Добредојде за Фронтекс
19 април 2023Во Регионалниот центар за гранични работи Југ во Кавадарци, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски им посака добредојде на припадниците на Фронтекс,кои во четврток (20.04) и официјално ќе бидат распоредени на границата кон Република Грција, како дел од Заедничката операција која што е предвидено да трае до 24 јануари, со можност за нејзино продолжување.
Целта е да им пружи поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, во прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети.
„Очекуваме истата да придонесе за поефикасно справување со прекуграничниот криминал, вклучително и криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и тероризмот како глобални предизвици. Заедништвото на оваа операција се согледува и преку вложување во персонал и опрема за да обезбедиме поголема безбедност“, велат од МВР.
Придобивки
Планирано е во текот на 2023 година Фронтекс да распореди повеќе од 100 службеници, патролни возила и специјална опрема на македонско-грчката граница со што значително ќе се зголемат капацитетите за откривање на илегалните активности долж границата.
Распоредувањето на службениците на Фронтекс на границата следи откако Собранието на 13 февруари 2023 година го ратификуваше Договорот со Фронтекс, кој беше потпишан со Европската Унија на 26 октомври 2022 година. На потпишувањето на договорот присуствуваше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Со тоа договорот со Фронтекс стана дел од внатрешниот правен поредок на државата и се отвори можност за заеднички операции на европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на македонска територија.
Станува збор за прв договор меѓу ЕУ и Република Северна Македонија кој беше потпишан на македонски јазик. Од аспект на оперативната активност многу значајно е што со овој Договор ќе се овозможим подобра заштита на границите и брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс на критични точки на границите.
Најважен придонес со потпишувањето на овој договор е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа.