Дали Европа треба да премине кон „воена економија“?
30 мај 2023Термините „воена економија“ или „економија во време на војна“ потсетуваат на драматични мерки од мрачните денови: владите ги преконфигурираат целосно своите економски системи и индустриското производство за да му дадат приоритет на производството за воените цели.
Еврокомесарот Бретон почна редовно да се повикува на концептот на почетокот на март, кога бараше - и продолжува да бара - брзо засилување на владините нарачки од страна на ЕУ за производство на муниција и оружје, како за снабдување на Украина, така и за полнење на сопствените резерви. Комесарот тукушто обиколи десетина фабрики за производство на оружје низ целата Унија каде што слушнал поплаки за недостигот на потпишување на долгорочни договори. И покрај повеќекратните одлуки на ЕУ за зајакнување на финансирањето и намалување на бариерите за заеднички набавки, работите се движат премногу бавно.
„Одложувањата не се во согласност со нашите непосредни потреби“, рече Бретон на прес-конференцијата на 3 мај. „Затоа постои - и јас го кажувам ова јасно - неопходноста да се поттикне индустриската база и да се трансформира во ‘економија за време на војна', ако ми дозволите да го изразам тоа во тие услови“.
Не е одобрено?
Но, се чини дека Бретон не ги консултирал сите земји-членки - или воопшто некои - за тоа дали тие всушност „ќе му дозволат (нему) да ги користи тие термини“ доколку имале избор.
Германија можеби е најчувствителна на концептот. Како амбасадор на Берлин во Полска, Томас Багер знае понешто околу притискање за набавка на оружје. Тој смета дека тактиката на Бретон е непродуктивна. „Нема да имате позитивен одговор на терминот ‘воена економија' во Германија“, рече Багер отсечно на конференцијата Ленарт Мери во Талин, Естонија претходно овој месец. „Тоа не е вистинскиот начин да се мобилизираат напорите.
Таа реакција не е целосно изненадувачка, објаснува Едвард Лукас од Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА), кој за ДВ вели дека целосно би ја забранил оваа фраза. „Таа означува многу различни работи во различни земји“, забележува тој. „Вистинска ‘воена економија' е кога доаѓаат луѓе со оружје в раце, ја преземаат вашата фабрика и ја тераат да произведува повеќе оружје. Мислам дека никој всушност не го сугерира тоа во Европа", вели Лукас, иако нагласува дека Русија веќе презела такви чекори.
„Во Германија тоа има одек на нацистичка контрола врз економијата со колосални страдања и злоставување на работници- робови “, изјави Лукас за ДВ во Талин.
„Тоа е отприлика како да речете во САД - треба да го доведеме ова до плантажно темпо. Тоа веднаш не би било знак за продуктивност, туку знак за најтемниот период во американската историја! Не мислам дека ова треба да се решава со слогани. Ова го решавате така што всушност седнувате на маса и донесувате тешки финансиски регулаторни одлуки кои го создаваат резултатот што го сакате“, вели Лукас.
Засилување на реториката, а не индустријата
Друг аналитичар, Бен Талис од Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП), забележува дека францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, зборувал за „воена економија“ без преземање на драматичните дејствија што таа ги носи. „Ова би имало многу импликации“, вели Талис, „голема државна контрола врз економијата и државно усмерување на економијата. Тоа веројатно би значело рационализирање од различни видови, што би испратило многу интересен сигнал до европското население, оној за кој не мислам дека сегашната генерација политичари во Западна Европа е подготвена да го испрати“.
Но, неопходно е да се испрати сигнал за итност доколку ЕУ - и НАТО - сакаат да се засили машинеријата за производство на оружје. Разбирливо е зошто некои претставници на ЕУ го испробуваат терминот, вели Натали Точи, која раководи со Италијанскиот институт за меѓународни односи. Тие треба да премостат огромен јаз во перцепцијата за заканите низ цела Европа, „убедувајќи ги оние земји-членки кои се многу далеку од првата линија на фронтот, дека наместо да трошат средства (за домашни прашања) - тие треба да трошат нив на одбранбената индустрија за да испратат оружје во Украина“. Точи вели дека некои луѓе веќе го поддржуваат тоа, „но потребно е само време да се направи тој аргумент убедлив за секого“.
Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур вели дека никој не треба да се повика на „воена економија“ во неговата земја, која веќе ѝ дала повеќе од еден процент од својот БДП како помош за Украина. „Не мораме да го наведуваме посебно“, вели тој за ДВ. „Ја гледаме заканата и велиме дека сите во Европа мора да сфатат дека Русија е егзистенцијална закана," вели тој.
Спремање за подоцна?
И покрај тоа што ја поддржува таа цел, воениот историчар Славомир Дебски, директор на Полскиот институт за меѓународни односи (ПИСМ), смета дека не е неопходно да се создава „воена економија“ - барем „сè уште не“ - и за ДВ вели дека се сомнева дека политичарите ни самите не знаат што мислат кога го кажуваат тоа. „Во 1942 година, САД беа способни да произведуваат големи бродови за 14 дена (наместо две години)“, објасни тој. „Тоа е вид на приватизација на воената економија. Значи, ние не сме таму и нема потреба да се воведува ваков режим во нашата сопствена економија."
Бен Талис предлага, наместо само да го исфрлат терминот, политичарите да почнат да го објаснуваат размислувањето кое стои зад „воената економија“. „Украина се бори за сета наша слобода и мислам дека таа порака не е целосно пренесена во сите делови од Западна Европа“, изјави тој за ДВ во Талин. „Тие спречуваат ние да бидеме нападнати.
„Ако така гледаме на работите, тогаш тоа навистина би требало да биде и наш судир, да не мотивира да победиме, да се нормализира таа логика и да се прифати дека сме во сериозен судир во кој мора да победиме и да имаме таков менталитет, а тогаш мислам дека е правилно да почнеме да ги подготвуваме луѓето да размислуваат на таков начин“, вели тој.
Но, германскиот амбасадор Багер не е убеден во таа идеја. „Она што е важно е да не ги земеме овие различни перцепции за егзистенцијална закана како фундаментален прашалник според кој другите тоа сè уште не го разбираат“, тврди тој. „Мојата поента е: ние навистина разбираме. Но, мора да сфатите дека историјата и географијата се неизмерно моќни учители и дека ни одржаа различни лекции“, вели тој.