квадратен. Полската влада порача дека секој што живее во близина на реки треба да биде подготвен за поплави. Снабдувањето со вода за пиење или електрична енергија може да биде во привремен прекин.