Дали германската владејачка коалиција е пред колапс?
23 април 2024Германските либерали (ФДП) инсистираат на дополнително заострување за т.н граѓански приход (Bürgergeld) и сакаат да ја укинат можноста за пензионирање на возраст од 63 години. Во документот, кој треба да се најде на партискиот конгрес следниот викенд, се бара намалување на надоместокот за 30 отсто за оние кои одбиваат работа без оправдана причина.
„Оние кои не ги исполнуваат своите обврски поврзани со граѓански доход (социјална помош) и на пример, одбиваат прифатливо работно место без важна причина, треба да има намалување на бенефициите за 30 проценти“, се наведува во документот. Просторот за заострување на санкциите треба да се искористи „до целосно укинување на надокнадата“.
Фази за намалување на поволностите
Сегашната регулатива предвидува Заводот за вработување да може да го намали граѓанскиот приход за најмногу 10 проценти во текот на еден месец за оние кои првпат ќе ја прекршат обврската. После тоа постои можност за намалување од 20 отсто, а на крајот и до 30 отсто. Законот за воведување на граѓански доход стапи на сила на 1 јануари 2023 година.
Првично беа предвидени поблаги опции за санкционирање, намерата беше повеќе да се потпира на соработка, а помалку на притисок преку казни. Но, неодамна беа усвоени заострени мерки: од март, заводите за вработување можат целосно да го укинат граѓанскиот приход на невработените најмногу до два месеци, доколку се покаже дека „целосно одбиваат да соработуваат“.
ФДП: пензионирањето на 63 години повеќе не е одржливо
Но, ФДП не ги таргетираше само примателите на граѓански приход. Партијата сака да ја укине досегашната можност за пензионирање на 63 години, доколку некое лице има 45 години стаж. Германија, велат тие, повеќе не може да си го дозволи тоа поради недостиг на експерти. Наместо тоа, либералите се залагаат да ја направат работата во пензија поатрактивна.
Дополнително, во документот се наведува дека обновливите извори на енергија треба „конечно да бидат целосно вклучени на пазарот“, и затоа повеќе не треба да се субвенционираат од државата. Сегашниот придонес на граѓаните во потрошувачката на електрична енергија, таканаречениот ЕЕГ, кој се користи за финансирање на изградбата на обновливи извори на енергија, треба да се намали и постепено да се укинува. Ова треба да ја поевтини енергијата во Германија.
ФДП, исто така, го потврдува своето противење на германскиот и европскиот закон за синџирот на снабдување: германските регулативи треба да бидат суспендирани, а при спроведувањето на директивата на ЕУ за синџирот на снабдување, „треба да се искористи секоја можност за да се спречат неоправдани и неприменливи оптоварувања на економијата“.
Социјалдемократите ги отфрлаат плановите на либералите
„Предлозите на ФДП се остаток од минатото и не одговараат на современите барања“, рече шефот на пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот, Ролф Муцених, „Овие предлози немаат врска со економската компетентност, туку со дополнителни товари за вработените. Нема да направиме ништо што би ги ослабнало работниците и би ги прекршило основните општествени вредности запишани во Уставот“, нагласи Муцених.
Генералниот секретар на партијата Кевин Кинерт остро ги отфрла предлозите на коалициониот партнер. „СПД нема да дозволи нашата земја да ја водат инвестициски банкари. Темелот на коалицијата останува коалицискиот договор“, рече политичарот од СПД.
Од редот на третиот партнер во т.н семаф коалиција - Зелените засега нема коментар.
„Либералите на крстопат“
Шефот на СПД, Ларс Клингбејл, предлозите на ФДП ги толкува како напад на вистинските носители на напредокот: „Нема да дозволиме политиката да се води на сметка на оние кои работат напорно и ја одржуваат земјата во движење. Право на пензија без одбитоци има секој што 45 години работел во болници, градинки или градилишта за нашата земја. Тоа останува“, рече Клингбајл.
„Точно е дека мора да се направи нешто за да се стимулира економијата, да се обезбедат постојните работни места и да се отворат нови. За ова сме одговорни заеднички во Владата. Но, ако ФДП верува дека економијата ќе биде подобра ако им е полошо за занаетчиите, медицинските сестри или воспитувачите, тогаш тие се во голема заблуда“, додаде Клингбајл.
Претседателот на партијата Левица, Мартин Ширдеван, исто така го критикува документот на ФДП како „документ за социјална суровост“. Ако СПД и Зелените повторно им попуштат на либералите, „тие се политички се готови“, смета тој.
Потпретседателот на Либералната партија, Јоханес Фогел, предупредува, повикувајќи се на изјавите на Муцених, дека „сегашната слабост на германската економија“ ја загрозува и силната социјална држава. „Сите коалициски партнери мора да имаат заеднички интерес за постигнување економски пресврт“, рече Фогел. Тука спаѓа и намалувањето на даноците на граѓаните, но и постигнувањето „праведност“ во примањето социјална помош.
Опозицијата се радува
Шефот на баварските христијански социјалисти (ЦСУ) Маркус Содер го нарече овој документ на либералите „барање за развод на семафор коалицијата“. Според него, тоа е показател дека коалицијата е при крај. Секретарот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Карстен Линеман бара: „ФДП мора да биде искрена. Или ќе ја напушти коалицијата, или ќе наметне некои неопходни мерки. Постојат неколку точки што би можеле брзо да се спроведат ако коалицијата на демохристијаните и либералите биде на власт“.
Но, ваквото гледање на овој документ на либералната партија не е резервирано само за опозицијата. И пратеникот на СПД во Бундестагот и експерт за социјални прашања, Хелге Линд, во изјава за таблоидот Билд рече: „Ако ФДП е сериозна во врска со ова - односно планира веднаш да ги спроведе овие планови - тогаш ова е документ кој се чита како изјава за напуштање на коалицијата“.
Мал број од оние кои „одбиваат да работат“
Конкретните бројки сведочат дека идејата за намалувањето на висината на примањата на оние приматели на социјална помош кои без причина одбиваат да работат, не е економски релевантен проблем, туку пред се светоглед и идеолошко позиционирање. Од февруари до декември 2023 година, Федералната канцеларија за вработување (БА) забележа 15.774 случаи на намалени бенефиции поради одбивање да работат - од вкупно околу 5,5 милиони приматели на граѓански приход. Од тој број, 3.9 милиони се сметаат за работоспособни.