Црн понеделник: што се случува на светските берзи?
6 август 2024По големите загуби во понеделникот (5 август) и берзанскиот шок во Азија, но и во други делови на светот, негативниот тренд не продолжи во вторник во првите утрински часови од тргувањето со хартии од вредност на европските берзи. Најзначајните берзи на почетокот на денешното работење забележаа благо закрепнување по „црниот понеделник“. Во Лондон индексот ФТСЕ 100 порасна за 0,5% на 8050,58 поени. Во еврозоната парискиот индекс CAC 40 порасна за 0,2% (7159,94), а најважниот германски индекс ДАХ во Франкфурт на Мајна веќе во првите минути од работата „скокна“ за цели 0,7% - на 17.451,27 поени.
Неколку часа пред европските пазари со работа почна берзата во Токио. Индексот Никеи забележа значителен пораст од околу десет отсто - по вчерашниот ден во кој берзата ги претрпе најтешките загуби (-12%) од многу одамна. Причината за „крахот“ на почетокот на неделава е пред сѐ стравот на инвеститорите од можна рецесија во САД, што може негативно да се одрази на глобалната економија. По вчерашната паника, работите сега се смируваат, вели Јохен Штанцл, аналитичар во брокерската куќа ЦМЦ Маркетс.
Во еден момент вчера германскиот ДАКС (DAX) забележа пад на вредноста од 3,6%, но тргувањето го заврши со нешто поблаг пад од -1,8% во однос на претходниот трговски ден. Тоа е сосема поинаква слика од онаа што владееше во пролетните месеци, кога ДАХ ловеше рекорд по рекорд. Во текот на годинава најважниот германски берзански индекс достигна рекордна вредност, во еден момент ДAКС ја надмина границата од 18.800 поени.
Слично беше и на Волстрит до пред неколку недели: забележан е позитивен тренд. Вредностите на хартија во просек се зголемуваа. Дау Џонс, на пример, достигна рекордно ниво во јули. Всушност, водечкиот американски индекс во еден момент ја „скокна“ границата од 41.100 поени.
Но сега во целиот свет се случува спротивното, секаде индексите бележат негативен тренд. ДAX падна многу под границата од 18.000 поени минатиот петок. Дау Џонс беше на ниво под 40.000 поени. Јапонскиот индекс вчера го доживеа најтешкиот „крах“ во последните повеќе од 35 години. Референтниот индекс Никеи 225, со минус од повеќе од 12%, ја претрпе најтешката загуба во еден работен ден од „црниот понеделник“ во октомври 1987 година.
Слаб конјунктурен развој, проблеми на пазарот на труд
Но, кои се причините за сегашниот пад на вредноста на акциите? Постојат неколку причини за ова. Еден од главните „мотори“ на негативниот тренд е стравот од рецесија во САД. Имено, инвеститорите стравуваат од можноста реалната состојба на американската економија да е уште полоша од претпоставката. И затоа се ослободуваат од бројни хартии од вредност. Девизните експерти од германската Комерцбанк зборуваат за „паника на пазарот во контекст на американската конјуктура“.
Американската економија во последно време попушта, економските податоци се лоши. Негативен тренд преовладува, на пример, во важната преработувачка индустрија. Дури и американскиот пазар на труд, кој во минатото генерално беше доста робустен, покажува знаци на слабост. Во текот на јули најголемата светска национална економија изненадувачки „создаде“ помалку нови работни места од очекуваното, а стапката на невработеност не го достигна највисокото ниво во последните речиси три години.
„Тоа покажува дека економијата е на прениско ниво, а каматните стапки се превисоки“, вели Аскан Иреди од Плутос управување со инвестиции за германскиот јавен радиодифузен сервис АРД. Во САД не само што владее стагфлација, можна е дури и рецесија, додава овој финансиски експерт.
Страв од рецесија во САД
Ова мислење го делат и некои други експерти. „Ја зголемивме нашата веројатност за рецесија во следните 12 месеци за десет процентни поени на 25 отсто“, ова може да се прочита во новата студија на аналитичарите од финансиската куќа Голдман Сакс. Уште попесимистички се прогнозите на аналитичарите од JПМорган, кои сметаат дека веројатноста за рецесија во САД е дури 50%.
„Во последните месеци, добрите конјуктурни податоци создадоа илузија на американската економија, на која никој и ништо не може да ѝ наштети“, вели Јохен Штанцл од ЦМЦ Маркетс. Тој додава дека сега таа илузија се распаѓа, односно дека берзите реагираат на слабите податоци. Според Штанцл, рецесија во САД е сосема можна. Ниту последната одлука на Американската централна банка не ги смири инвеститорите: кон средината на минатата недела ФЕД навести дека може да ја „намали“ референтната каматна стапка во текот на септември. Поради послабата економска динамика, Голдман Сакс очекува дека ФЕД може да ја намали каматната стапка за четвртина процентен поен во септември, ноември и декември.
Биткоинот падна под 50.000 американски долари
И биткоин претрпе значителни загуби на почетокот на оваа недела. Курсот на најстарата и најпознатата криптовалута во моментов се спушти на ниво од помалку од 50.000 американски долари. Ова е најниската стапка од февруари. Биткоинот изгуби повеќе од 10.000 долари од петокот вечерта. Последен пат толку силен пад во релативно краток период беше забележан во јуни 2022 година.
Етер, втората најважна криптовалута, исто така претрпе загуби. Аналитичарот Тимо Емден од компанијата Ембден-Рисрч зборува за „коктел на несигурност“ кој има негативно влијание врз Биткоинот. Овде се издвојува стравот од можна рецесија во Америка.
На падот на вредноста на акциите влијае и загриженоста која владее со состојбата во технолошкиот сектор. Американските технолошки гиганти Епл, Амазон и Интел претставија разочарувачки квартални извештаи минатата недела.
Поради ова, инвеститорите на берзите масовно ги продаваат акциите од технолошкиот сектор што ги имаа во нивните портфолија.
Несигурност поради можна војна
Дополнителен фактор на неизвесност на берзите е конфликтот на Блискиот Исток. Многу инвеститори се прашуваат дали се заканува нов бран на ескалација? По убиството на политичкиот лидер на исламистичкиот Хамас во Техеран, Израел и САД се подготвуваат за можни одмазднички акции на Иран и неговите сојузници. И тоа влијае на зголемување на ризикот од војна во регионот каде што има изобилство на нафтени наоѓалишта.
Загриженоста за цените на енергијата расте. Една третина од околу 100 милиони барели нафта што се произведуваат дневно потекнуваат од Блискиот Исток. Честопати се зборуваше за заканувачки пожар во овој важен регион за експлоатација на нафта, но „ризикот никогаш не бил толку висок како што е денес“, вели Јирген Молнар од брокерската компанија РобоМаркетс.
Златото профитира од сето ова. Вредноста на благородниот метал е зголемена во последните недели. Златото има статус на „безбедно пристаниште“ во турбулентни времиња.
На крајот на минатата недела пораснаа и курсевите на американските државни обврзници. Поради лошото расположение на берзата расте побарувачката за побезбедни хартии од вредност, дури и за оние кои носат помал профит.
Една од овие сигурни инвестиции се германските државни обврзници . Сите поголеми рејтинг агенции го оценуваат нивниот бонитет со максимална оценка: ААА.