Цените остануваат замрзнати до Нова Година
27 октомври 2023Владата ја продолжи мерката за замрзнувањето на цените на основните прехрамбени производи до крајот на годината, а ја укина и одлуката за забрана на акции и промоции. Станува збор за одлука која што се однесува на стотици основни прехранбени производи и алкохолните и безалкохолните пијалоци коишто од 20 септември се продаваат со ознаката „гарантирана цена“. Мерката со која производите треба да имаат 10 отсто пониски цени отколку што се продавале на 1 август годинава наместо до 30 ноември ќе важи до крајот на годината, до кога се очекува да стапи во сила законското решение за нефер трговски практики.
„Мерката за намалување на цените и ознаката „гарантирана цена“ ќе продолжи до крајот на годината. Дотогаш најверојатно ќе го имаме новото законско решение со нема да може да се прават злоупотреби во делот на намалување на цените“, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.
На предлог на Министерството за економија, укината е и одлуката во делот на акциите, имајќи предвид дека одредени трговци на мало ја толкувале претходната одлука како неможност за давање акции и промоции. „Тоа значи дека сега и производителите и дистрибутерите ќе може да организираат такви акции со цел да ги намалат цените за потрошувачите“, изјави министерот за економија.