1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФилмСоединети Американски Држави

Брус Ли: Наследството на кунг-Фу легендата

Елиот Даглас
20 јули 2023

Пред 50 години почина кинеско-американскиот мајстор во боречки вештини и филмска ѕвезда Брус Ли. Неговата филозофија живее до денес.

https://p.dw.com/p/4U3ec
Брус Ли не беше само борец и актер, туку и филозоф
Брус Ли не беше само борец и актер, туку и филозофФотографија: picture alliance/United Archives

„Испразни го умот, биди без форма, без облик - како водата“. Најпознатиот цитат на кунг-фу легендата Брус Ли не е само совет за потенцијалните боречки спортисти за тоа како вешто да ги избегнуваат противниците. Тоа важи и за филозофскиот поглед на светот. И сè уште одекнува кај неговите обожуватели.

Книгата на Ли „Уметник на животот“ полна со филозофски размислувања, која првпат беше преведена на германски и објавена во 2023 година под наслов „Испразни го умот“, дава вредни сознанија за неговиот начин на размислување. Овој аспект од животот на филмската ѕвезда премногу често паѓа во заден план, кога се размислува за него половина век по неговата прерана смрт.

Брус Ли (без кошула) во холивудскиот хит „Во змејското гнездо“, кој беше завршен дури по неговата прерана смрт во 1973 година.
Брус Ли (без кошула) во холивудскиот хит „Во змејското гнездо“, кој беше завршен дури по неговата прерана смрт во 1973 година.Фотографија: picture alliance/Everett Collection

Раѓање на змејот 

Брус Ли е роден како Ли Џун-Фан во Сан Франциско во 1940 година во семејството на Грејс Хо и Ли Хои-Чуен, познат кинески оперски пејач и филмски актер. Идниот кунг-фу мајстор поголемиот дел од своето детство го поминал во Хонг Конг, каде што се појавил во неколку филмови како дете актер. Но, набрзо станало јасно дека неговите интереси не се ограничени само на глумата. Како тинејџер почнал да тренира боречки вештини и да танцува. Тој тренирал Винг Чун, кинеска боречка вештина која веројатно потекнува од 19 век. 

На 18-годишна возраст се преселил во САД да студира. Таму предавал боречки вештини и развил свој стил на боречка вештина - Џит Кун До. Буквално преведено значи „Патот на пресретнатата тупаница“. Концептот за самоодбрана се потпира на најголемата можна ефикасност во борбата и комбинира елементи од различни класични стилови.

Во исто време, Брус Ли се појавува во американски телевизиски серии и филмови, главно во мали улоги поврзани со боречки вештини. Дури кога се вратил во Хонг Конг ги добил своите први главни улоги во студиото Голден Харвест. Тој беше на врвот на својата светска слава кога неочекувано почина од церебрален едем, на 20 јули 1973 година, на само 32 години. Последниот филм објавен за време на неговиот живот беше „Патот на змејот“ (1972), додека „Во змејското гнездо“ беше завршен по неговата смрт во 1973 година - и двата станаа холивудски хитови.

Погребот на Брус Ли на 30 јули 1973 година
Погребот на Брус Ли на 30 јули 1973 годинаФотографија: Everett Collection/IMAGO

Џит Кун До- боречка филозофија 

Додека светот по неговата смрт го дефинираше наследството на Ли првенствено во однос на неговата извонредна физичка подготвеност и борбена техника, филозофските учења кои тој ги разви во неговиот краток живот добија помалку внимание. Сепак, неговиот стил на боречка уметност Џит Кун До е синтеза на овие два дела од неговиот живот.

„Техниките и филозофиите на Џит Кун До може да се применат и во реална борба и во тешки животни ситуации. Составен од физички техники и применети филозофии, Џит Кун До бара од поединецот да се обучи себеси во најсофистицирана состојба на битието“, пишува на веб-страницата на Фондацијата Брус Ли. Свесноста за своето тело и помирувањето со своето место во светот се клучни за животната работа на Ли.

Исто така, неговиот совет „Биди вода, пријателе“ е цитиран многупати низ годините и е поврзан со оваа филозофија на способност за обликување и свесност за своето физичко и духовно јас. Како вода што тече во чаша и ја менува формата, Ли советуваше на приспособливост додека истовремено се останува верен на својата суштина.

Статуа на Брус Ли во родниот Хонгконг
Статуа на Брус Ли во родниот ХонгконгФотографија: Ling/picture alliance/dpa

Предводник за Азијците во Холивуд

Наследството на Ли вклучува и отворање на вратата за азиските актери во Холивуд. Бидејќи тој беше првата азиско-американска холивудска ѕвезда која играше водечка улога во голем меѓународен филм. И покрај раната смрт, тој успеа да го отвори патот за идните генерации. Денес неговото наследство го продолжува неговата ќерка Шенон Ли. Таа редовно дава интервјуа и води аудио подкаст за нејзиниот татко со едноставен наслов: „Подкаст на Брус Ли“.

Како добро начитан филозоф и мислител, тој,  во ретроспектива, заслужува повеќе внимание: на 50-годишнината од смртта на мајсторот (20 јули 2023 година), беше објавено јубилејно издание на неговата книга на германски јазик, кое содржи и извадоци од неговите приватни дневници. „Во суштина, отсекогаш сум бил боречки мајстор по вокација, а по професија сум актер“, забележал тој непосредно пред неговата смрт, „но пред сѐ се надевам дека ќе се реализирам на мојот пат како уметник на животот. "