Чарлс Трети ќе биде прогласен за крал
10 септември 2022Церемонијата на прогласување на Чарлс Трети за нов британски крал ќе почне во 11 часот по средноевропско време во палатата Сент Џејмс во Лондон. Прокламацијата ќе биде прочитана еден час подоцна од балконот на палатата, а потоа и на други места во Обединетото Кралство.
По смртта на Елизабета Втора во четвртокот (8.09), круната директно преминува на нејзиниот син Чарлс и прокламацијата е практично само свечена формалност.
Трас за новиот крал: „Му должиме лојалност и посветеност“
Кај новиот крал вчера (9.09) прва аудиенција имаше новата британска премиерка Лиз Трас. Средбата е дел од, со протокол предвидените, настани по смртта на Елизабета Втора.
Трас претходно на новиот крал му вети дека Британците ќе му бидат верни. И тој заслужува лојалност, рече премиерката во парламентот во Лондон. За починатата кралица, Трас рече: „Нејзиното величество беше една од најголемите водечки личности кои светот воопшто ги видел. Нејзините зборови ни даваа сила во најтешките времиња. Во најтемните моменти на пандемијата таа ни даде надеж дека повторно ќе се сретнеме (со другите).“
Кралот Чарлс Трети има исто така направено многу за земјата со своите напори за заштита на животната средина, оцени британската премиерка во парламентот: „Му должиме лојалност и посветеност“, рече таа, додавајќи: „Круната ќе опстои, нацијата ќе опстои и во тој дух велам: Да живее кралот!“
Лиз Трас во времето на своите студентски денови ја доведуваше во прашање монархијата. Подоцна тие свои ставови ги нарекуваше младешки грев.
Кралот Чарлс Трети пред големи предизвици
Монархијата е соочена со тешки времиња, оценува уставниот експерт Роберт Хејзел од Лондон Јуниверзити Колеџ. Според него, „за Чарлс ќе биде многу тешко да ја наследи Кралицата“. Елизабета Втора беше крунисана на 25-годишна возраст и цела земја ја славеше. Одушевеноста од Кралицата траеше цели 70 години.
Новиот крал сега ќе треба да излезе од сенката на починатата мајка. Почетокот на неговото владеење е во политички и економски турбулентни времиња во Велика Британија. Лиз Трас само што го замени Борис Џонсон на премиерската позиција, граѓаните страдаат од високата инфлација и растечка сиромаштија.
Како наследник на тронот, Чарлс се посвети на еколошкото земјоделство и заштита на природата долго пред ова прашање да стане мејнстрим. Тој постојано беше исмејуван поради ова, како и поради неговите коментари за модерната архитектура, која не му се допаѓа.
Сега Чарлс Трети ќе мора да се потчини на строга неутралност која што се очекува од британските монарси. Секој збор на кралот отсега ќе се мери на прецизна вага. Во 2018 година, додека беше престолонаследник, тој во интервју за Би-Би-Си рече дека е свесен оти како крал веќе не смее да дава никакви изјави: „Не сум толку глупав“.
За Чарлс ќе биде „многу тешко“ да ја задржи оваа неутралност, особено со оглед на напорите за независност на Шкотска, вели Хејзел, кој сепак смета дека Чарлс има големо чувство за должност. „Мислам дека тоа добро ќе му послужи како крал“, оценува експертот.
Чарлс е личност околу која мислењата се поделени. Во едно истражување на јавното мислење годинава, една третина од Британците одговориле дека Чарлс ќе биде добар крал, додека исто толку граѓани биле уверени во спротивното. „Не очекувам да се промени многу во тој поглед кога тој ќе стане крал“, вели Хејзел. За споредба: со работата на Елизабета Втора беа задоволни над 80% од испитаниците.