Десетмесечно бебе во рацете на Хамас – средство за притисок
30 ноември 2023Митинг во Тел Авив. Луѓето формираат голем круг, подигаат фотографии и постери на црвенокосото бебе и пеат: „Сакаме да се врати дома“. А потоа одбројуваат до три, по што се вивнуваат во воздух десетици портокалови балони. Бојата е намерно избрана, зашто тоа е бојата на косата на Кфир Бибас. Бебето старо десет месеци е најмладо дете во рацете на Хамас.
Тоа ширум Израел стана симбол на бруталноста на Хамас. Од минатиот петок (24.11.2023) терористите ослободија десетици жени и деца, но најмалиот Кфир не е меѓу нив.
Очајни роднини
Ифат Зајлер, роднина на Шири Бибас, мајката на малиот Кфир, е очајна и вознемирена. „Постојано ни велат дека малиот е на список. Како да зборуваме за список за купување: млеко, јајца, леб и вашите семејства кои се киднапирани во Појасот Газа“, се жали таа.
„Луѓето кои го оставија моето семејство на цедило сега војуваат. И никој не може да ми каже каде се.“ Требало да бидат вратени по само четири дена, вели Зајлер. „По само една недела мораше да биде постигнат договор за размена. Ја видов снимката на Шири со децата, од тој момент не ја знам нивната судбина.“
Снимката за која зборува Ифат Зајлер прикажува момент од киднапирањата од 7 октомври. Мајката Шири го држи малото бебе Кфир и неговиот четиригодишен брат Ариел завиткани во кебе. Вооружени терористи им се дерат на арапски. Децата се немирни, мајката е во паника. Никој ништо нема да и` направи, вели терорист. „Таа има деца“, вели друг терорист. Од тој момент нема ни трага од семејството Бибас, две деца со родителите.
Нашата лична „Шиндлерова листа“
Јоси Шнајдер, исто така роднина на мајката на двете деца, едноставно не може да разбере толкава нехуманост и бруталност од Хамас.
„Ова е како наша Шиндлерова листа“, вели Шнајдер. „Секој ден чекаме да видиме кој ќе биде избран да се врати, а кој не. Значи, кој ќе избегне смрт, а кој не. Не разбирам што мислел Хамас. Од кого се плашеле? Што можел да направи малиот Кфир?"
Израелската војска врши јавен притисок
Хамас пред неколку дена објави дека семејството сега е во рацете на друга милитантна терористичка група во Појасот Газа. Тоа доведе до тоа израелската војска да го именува семејството во јавните изјави во надеж да го зголеми притисокот врз Хамас.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изјави дека „одговорноста за сите заложници, вклучувајќи го и семејството Бибас, кое е под контрола на друга група во Појасот Газа, во целост ја сноси Хамас.“
Перфидна психолошка војна на Хамас
Малиот црвенокос Кфир речиси една петтина од својот живот помина како заложник на Хамас. Нејасно е дали е уште жив. Хамас вчера објави дека бебето е убиено заедно со родителите во воздушен напад на израелската војска на Кан Јунис.
Не се знае дали е тоа вистина. Тоа е можеби дел од перфидното психолошко војување на Хамас заради подигање на цената на размена. Психолошка војна на Хамас која не запира ни пред десетмесечни бебиња.