Дали Москва и Киев меѓусебно војуваат во Африка?
7 септември 2024На прв поглед приказната е јасна – на жолтиот песок во Мали, борците со помошниците позираат за победничка фотографија. Веднаш до знамето на сепаратистичката паравојска МЛНА стои жолто-синото украинско знаме. Пораката е дека Украинците учествувале во заседата во која загинаа многу руски платеници и војници во Мали. Претставникот на украинската воена разузнавачка служба ХУР даде изјава која наведува на таквиот заклучок. Владејачката воена хунта во Мали потоа ги прекина дипломатските односи со Украина. На втор поглед приказната е покомплицирана. Украинското министерство за надворешни работи побара да се достават докази за вмешаноста на Украина. Некое експерти исто така се сомневаат во таквата верзија на приказната. „Не верувам дека Украина одиграла некаква улога тука“, вели Улф Лесинг, шеф на канцеларијата за Појасот Сахел на фондацијата Конрад Аденауер, која е блиска до германските Демохристијани. „Украина добро го познава северот на Мали бидејќи имаа многу хеликоптерски пилоти во мисијата Минусма, но не можам да замислам каква додадена вредност би можела Украина да им понуди на бунтовниците кои најдобро си го познаваат сопствениот терен“, образложува Лесинг за ДВ.
Што кому е од корист?
Дебаклот на руските платеници кои во име на воената хунта имаа задача да ја подобрат безбедносната состојба во кризната држава, како и нејасната улога на Украина во сето тоа, доведуваат до прашањето дали и во која мерка Русија и Украина водат делегирана војна на африканско копно? Кој наратив кому му е од корист?
Украинскиот аналитичар за безбедност, Илија Куса исто така „не верува“ дека неговата земја учествувала во случувањата во Тинзуатена на северот на Мали. Експертот на Киевскиот институт за иднината смета дека руските медиуми даваат големо значење на таквата верзија на приказната и за ДВ вели дека „ја преземаа и зборуваа за украинската вмешаност бидејќи таквата слика е поволна за Русија. Така африканските земји ќе може да ги убедат дека Украина не е конструктивен партнер“. Со таквиот аргумент Русија може да го прошири своето воено присуство во регионот Сахел, смета Куса.
Ирина Филатова, руска историчарка на Јужноафриканскиот универзитет во Кејптаун и професорка во пензија на универзитетот Квазулу-Натал, смета дека Украина има интерес да биде перцепирана како учесник. „Таа сака на африканските држави да им покаже дека Русија не е семоќна и дека може и да изгуби“, вели Филатова.
За Лесинг тоа би нанело штета на имиџот на Украина. Тој смета дека „Украина себеси не би си направила услуга со здружување со бунтовниците кои често се поврзуваат со киднапирања, шверц и џихадистите“, додава тој. Дури ни во престолнината на Мали, Туарезите не се популарни – историски бидејќи луѓе од југот на земјата ги носеле како робови, а актуелно затоа што со продирањето на Тимбукту во 2012 година предизвикаа криза која уште трае.
Киев на страна на суданската војска – Москва на двете страни
Во Судан околу 3 илјади километри на исток од Мали, има уште еден крвав судир кој често се перцепира како делегирана војна. Од април 2023 година таму редовната војска и специјалните единици РСФ се борат за превласт. Украина останува верна на војската на генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој и логистички и дипломатски ја поддржа во одбраната од руската инвазија. Русија, од друга страна, застана на страната на РСФ под чија што заштита Вагнер и други руски играчи управуваат со лукративните рудници за злато во регионот. Но, Русија никогаш доследно не поддржуваше само една страна во судирот, туку секогаш онаа која најмногу и служи на нејзините интереси, смета Филатова и вели дека „Русија ја поддржува и централната влада затоа што го контролира крајбрежјето каде што Русија сака да изгради воена база.“
Тоа што во Судан речиси 16 месеци по избувнувањето на војната и натаму се водат борби, има врска и со испораката на оружје од други регионални сили како ОАЕ и Египет. Киевскиот аналитичар Илија Куса Судан го гледа како секундарен приоритет за Украина и вели дека „се разбира оти на нашата земја и е интересно секое место каде што е присутна Русија. Логиката е дека таму каде што е Русија би можело да биде многу интересно за нас.“
Противници и далеку од украинскиот фронт
Можеби таа логика се крие зад инцидентот на видео снимката која во февруари годинава ја објави „Киевски пост". Се работи за краток видео клип на кој се прикажани тројца мажи со црн превез преку очите и врзани раце како клечат на земјата за време на претпоставено испитување од страна на украинските специјални сили. Еден од нив тврди дека е платеник на групата Вагнер и дека во Судан е со задача да ја сруши владата. Украинците и Русите како воени непријатели – но, не на фронтот во нападната земја, туку далеку во Судан?
„Присуството на двете страни е толку нееднакво што тешко е да се зборува за делегирана војна“, смета Ирина Филатова. „Очигледно е дека украинските специјални сили и руското воено разузнавање се борат каде стигнат. Исто така е важно за Украина што се бори против Русите во Африка, но без целта да воспостави геополитичка хегемонија како што настојува Русија“, вели Жаки Силијерс, основач и претседател на надзорниот одбор на јужноафриканскиот Институт за студии за безбедноста, кој гледа знаци за делегирани војни во Африка, но меѓу Русија и западот како целина. „Имам впечаток дека се соочуваат во Африка“, пишува за ДВ Силијерс и додава дека би бил изненаден кога земји како Велика Британија, Франција и САД таму не би биле активни со совети, информации од тајните служби, па дури и целни податоци за воени акции. „Го гледаме само врвот од ледената санта", оценува Силијерс.