Да се биде „грамотен”, писмен човек порано за нашите предци значеше да се биде учен, да се владее писмото. Македонците се гордеат со тоа што во Охрид бил „првиот универзитет на словенската писменост”. Книжевната школа, која епископот Св. Климент Охридски ја востановил во Охрид на крајот на деветтиот век, е неколку векови постар цивилизациски чин, на пример, од делото на Германецот Јоханес Гутенберг, кој ја направи првата печатарска преса и ја востанови „цивилизацијата на книгата”. Германците достојно го почитуваат со тоа што се грижат да се сочуваат сите документи за неговото време, како и за културата на книгите.
Покажуваат ли и Македонците иста почит, благодарност и грижа за делото на Св. Климент? Во светот на интернетот тоа најдобро го знае Гугл. Ако изгуглате „Gutenberg-Museum“ веднаш се појавува линкот на музејот во Мајнц, Германија. Музејот има совршена интернет-презентација: https://www.mainz.de/microsite/gutenberg-museum/splash-page.php. Ако изгуглате „Музеј на словенската писменост” во Охрид, ќе го најдете само линкот на Википедија „Светиклиментово училиште”. Тоа што ќе го прочитате таму, за жал, не кажува ништо за словенската писменост во Македонија. Прилогот на Википедија ја опишува само лошата состојба на зданието на некогашното училиште „Климент Охридски” во Охрид, но и „духот на бавноста” во реализирањето на идеите во Македонија. Идејата постојаната изложба „Словенска писменост” да се смести во училштето се родила 1966, а била реализирана 1985 година. Дваесет години од идеја до реализација! Ќе поверува ли некој што не знае ништо за македонското бавно темпо на работа, дека Македонците се достојни наследници на делото на Св. Климент Охридски?
Наследниците
Дека Германците се достојни наследници на Јоханес Гутенберг може да се доживее во „Музејот Гутенберг” во неговиот роден град Мајнц. Овој град го слави достојно сограѓанинот, кој во петнаесеттиот век ја направи првата печатарска преса, а со тоа ја втемели „Гутенберговата цивилизација”. Без печатените книги не ќе беше возможно модерното описменување. Во музејот се чува и истражува сѐ што е поврзано со делото на Гутенберг, што значи со историјата на печатењето на книгите и со пименоста воопшто. Во модерната поставка на музејот се дигитализирани сите стари ракописи, како што и во збирката со печатарските преси посетителите, особено учениците, можат да ја доживеат одблизу магијата на печатницата и на писмото. Секако, не секој просечен Германец има совршена јазична и писмена култура. Но, тоа не го нарушува совршеното функционирање на институциите кои се задолжени да ја сочуваат историјата на писменоста и на културата на книгите.
Да се задржиме уште малку кај Македонците и кај нивниот однос кон делото на Св. Климент Охридски. Ако го изгуглате поимот „Светиклиментов универзитет”, ќе добиете само линкови на бугарски за Св. Климент и за неговата книжевна школа во Охрид. Тогаш мора да се запрашате, каде е таа голема грижа на денешните Македонци за историјата на писменоста на македонско тло? Паметењето на историјата на јазикот, на писменоста е идентитетот на еден народ. Идентитетот на денешните Македонци не може да им го загрози никој однадвор. Ниту соседните народи ниту ЕУ, туку само тие самите. Затоа што не им е јасен поимот културен и национален идентитет, тие не согледуваат дека тие со својата негрижа за јазикот, писменоста и просветата го загрозуваат својот национален идентитет. Пред една година имав литературна средба со студентите по славистика во Келн. Со лектори беа застапени сите словенски јазици, но не и македонскиот. Зошто? Затоа што половина од Македонците уште се во времето на Александар, а на другата половина уште ѝ требаат дваесет години од идеја до реализација! Во југословенско време имаше лекторати за македонски во неколку германски градови, а денес, во суверената македонска држава, очигледно настапи амнезија за значењето на лекторатите за македонски јазик барем во големите европски универзитетски центри.
Да постоеше свест за вистинската содржина на поимот национален идентитет, тогаш тие огромни суми кои се инвестираа во „Скопје 2014“ ќе беа доволни да се изгради модерен музеј со изложбена и истражувачка дејност за делото на Св. Климент и за словенската писменост на почвата на Македонија. Ќе можеа да се соберат сите документи и студии на таа тема од многу светски библиотеки. И да се дигитализираат, за да бидат полесно достапни за научниците и студентите. Тогаш за многу млади луѓе ќе беше престижно да студираат македонски јазик. Наместо кичот среде Скопје, со тие пари ќе се финансираа во подолг рок лекторати во неколку европски центри.
Вистински патриотизам
Зошто во овие три децении има видлива ерозија во образовниот и културниот сектор во Македонија? Затоа што квалитетот во тие сфери треба долго и грижливо да се негува, но негрижата и намалувањето на критериумите брзо ги нагризуваат нивните темели. Секако, причината за тоа е партизацијата на сите сфери на животот во македонското општество. Кога партиите, како награда, ги вработуваат своите партиски активисти во образовните институции, занемарувајќи го критериумот на стручноста, тогаш политичкиот популизам самиот го уништува тоа што навидум сака да го заштити – националниот идентитет. Вистинскиот патриотизам се пројавува во грижата за општата писменост, за културното наследство. Грижа за писменоста во Македонија би било кога би имало книжарници на секој агол. Кога децата уште во основното училиште би имале членска картичка од библиотеката. Грижа за просветата има земјата во која ДПМ би била најомиленото место за средби, затоа што во нејзините простории постојано би имало литературни активности. Грижата за писменоста не завршува со празничните говори на секој 24-ти мај. Уште поразочарувачки е што токму со интитуцијата која беше основана за да биде храм на писменоста и на творечкиот дух, МАНУ, владее духот на патриотскиот кич. И културните институции се заложници на партиската борба, во која често се најревносни токму интелектуалците. Партизираноста на јавниот простор не дозволува слободна, критичка мисловна конфронтација.
Сведочи ли за почит кон симболите на писменоста запуштениот споменик на Блаже Конески пред МАНУ? За кој национален идентитет се грижат членовите на институцијата која Конески ја основаше, доколку секој ден минуваат крај неговиот споменик и не ја забележуваат сопствената негрижа за него? Македонците би покажале дека се достојни наследници на традицијата, писменоста и просветеноста која им ја оставиле како традиција сите кои твореле на почвата на Македонија кога тоа би го документирале со конкретни дела во нивна чест. Старите европски култури тоа го чинат со векови затоа што се свесни што значи културата – непрекината грижа и нега на вредностите. За да не пропаѓаат тие вредности само по една генерација, туку да живеат и да цутат со нови цветови, со векови, со тоа што ќе бидат надградувани од секоја нова генерација. Самосвеста за себе како просветен, писмен народ не се покажува со патриотска патетика, туку со постојана грижа, посветеност, самопрегор и работа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.