1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Газа: Десетици мртви во израелски напад во хуманитарна зона

ЖА
10 септември 2024

Израелската армија соопшти дека во воздушен напад во хуманитарна зона во Појасот Газа биле погодени високи по ранг терористи на Хамас. Според цивилната одбрана во Газа, загинале најмалку 40 лица.

https://p.dw.com/p/4kRsa
Газа: Десетици мртви во израелски напад во хуманитарна зона
Газа: Десетици мртви во израелски напад во хуманитарна зона Фотографија: Jehad Alshrafi/Anadolu/picture alliance

Израелските воздухопловни сили соопштија дека нападнале команден центар на исламистичкиот Хамас  во Појасот Газа,  кој бил сместен во хуманитарна зона. Високи по ранг „терористи“ на Хамас беа погодени во гранатирањето во хуманитарната зона Ал-Маваси во Кан Јунис, соопшти армијата во текот на ноќта.

Според директорот за снабдување во цивилната одбрана во Газа, најмалку 40 луѓе загинале во нападот од воздух, повеќе од 60 се повредени. Биле погодени шатори во кои се сместени внатрешно раселените лица. Од неколку извори од цивилната одбрана на Газа е јавено дека воздушниот напад зад себе оставил огромни кратери. „Цели семејства исчезнаа во масакрот во Маваси Кан Јунис, под песок, во длабоки дупки“, изјави портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал.

Израелската армија  ги обвини „терористичките организации во Појасот Газа“ за  „систематска злоупотреба на цивилната и хуманитарната инфраструктура,  вклучително и назначената хуманитарна област, за извршување терористички активности против државата Израел и израелската армија“. Според израелската војска, пред нападот со прецизна муниција биле преземени бројни мерки за да се намали ризикот да бидат повредени цивили. Армијата не даде никакви информации за можни жртви. Хамас соопшти дека нема борци во нападнатата област и дека тврдењето на израелската армија е „безобразна лага“, како што објави исламистичката организација на онлајн сервисот Телеграм.

Во јули, израелската војска бомбардираше ограден објект во хуманитарната зона меѓу Кан Јунис и Ал-Маваси, кој според Израел бил база на Хамас. Во нападот загинале воениот началник на Хамас Мохамед Деиф  и командантот на бригадата Кан Јунис на Хамас, Рафа Салама. Деиф се смета за еден од централните организатори на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Нападот ја предизвика војната во Газа. Според здравствените власти контролирани од Хамас, во масовниот воздушен напад загинале 90 луѓе, а други 300 биле повредени.