Бум на кинеската и руската шионажа во Германија
24 април 2024Во прес-службата на Сојузниот јавен обвинител (ГБА) во Германија деновиве има голема активност: „Апсење поради осомничена активност на агенти на тајна служба“ - ова е наслов на една вест од 23 април 2024 година. Ист наслов има и соопштението за медиумите од 22 април. Во двата случаи, четворицата осомничени - тројца мажи и една жена - наводно шпионирале за Кина.
Во информација од 18 април станува збор за двајца мажи, за кои се вели дека планирале напади врз воени цели во Германија во име на Русија. Насловот гласи: „Апсења, меѓу другото, поради активност на агенти на тајните служби и членство во странската терористичка организација 'Народна Република Доњецк' (ВРД)“.
Загриженост за безбедноста
Апсењата доведоа до загрижени коментари во политиката и медиумите. Пратеникот во Бундестагот, Константин фон Ноц, е вознемирен: „Конечно мора да сфатиме дека ова е многу сериозна и многу реална закана за нашата безбедност“, нагласува претседателот на парламентарната Комисија за контрола на тајните служби (ПКГр). И додава: „Како демократија која смее да се брани, ние мора да дејствуваме брзо и решително и во спроведувањето на законот и во откривањето на структурите и мрежите од страна на сите безбедносни органи“.
Она што Фон Ноц го бара се чини дека се случува токму сега. Така барем може да се сфати претседателот на Сојузната служба за заштита на Уставот (БфВ), Томас Халденванг во интервјуто за ДВ: „Ние ги инициравме овие истраги, а откако доказите беа јасни, можевме да го предадеме овој предмет на полицијата и јавното обвинителство“.
Службата за заштита на Уставот ги скицира глобалните цели на Кина
За шефот на германската разузнавачка служба, актуелниот развој на работите не е изненадување. Она што неговата служба верува дека Кина може да го направи, може да се прочита во извештајот на Службата за заштита на Уставот објавен во 2023 година: „Глобалните амбиции на Кина се спроведуваат со општ стремеж кон сè повеќе и повеќе моќ за да ги спроведе сопствените стремежи за обликување и лидерство и може да се очекува натамошно интензивирање на шпионските активности како и активностите за влијание од страна на државните актери.“
Претседателот на БфВ за потенцијалната опасност зборуваше и на симпозиумот организиран од Сојузната канцеларија за заштита на Уставот во Берлин, кој се одржа на денот кога беа уапсени тројца осомничени шпиони. Кина има време, одговори Халденванг на прашањето на ДВ за тоа каква стратегија води земјата кога е во прашање шпионажата: „До 2049 година сакаат да бидат политичка, воена и економска сила број еден во светот. Тие континуирано ја следат оваа цел - со легални средства, но и со незаконски средства“.
Класични места за шпионажа - универзитети и компании
Халденванг како пример го наведува распоредувањето на кинески гости научници и студенти на германските универзитети: „Овие луѓе се обврзани да ѝ предаваат информации на државата“, вели Халденванг. Германската министерка за образование и истражување, Бетина Штарк-Вацингер, исто така сериозно го сфаќа ова предупредување: Не треба да се биде наивен кога се работи за Кина, вели таа. Она што е неопходно е „уште покритична проценка на ризиците и придобивките при соработката, особено во науката и универзитетите“.
Службата за заштита на Уставот гледа така на работите и кога се работи за економијата. Со секое заедничко вложување и секоја директна инвестиција, менаџери и друг персонал од Кина доаѓаат во Германија, нагласува Халденванг, со тоа укажувајќи на потенцијална порта за шпионажа. „Трговските тајни можат да стигнат и до Кина“, предупредува тој на можните последици.
Шпион во канцеларијата на политичар од АфД?
Неодамна уапсен осомничен агент може да се вклопи во ова сценарио. Особено пикантно е што тој е близок соработник на Максимилијан Крах, главниот кандидат на Алтернативата за Германија (АфД) на европските избори во јуни 2024 година. На АфД, која е под лупа на Службата за заштита на Уставот како осомничен десноекстремен случај, постојано ѝ се префрлаат блиски контакти со Русија.
Меѓутоа, според разузнавачките наоди, шпионските активности на Москва, за разлика од Кина, често се фокусираат на краткорочни цели. Од гледна точка на Халденванг, оваа оценка важи повеќе од кога и да е од нападот на Русија врз Украина: „Со оглед на војната со огромна употреба на сила од страна на Русија, би било невнимателно да не се претпостави способноста и волјата на нејзините разузнавачки служби за извршување на комплексни операции во Европа“.
Во потрага по проруски настроени жени и мажи
Претседателот на Службата за заштита на Уставот очекува дека руската шпионажаќе продолжи да се зголемува и дека за таа цел ќе се регрутираат нови кадри. Причина - набргу по почетокот на војната, Германија протера околу 40 осомничени агенти кои беа акредитирани во руската амбасада во Берлин. Но, како што се вели, во меѓувреме тоа е компензирано.
Притоа, како што се вели, рускиот претседател Владимир Путин цели на луѓе со руско мигрантско потекло кои живеат во Германија. „Досега заедницата покажа дека е многу отпорна“, нагласува Халденванг. Меѓутоа, во овој круг повремено се забележуваат и луѓе кои имаат високо ниво на симпатии кон Путин и Русија. „Оттука, во тој дел може да има на располагање резервоар на луѓе кои се подготвени да дејствуваат во интерес на Русија“, претпоставува шефот на Службата за заштита на Уставот.
Овој текст првично еобјавен на ДВ на германски јазик