1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шоле: Северна Македонија е витален партнер на Западен Балкан

ДТЗ
11 јануари 2023

Ковачевски вели дека со гостинот од Вашингтон разговарале за енергетската криза, европскиот пат на земјата, уставните измени, како и борбата против корупцијата и владеењето на правото

https://p.dw.com/p/4M0qP
Дерек Шоле
Дерек Шоле во блиц посета на СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија е витален партнер на Западен Балкан, преземајќи важна лидерска улога во обликувањето на безбедноста и стабилноста и во регионот, и во цела Европа, во клучен момент. Ова е пораката која што ја испрати советникот во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле на денешната средба со владините претставници во Скопје.

Американската амбасада информираше дека Шоле ѝ честитал на Владата за претседавањето со ОБСЕ и го истакнал значењето на зафатот во клучен момент за европската безбедност. „Патот напред за Северна Македонија, како оној на остатокот од Европа, бара напорна работа и жртва. САД се партнер во справувањето со тие предизвици. Благодарни сме на Северна Македонија за нејзината цврста поддршка како партнер и доверлив НАТО сојузник во предизвикувањето на руската агресија во Украина и помагањето во преместувањето на евакуираните од Авганистан“, порачал Шоле, кој по средбата со 
премиерот Димитар Ковачевски и другите клучни министри во Владата заминал за Косово.

Тој на Твитер објави дека со Ковачевски и клучните министри во Владата разговарал за „витални прашања, вклучително и енергијата, сајбер безбедноста, економијата и борбата против корупцијата. „Им се заблагодарив на сите за континуираната посветеност на Северна Македонија за евроатлантските интеграции“, вели Шоле. 

Пораки место црна листа

Дали ќе се прошири црната листа на САД и кои се поранешни и сегашни функционери би можеле да се најдат на неа поради сомнеж за корупција - е едно од главните прашања кои останаа да лебдат во воздухот и по денешната посета на американскиот тим од Вашингтон. Премиерот Димитар Ковачевски и советникот во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле на средбата во Владата разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за борбата против корупцијата и владеењето на правото.

Ковачевски по посетата на компанијата „Пекабеско“ информираше дека справувањето со економската и енергетската криза, европскиот пат на Северна Македонија, спроведувањето на сите реформи и уставните измени како една од најважните одлуки која што треба да биде донесена до полноправно членство на земјата во ЕУ, се главните теми на коишто станало збор на средбата со Шоле. Со него биле разменети мислења и околу претседавањето со ОБСЕ, кое се случува во особено сложени услови во Европа, при што македонскиот премиер најави дека и шефот на дипломатијата, но и тој самиот во наредните недели ќе ја посети Украина, каде ќе има средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Високи случаи на корупција

Ковачевски по средба со Шоле потврди дека разговарале и заборбата против корупцијата и владеењето на правото. Тој на гостинот од Вашингтон му ги преставил високите случаи на корупција што се покренати во земјата и одредениот напредок којшто е постигнат изминатиот период. 

Дерек Шоле
Премиерот Димитар Ковачевски и советникот во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за борбата против корупцијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Разговаравме за сите конкретни чекори што ги презема Владата, при што го информирав за сите законски решенија што се донесени за да се унапредат судскиот и правосудниот систем“, рече Ковачевски. Биле отворени и прашањата околу унапредувањата во судскиот и правосудниот систем. Двајцата соговорници се договориле да се засили соработката со САД на ова поле, за што е договорена нова средба во наредниот период на која ќе се разговара за стратешкиот дијалог.

Во однос на тимот од Вашингтон којшто неодамна ја посети земјата, Ковачевски вели дека тие поднесуваат извештај во САД, а листата на санкции која што ја составуваат е насочена кон лица кои работат против практиките на добро владеење, интеграција во ЕУ, владеењето на правото и демократијата во државата. 

Стратешко партнерство

Ковачевски смета дека силното стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. Тој објави фотографии на социјалните мрежи на кои може да се види дека на Шоле му подарил македонски дрес.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук-профил во врска со средбата во Владата со Шоле напиша дека проектите и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог се солидна основа за понатамошно јакнење на стратешкото партнерство и унапредување на билатералните врски.

Шоле пред посетата на Скопје, неодамна во интервју за српската редакција на Гласот на Америка изјави дека Северна Македонија е една од оние земји што се борат со корупцијата, а дека тие прават сѐ што можат за да и помогнат.  Според него, многу млади луѓе од Западен Балкан заминуваат во други земји, бидејќи не гледаат светла иднина, со оглед на некои од предизвиците со кои се соочуваат земјите во регионот поради корупцијата. „Гледаме огромен потенцијал на Западен Балкан, севкупно економски, во однос на демографијата, но нашата фрустрација е што има премногу работи што стојат на патот на тој потенцијал, а корупцијата е едно од тие прашања“, додаде Шоле.

Посетата на советникот на Стејт департментот на земјава е во рамки на балканската турнеја во која освен Скопје, Шоле ќе ги посети и Белград и Приштина. Целата на оваа турнеја, како што претходно нагласија од Стејт департментот, е да се нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан. Посетата на Шоле на земјите од Западен Балкан беше најавена за декември минатата година, но тој ја откажа својата турнеја во последен момент поради позитивен тест на ковид.