1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Дали бразилскиот претседател Лула е комунист?

2 јануари 2023

Речиси половина Бразилци „паднаа“ на валканата кампања на Жаир Болсонаро против Луис Игнасио Лула да Силва. Голем дел од населението верува дека од 1 јануари 2023 година земјата ја води комунистички претседател.

https://p.dw.com/p/4Ld7P
Бразилскиот претседател Лула да Силва при полагањето заклетва во Конгресот
Бразилскиот претседател Лула да Силва при полагањето заклетва во КонгресотФотографија: Jacqueline Lisboa/REUTERS

Кога приврзаниците на Жаир Болсонаро се разбудија по бурната новогодишна забава, не се соочија само со мамурлук, туку  веројатно и со нивниот најголем кошмар. Луис Инасио Лула да Силва, човекот за кој тврдат дека сака да ги забрани црквите и е наклонет кон сатанистите, овој во нивните очи „безбожен комунист“, на 1 јануари стана новиот претседател на Бразил.

Но, има ли вистина во овие обвинувања? Дали 77- годишниот основач на бразилската Работничка партија („Partido dos Trabalhadores“, ПР) по неговиот прв мандат од 2003 до 2011, сега во вториот тајно ќе се обиде да воведе комунизам во земјата?

Фернандо Мораис смета дека такво нешто е незамисливо. „Лула никогаш не бил комунист, ниту пак некогаш ќе биде. Во целиот негов живот никогаш немал никаква врска со Комунистичката партија.“ Малкумина го познаваат Лула така добро како Мораис. Писателот се познава со старо-новиот претседател веќе 50 години, уште од времето кога тој бил обичен работник во фабрика. Му има напишано славна биографија.

Мораис дури го прашал Лула ноќта пред неговото апсење поради наводна корупција во 2017 година, дали длабоко во душата се чувствува како комунист. Сувопарниот одговор на Лула гласел: „Во 1980 година имав поддршка од половина милион работници и спречив штрајк. Доколку бев комунист, тогаш ќе покренев револуција. Но, што сторив јас? Наместо тоа основав партија и синдикални центри."

Синдикалец  наместо револуционер

Во 1975 година Лула е избран за лидер на синдикатот на металопреработувачката индустрија. Пет години подоцна ја основа Работничката партија. По крајот на воената хунта (1964-1985), во 1987, Лула е избран за пратеник во Уставното собрание на бразилскиот Конгрес.

Поддржувачите на Болсонаропостојано го потенцираат овој период пред почетокот на неговата нагорна политичка кариера. Главната тема е тогашното воодушевување на Лула од кубанската влада и неговиот бунт против воениот режим, поради што во 1980 беше уапсен и пет недели поминал зад решетки.

„Постариот бран на Лула, Фреј Чико, повеќепати се обиде да го внесе Лула во Комунистичката партија. Дури му понуди и да работат заедно на основање тајна заедничка марксистичка организација. Но тој го одби. Лула велеше дека оној кој сака да го слуша него треба да се зачлени во синдикатот, дека не сака да зборува тајно по ќошиња во мали улички, туку сака да зборува отворено пред илјадници луѓе на стадионите,“ вели Мораис.

Жаир Болсонарно водеше оцрнувачка кампања против Лула да Силва
Жаир Болсонарно водеше оцрнувачка кампања против Лула да СилваФотографија: Andressa Anholete/Getty Images

Лула – многу повеќе социјалдемократ отколку комунист

Откако стана политичар, Лула се позиционираше се` поцентристички. Веројатно добро би се вклопил кај германските Социјалдемократи. Оттука не зачудува тоа што Бразилецот беше личен пријател со поранешниот германски канцелар, социјалдемократот Хелмут Шмит.

За време на неговото претседателствување (2003 – 2011) Лула водеше либерална економска политика. Истовремено, неговата влада силно инвестираше во социјални проекти како „Програмата нулта глад“.

Кога во 2003 година донесе амбициозна програма за реформирање на социјалното осигурување, Лула ги отстрани членовите на крајната левица од неговата партија кои одбија да гласаат за мерката. Не само тоа. Бразилските банки и големите компании забележаа рекордни профити за време на владеењето на Лула.

Фернандо Мораис не верува дека Лула во третиот мандат повторно со сите сили ќе се обидува да докажува дека не е комунист. „Тој веќе има кажано дека ќе даде оставка од претседателската функција само кога сите Бразилци ќе имаат по три оброка дневно, појадок, ручек, вечера. Тој ќе го продолжи она што го правеше и во претходните два мандата – да стави крај на гладот. Лула не треба повеќе од ова да докажува дека е спротивност од комунист."

Загриженоста на Бразил – нема втора Венецуела

Па сепак многу луѓе во Бразил се исплашени од идејата за комунизмот, додуша не како во САД каде Републиканците со децении ја „вртат истата плоча“ обвинувајќи ги Демократите за комунистички тенденции. Но, зошто само споменувањето на Куба, Никарагва и Венецуела предизвикува толку силна антипатија кај Бразилците од десниот центар во земјата со 271 милион жители? И како е можно Лула, кој осум години управуваше со Бразил спроведувајќи успешни политички и економски политики, сè уште да биде жигосан како комунист?

„Сметам дека овие кампањи само ги мобилизираат луѓето. Колку е голема опасноста во Бразил да се воведе политички систем како на Куба? Рамна на нула. Но пред се` кај конзервативните гласачи, а особено кај армијата, стравот од комунизмот е сè уште голем,“ вели Оливер Штункел, професор по меѓународни односи на Фондацијата Гетулио Варгас во Сао Паоло. Тоа е нејасен страв, додава тој. „Комунизмот треба повеќе да се разбере како крик кој ги привлекува и кој и` дава значење на кампањата."

Бразил Лула да Силва
Политиколозите сметаат дека  обидите за дискредитација на претседателот Лула како комунист полека ќе пропаднатФотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance

Страв од комунизам

Професорот Штункел е искусен набљудувач на изборите во Бразил. Во изминативе месеци, од Бразилците и Бразилките постојано слушаше за нивниот страв од комунизмот.

Поттикнувањето страв од комунизмот не е ништо ново. Уште од 1960-тите, екстремно десничарските елементи во Бразил го користат овој страв за да ги нападнат непријателите и да ја заплашат средната класа. За поддржувачите на Болсонаро денес, секој што се противи на продажбата на оружје и на полициското насилство е комунист.

„Се разбира, никој не веруваше дека ќе има експропријации доколку победи Работничката партија, но приврзаниците на Болсонаро сметаат дека Лула е левичарски радикал, исто како Џо Бајден, патем. Главно затоа што тој или Работничката партија никогаш не се дистанцираа од порадикалните системи како Венецуела, Куба или Никарагва ниту пак ги осудиле овие влади“, вели Штункел.

Многу Бразилци сè уште страхуваат дека левицата сака повторно да ја преземе власта водена од радикалните левичарски идеи. Политикологот Штункел пак смета дека  обидите за дискредитација на претседателот Лула како комунист полека ќе пропаднат. „Претпоставувам дека ова ќе ослабне и во одреден момент многумина ќе увидат дека ова е можеби повеќе левичарска, но не и комунистичка влада.“