1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија и Македонија - мета на руската хибридна војна

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
4 октомври 2023

Вистинските влади работат на програми поминати на избори. Нашата реконструирана влада работи на програмата на Радев, со етикета „француски предлог". Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/4X4np
Бугарскиот и рускиот претседател Румен Радев и Владимир Путин
Бугарскиот и рускиот претседател Румен Радев и Владимир ПутинФотографија: BGNES

"Руската Православна Црква се користи за геополитичките интереси на Русија - за хибридни дејствија, за ширење на влијание - тоа е дел од долгорочната стратегија на Путин и на неговиот режим." Така Екатерина Захариева го коментира на БНТ протерувањето на претставникот на РПЦ од Македонија и Бугарија. За верниците и за либералната јавност тажно е сознанието дека рускиот патријарх го покрива антихристот олицетворен во Путин, дома, во украинскиот пекол и во хибридната војна ширум светот.

Тешко дека, со канонски или етички аргументи, ќе го убедиме заколнатиот во Христос спасителот, симболот на човекољубието, да не го прави овој фундаментален грев. Но когa ќе се осознаеме самите како предмет на тие „хибридни дејствија" како „долгорочна стратегија на Путин", можеме да си помогнеме да се браниме од нив. Посебно инструктивно во случајов е што се откриваме двете држави како заедничка мета на деструктивната пропаганда на Кремљ. 

Протерувањето на рускиот свештеник, ја отсликува БПЦ како сестринска робинка на РПЦ. Нејзиниот немајчински однос кон молбата на МПЦ за канонска помош, го осветли како рефлекс на руска хибридна интервенција, пресметана за одржување на расколот меѓу двете цркви. По што на ред дошло провоцирање раздор меѓу МПЦ и Вселенската патријархија. 

Аналогна е состојбата и во световна Бугарија. Самиот чин на протерувањето на рускиот свештеник (и на двајца белоруски свештеници и на тројца руски дипломати), зборува за решеноста на Владата да се противстави на руската хибридна војна, која го загрозува и самиот нејзин опстанок - распната меѓу русофилската традиција, коруптивната практика и евроатлантската ориентација. Трагично е што орото го води претседателот Румен Радев, со слава на агент на руско влијание, и што има највисок рејтинг меѓу бугарските лидери. Со години, тоа е сопка на бугарската демократија, иако земјата е членка на ЕУ. 

Грозното цвеќе на злото - ветото, изникна во градината имено на руското влијание и на корупцијата. Порталот Фактор недамна го објасни со неуспешна коруптивна зделка и побара надлежните служби да го истражат случајот. Вистина, Владата на Борисов се прочу со корупција, но посегањето по такво разорно средство, сепак претпоставува пресуден удел на моќната кремљевска офанзива. Неа ја почна Каракачанов како министер за одбрана, во слога со Захариева, а ја продолжи Радев, вовлекувајќи го на крајот - Макрон! 

Раздор наместо решавање на проблемите

Така Бугарија, од заедничка мета со Македонија на хибридни руски дејствија, стана и посредник  на тие дејствија во Македонија. Олицетворение на тоа двојство на жртва и посредник, претставува самата Захариева. Но на таа јадица е фатена и актуелната евроатлантска власт. Премиерот Денков мие раце: Македонија нема спор со Бугарија, туку со ЕУ!

А во овој случај ЕУ е надворешната политика на Радев со Каракачанов на грбот (формулата 5+1 услови)! Така Владата на Денков/Габриел се бори на живот и смрт дома против путинистот Радев, а пред неговата надворешна политика кон Македонија се крсти како пред европска црква - бидејќи Макрон ја промовирал во европска! 

Каде е тука ЕУ? Каде Бугарија? И која Македонија има спор со ЕУ?

Владата избрана според парламентарниот ред на нештата, го одби ветото како спротивно на Копенхашките критериуми. Зад неа застана и ЕУ, па тоа стана европска позиција. За Македонците беше преголема навреда ветото (со документите од Владата и Парламентот). Тоа посебно болеше зашто уследи после етаблирањето, со Преспанскиот договор, на Северна Македонија како држава меѓу држави, нација меѓу нации, според современите категоријални норми. 

Што да се прави? Една можна солуција беше (во духот и словото на Договорот за пријателство…) безусловно тргање на ветото и лобирање за што побрзо зачленување на Македонија во ЕУ, што е најсоодветен начин за премостување на границата како прапричина на оттуѓувањето и на негативните стереотипи меѓу Македонците и Бугарите. Но Радев не е Стамболов, не е Желев. Радев дише со плуќата на Путин. Не решавањето на проблемите, туку раздорот - тоа е неговата мисија. 

Победи друга солуција - наместо ветото, да се тргнат Македонците. Премиерот демисионира, ги реконструира патем министрите од мнозинскиот народ, носители на изборните листи, стави на нивно место претставници на малцинствата, со од народот неизбран премиер. 

Тоа беше последен момент СДСМ и Собранието да се потврдат како партија и Собрание - да го спречат тој тих државен удар. Тие пропуштија тоа да го направат, си ги негираа своите уставни битија и станаа средства на една антиуставна псевдомакедонска влада.

Мантрата како наука

Вистинските влади работат на програми поминати на избори. Нашата реконструирана влада работи на програмата на Радев, со етикета „француски предлог". Тоа Македонија ја претвори во политичка и медиумска арена на суштества раскарани околу камен фрлен од Путин. Арена на општо самопонижување, каде страда и човештината, и вистината, и воопшто категоријална мисла. „Францускиот предлог", редуциран со салама дипломатија на „Бугарите во Уставот" односно на уставните измени, се турка со безброј незаконски и неуставни процедури и манипулации. Врз таа основа нацијата произволно се дели на „патриоти" и „предавници", на европјани и антиевропјани. Во тој имагинарен калабалак провејува духот на удбашкиот антибугаризам (нотиран од ЕКРИ), провоциран од ветото, а МАНУ неуморно емитува панмакедонизам позајмен од Грците. Кои, по Преспанскиот договор, го ставија ад акта, зашто тоа беше доктрина која не признаваше во географска Македонија друга држава и друг народ, освен грчката држава и грчкиот народ. За, сега, Коцарев, со буљук шарлатани по него, да ја чистат од Бугари и Грци, па да ја населуваат со чисти, вечни Македонци. И таа шизофрена мантра да ја продаваат како наука. 

Зад завесата на тие фикции, флоскули и пропагандни пораки, со кои се замајува народот, се простира една реалност од другата страна на ставот „Ништо човечко не ми е туѓо.” Каде општото добро како плен го голтаат ненаситни зинати усти на грабливци, организирани во ленинистички монистички партии-парадржави. Тие ги киднапираат сите природни, државни и човечки ресурси и својот грабеж го заштитуваат/легализираат со укинување на закони што санкционираат криминал, со фабрикување на свои закони. Така се блокира развојот на општото добро, се сопнуваат индивидуалните потенцијали, се продуцира ентропија и инволуција. Лакрдијата завршува со ставање на Македонија во скутот на Али Ахмети - нејзиниот реален врховен командант. 

До тука нѐ донесе нашиот реален пат кон ЕУ по трасата на „францускиот предлог". Тоа е Македонија со него. И тоа е ЕУ. Во режија на Владимир Владимирович, со асистенција на Радев.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема