Превозниците да ја блокираат сметката, а не скопските улици
8 декември 2022Скопските улици остануваат „заробени“ и понатаму, откако четврти ден по ред приватните превозници со околу 200 автобуси ги блокираат главните крстосници во градот. Хаосот во јавниот сообраќај би можел да потрае до сабота, за
кога е закажан координативен состанок на кој ќе се одлучува како ќе дејствуваат понатаму. Превозниците најавија дека е можно протестите да бидат насочени само кон Град Скопје, а не да се блокираат крстосници низ градот. Тие бараат од Град Скопједа се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари.
Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, во средата (7.12) го повика МВР да реагира за блокадите и да преземе мерки бидејќи одреден личен интерес врши штета на Градот и граѓаните. Но, од полицијата се децидни дека може да ги прекине и растури протестите и блокадите на приватните превозници во Скопје само ако се загрози безбедноста и животот на граѓаните.
Досега протестите се одвиваат согласно Законот за јавни собири - тој е уредно пријавен од организаторот и не се констатирани никакви прекршувања.
„Согласно член 6 од овој Закон, МВР ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случаите кога се загрозува животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните, со поттикнување вршење кривични дела утврдени со закон и се загрозување на животната средина“, велат од полицијата. МВР може да го прекине одржувањето на јавниот собир и во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.
Правни дилеми
Но, ваквата безизлезна ситуација создава метеж, нервоза, го попречува нормалното функционирање на скопјани и им нанесува огромна штета на компаниите. Тие апелираат спорот да се решава со тужби и на суд, а не последиците да ги трпат граѓаните. „Што би било кога сите приватни должничко-доверителски односи се решаваат на раскрсници?“ - прашуваат револтирани граѓаните.
Правниците посочуваат неколку дилеми коишто се наметнуваат во скопската ситуација со протестот на приватните превозници, кои со цел да ги подмират долговите, се одлучија на радикален чекор со блокирање на градскиот крвоток.
„Дали протестира авто превозникот како правно лице или неговите вработени? Ако протестираат вработените, против кого е насочен протестот? Ако протестираат против работодавачот како тоа го прават со негови автобуси? Доколку протестираат против деловниот партнер на работодавачот (Град Скопје) за нерешени деловни односи дали е тоа остварување или злоупотреба на право на протест?“, се дел од дилемите коишто ги поставува редовната професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Неда Здравева.
Всушност, прашањата сугерираат две работи: не им е јасно на скопјани како и зошто доаѓа до спор меѓу Град Скопје и превозниците и од која (правна) природа е спорот. Прашањата сугерираат како може да добие правна разрешница целиот спор, вели Здравева за Дојче веле.
Според неа, сепак останува впечатокот дека спорот нема многу врска со право затоа што ниту едната, ниту другата страна не даваат доволно информации што направиле или прават за ваква разрешница.
„Ако превозникот протестира за наплата на долг, тогаш правната дилема е дали тој е доверител на градот и дали има веродостојна исправа за долгот. Ако има, зошто веднаш не побара извршување врз основа на веродостојна исправа што ќе му овозможи веднаш да го наплати долгот. Ако е спорен долгот зошто не тужи да се утврди неговото право и врз основа на правосилна судска пресуда да се наплати заедно со камата? Доколку, пак, протестот е заради загрозено право на вршење на одредена дејност, тогаш повторно се наметнува дилемата зошто не поднесе тужба“, укажува професорката по облигационо право.
Ревизија
Во однос на должничко-доверителските односи меѓу Град Скопје и приватните превозници во моментов интензивно се врши ревизија врз основа на која точно ќе се утврдат состојбите. Ревизијата следи откако скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ги обвини приватните превозници за малверзација и криминал кој траел од 2017 година, од кога наводно не била пријавена продажба на ниту еден билет. Првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски ги демантираше обвинувањата на скопската градоначалничка и најави дека ќе поднесат тужби за клевета и нарушување на угледот.
Расчистување долгови на улица
Додека правниците им посочуваат на превозниците да го решаваат проблемот судски, тие најавуваат дека ќе бараат „улична правда“. „Протестите на приватните автобуски превозници со блокади ќе продолжат се додека нема напредок во состојбата“, изјави за МИА Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.
Од владејачката СДСМ, одговорноста за блокадите и хаосот што му се случуваат на Скопје е единствено кај Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Заминувањето на Ленин Јовановски како еден од организаторите на протестите, според нив, е само провидна игра на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара Владата да и ги одземе ингеренциите на Данела Арсовска за јавниот превоз, но и да го реши проблемот со исплатата на долгот од еден и пол милион евра, да ги обештети приватните превозници коишто протестираат и тие да се вратат на дејноста.